У.бр.127/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 03 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 72 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството–пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 72 од Општиот колективен договор означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира членот 72 од пречистениот текст на Општиот колективен договор, според кој, печатењето, објавувањето и умножувањето на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството може да се изврши само со писмена согласност на потписниците на овој договор.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била противуставна и противзаконита и како таква не можела да опстојува во правниот поредок, затоа што согласно членот 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а законите и другите прописи се објавуваат во „Службен Весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Исто така, според членот 232 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи, колективните договори мора јавно да се објават, а општите и граѓанските договори и нивните измени и дополнувања се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.

Според преодната и завршна одредба на членот 73 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, овој колективен договор (пречистен текст) ќе се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата поставува прашање како можела воопшто да постои оспорената одредба и да се бара писмена согласност на потписни-ците за печатење, објавување и умножување, кога истиот веќе бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2014 од 01.08.2014 година и станал достапен на сите граѓани на Република Македонија?

Според тоа оспорениот член 72 од Договорот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 52 ставови 1 и 2 и член 54 став 1 од Уставот, како и со членот 232 од Законот за работните односи од кои причини подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата, а потоа и поништување на оспорената одредба.

Судот, со допис У.бр.127/2015 од 21.12.2105 година од Стамен Филипов побара да ја прецизира иницијативата, бидејќи во претходната постапка беше утврдено дека предмет на оспорување е одредба од пречистен текст на Колективниот договор, а не како службен текст на Договорот.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот на Република Македонија, Судот побара во рок од три дена по приемот на наведениот допис оспорената одредба да биде идентификувана според оригиналната нумерација и бројот на службените гласила на Договорот во кои истата е содржана и објавена.

На подносителот на иницијативата му беше укажано дека, согласно член 16 став 2 од Деловникот на Уставниот суд ќе се смета како иницијативата да не е поднесена, доколку во предвидениот рок не го отстрани утврдениот недостаток.

Наведениот допис подносителот на иницијативата го примил на 26.12.2015 година, а нова иницијатива во определениот рок е поднесена на 28.12.2015 година. Новата иницијатива е заведена под истиот деловоден број како првоподнесената иницијатива. Во оваа иницијатива различно е само означувањето на службените гласила, односно наместо бројот 115/2014 стојат броевите 150/2012 и 189/2013. Во останатата содржина двата поднесоци се сосема идентични.

3. Судот на седницата утврди дека, предмет на оспорување е член 72 од пречистениот текст на Општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2014).

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста законот и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причините за нивно оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај од подносителот на иницијативата беше побарано содржински и нумерички поблиску да ја определи оспорената одредба со означување на службеното гласило во кое е објавена. Подносителот до Судот достави нова иницијатива со означување на нови броеви на службените гласила (150/2102 и 189/2013) во кои, според него е објавен Колективниот договор. Новата иницијатива, без оглед на нејзината насловеност, од Судот доби третман на прецизирање, од каде двата поднесоци беа предмет на анализа под ист деловоден број.

Со увид во содржината на „Службениот весник на Република Македонија“ бр.150/2012 се утврди дека содржи пречистен текст на наведениот колективен договор, а со увидот во бројот 189/2013, се утврди дека во овој број е објавена измена и дополнување на горенаведениот пречистен текст на Договорот кои не се однесуваат на оспорениот член 72.

Врз основа на наведеното произлегува дека предмет на оспорување не е одредба содржана во пропис за кој Уставниот суд има надлежност да одлучува, туку одредбата е содржана во нормативно- технички акт, односно пречистен текст, за кој Судот нема надлежност да постапува од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот.

Исто така, иницијативата не го содржи еден од основните елементи утврдени во членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно нема правилно означување на оспорената одредба од каде Судот оцени дека се исполнети и условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.127/2015
03 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева