У.бр.21/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седница та одржана на 23 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) член 51 став 1 и став 2, во делот: „под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност“ од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, донесен од Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија на 28.05.2006, 25.05. 2007, 30.05.2009, 28.05.2011, 12.05.2012 и 18.05.2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2013), и

б) Кодексот за професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија, во целина и посебно точка 32, во делот: „но, ниту, по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели“.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, на ден 14.10.2006 година, во целина и посебно: член 13 став 1 алинеите 1, 4 и 10 и став 2, во делот: „Забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата ВЕБ страна, член 14 став 2, во делот: „и 13“ и во деловите: „1“ и „4“ и член 50 од Правилникот.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1. под а) и б) и точката 2. од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 51 став 1 и став 2 во оспо рениот дел од Статутот на Адвокатската комора не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7, член 51 став 2 и член 54 од Уставот од причина што не можело да се смета за рекламирање истакнувањето на податоци на адвокатот или адвокатско друштво на нивната лична Веб- страна, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност. Оспорениот дел од овој став на статутот бил неодржлив од уставно-правен аспект по повеќе основи, а посебно од причина што условите за остварување на право или обврска може да се определуваат само со Уставот и законите, а не со правилник.

Понатаму со иницијативата се оспорува и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, во целина и посебно точка 32 од истиот, од причина што Кодексот не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“. Имено, со тоа се доведувало во прашање правното дејство на овој акт, а дотолку повеќе што забраната за рекламни цели, што е содржана во точката 32, можела да се предвидува само во Уставот и Законот за адвокатура, а не во кодексот, што било во спротивност со член 8 став 2 од Уставот.

Оспорените одредби од Правилникот за дисциплинска одговорност биле неодржливи од уставно правен аспект бидејќи според член 19 од наведениот Закон, адвокатот имал право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Меѓутоа, тоа не значело дека адвокатот не може да наплаќа и договара и пониска награда за застапување и пружање правна помош спротивно на висината утврдена во Тарифата, како што е: материјалната неспособност на странката да ги плати трошоците и наградата, во случај кога се работи за сиромашна странка која не е во состојба да ја плати наградата.

Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно член 30 став 3 од Законот за адвокатурата, со акт на Адвокатската комора на Република Македонија поблиску се утврдувале повредите на вршење на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, а не како што тоа било определено во членот 13 од Правилникот за дисциплинска одговорност, да се предвидуваат други дисциплински повреди, покрај веќе определените во членот 30 ставовите 1 и 2 од Законот за адвокатурата. Така да со ваквиот начин на уредување на другите дисциплински повреди, Адвокатската комора ги надминала своите овластувања утврдени со закон.

Според тоа, член 13 став 1 алинеја 1 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот, членовите 2 став 3, член 19 и членот 30 од Законот за адвокатурата и точките 1 став 3 и 8 од Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија.

Што се однесува до дисциплинската повреда од член 13 став 1 алинејата 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не ги пријавувал лицата кои неовластено пружале правна помош до органите на АКРМ,според подносителот на иницијативата, ваквата одредба била во спротивност со членовите 15-22 од Законот за адвокатурата. Тоа значело дека адвокатите не биле должни и не спаѓало во нивниот делокруг да ги пријавуваат лицата кои неосновано пружаат правна помош до органите на АКРМ, затоа што тоа било обврска на самите органи на АКРМ, а не на адвокатите Потоа, таква обврска можело да се предвидува само со Уставот и законите, а не со Правилникот за дисциплинска одговорност.

Според тоа, членот 13 став 1 алинеја 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 53 од Уставот, членот 381-а од Кривичниот законик и членовите 15-22 од Законот за адвокатурата.

Дисциплинската повреда од член 13 став 1 алинеја 10 од Правилникот за дисциплинската одговорност – се рекламира спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите и бара странка на недостоен начин. Оттука, било каква забрана или ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а тоа значи и на адвокатот, можело да се предвидува само со Устав и закон, а не со правилник, а оспорениот дел: „бара странка на недостоен начин“ и тоа мора да биде предвидено во Уставот или законот, а не во правилник.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Човечкото достоинство не е само едно од субјективните човекови права, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Достојноста за вршење на адвокатската дејност, според наводите во иницијативата била еден од условите за запишување во Именикот на адвокатите, утврден во член 12 од Законот за адвокатурата, според кој во Именикот на адвокатите може да се запише лице, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност.

Според тоа, оспорениот член 13 став 1 алинеја 10 од Правилникот за дисциплинска одговорност, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7 и став 2, член 25, член 32 став 1, член 51, член 53, член 54 став 1 и член 55 ставовите 1 и 3 од Уставот и член 12 од Законот за адвокатурата.

Според оспорениот дел на член 13 став 2 од Правилникот за дисциплинска одговорност – забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата Веб- страна. Но, подносителот на иницијативата смета дека таквата забрана нема основ во Уставот и во Законот за адвокатурата.

Според тоа, оспорениот дел од овој став од Правилникот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и став 2, член 32 став 2, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот и Законот за адвокатурата.

Според член 50 од правилникот за дисциплинската одговорност, овој правилник влегува во сила со денот на неговото донесување од Управниот одбор на АКРМ.

Овој правилник бил донесен на ден 14.10.2006 година, но не е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ пред да влезе во сила, што не било во согласност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, со што се доведува во прашање целиот Правилник, и како таков, немал правно дејство.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на: член 51 став 1 и став 2, во делот: „под услови определени во правилникот за дисциплинска одговорност“ од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија, во целина и посебно точката 32, во делот: „но, ниту по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели“ и Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, на ден 14.10.2006 година, во целина и посебно член 13 став 1 алинеите 1, 4 и 10 и став 2, во делот: „Забрането истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата Веб- страна“, член 14 став 2, во делот: „и 13“ и во деловите „1“ и „4“ и членот 50 од истиот Правилник и истите да ги укине или поништи.

Воедно, со иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, врз основа на приоритет и итност (член 50 став 1 од Уставот), да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените подзаконски прописи, бидејќи со нивното извршување, би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.

4. Судот на седницата утврди дека според член 51 ставови 1 и 2 од Статутот забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми. Не се смета за рекламирање истакнување на податоци на адвокатот или адвокатското друштво на нивната лична ВЕБ страна на интернет, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност.

Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија содржи VII глави, со наслов:

I – Општи принципи,
II – Однос кон судот и другите органи,
III – Однос кон адвокатите и Адвокатската комора,
IV – Професионалните тајни,
V – Стручно усовршување, чување и подигање на личниот и морален углед,
VI – Односот на адвокатот кон адвокатските приправници и обратно, и
VII – Адвокатската канцеларија и фирмата на истата, како и завршни одредби.

Оспорената точка 32 од Кодексот предвидува дека фирмата на Адвокатската канцеларија но, ниту по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели.

Правилникот за дисциплинска одговорност вкупно содржи 50 члена кои се поместени во XI глави, со наслов:

I – Општи одредби,
II – Дисциплински органи,
III – Дисциплински повреди,
IV- Дисциплински мерки,
V – Застареност,
VI – Дисциплинска постапка,
VII – Постапка по жалба,
VIII – Записници,
IX – Вонреден правен лек,
X – Евиденција и извршување на дисциплинските мерки, и
XI – Преодни и завршни одредби.

Оспорениот член 13 од Правилникот, предвидува дека други дисциплински повреди се:

– наплаќа и договара пониска награда за застапување и пружање правна помош спротивно на висината утврдена со АТ на АКРМ (нелојална конкуренција),
– ако со правосилна пресуда е изречена казна за сторено кривично дело „навреда“ а делото е сторено спрема колеги, судии, претставници на државни органи или други институции, во вршењето на адвокатската професија,
– по писмено барање не ги врати на странката списите кои му се доверени и покрај тоа што странката ја платила наградата и трошоците,
– не ги пријавува лицата кои неовластено пружаат правна помош до органите на АКРМ,
– во своето работење постапува спротивно на одредбите од законот за спречување на перење пари и други приноси од казниви дела,
– не ја пријавил промената на седиштето на канцеларијата односно на адвокатското друштво,
– непостапување по обврските кои произлегуваат од одлуки на органите на АКРМ,
– непридржување и неисполнување на обврската за стручно усовршување предвидена со Закон за адвокатура и другите акти на АКРМ,
– не носи Тога во постапувањето пред судот,
– се рекламира спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите и бара странка на недостоен начин.

Не се смета за рекламирање спротивно на Кодексот и овој правилник објавувањето на основни податоци за адвокатот: објавување на Веб -страна на Интернет: име, презиме, адреса, телефон, област од дејноста, без наведување на цената на услугите и без истакнување на лични и професионални квалитети на адвокатот. Забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата Веб -страна.

Адвокатските стручни соработници и приправници одговараат за повредите од член 12 и 13 од овој Правилник извршени при нивното оспособување за самостојно вршење на адвокатска дејност, или при вршење на определени работи од адвокатската дејност доверени од адвокатот.

За повредите на работните обврски адвокатскиот стручен соработник и приправник одговараат пред органите на АКРМ, по поднесена пријава, согласно на овој правилник.

Според член 14 од Правилникот дисциплински мерки се:

– јавна опомена,
– парична казна во висина до десеткратен износ на годишна членарина,
– привремено престанување на правото на вршење на адвокатска дејност во траење до една година.

За повредите од член 12 и 13 од овој правилник може да се изрече дисциплинска мерка јавна опомена или парична казна во висина до десеткратен износ на годишната членарина, а за повредите од член 12 став 1 алинеја 2 и 6, став 3 алинеја 1 и став 4 и член 13 став 1 алинеи 1, 3, 4, 5, 7 и 9 може да се изрече и дисциплинска мерка привремен престанок на адвокатска дејност од шест месеци до една година.

Паричната казна секогаш се одмерува во полн износ на годишната членарина.

Во членот 50 од Правилникот се предвидува дека овој правилник влегува во сила со денот на неговото донесување од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според ставот 2 на член 8 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Во член 9 став 2 од Уставот се предвидува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок тоа го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Во членот 54 став 1 од Уставот се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на членот 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.

Со член 2 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/ 2011, 113/2012 и 148/2015), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).

Според член 34 став 2 точка 6 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија донесува акти на Комората и според точка 7 од истиот член на Законот Адвокатската комора донесува Кодекс на адвокатската етика.

Со член 37 од Законот се утврдува дека со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија се уредуваат, особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората, начинот и постапката за упис во Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, органите што ја водат дисциплинската постапка и нивната надлежност и постапката за изрекување дисциплинска мерка, актите и постапката за нивно донесување, водење на Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници и правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, како и одредбите за осигурување на адвокатите од одговорност за штета.

Според член 33 од Статутот, општи акти на Комората се: Статут на Комората, Кодекс на адвокатската етика, Тарифа за награда и надоместок за трошоците на адвокатите, Правилник за дисциплинска одговорност, деловници за работа на органи и тела на Комората, правилници и одлуки и други акти кои имаат карактер на општи акти.

Согласно член 34 од Статутот, актите на Комората мора да бидат во согласност со Уставот, Законот за адвокатурата и другите закони.

Според оспорениот член 51 од Статутот забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми. Не се смета за рекламирање истакнувањето на податоци на адвокатот или адвокатското друштво на нивната лична Веб страна на интернет, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност.

Од анализата на цитираните уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата по однос на член 51 став 2 од Статутот Судот оцени дека се неосновани, од следниве причини:

Статутот е највисок подзаконски акт и истиот се занимава со општо уредување на материјата од интерес на истиот. Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија е највисок општ акт на Адвокатската комора кој само дава рамка и упатува да со друг, понизок акт на комората се уреди определено прашање. Оттука, не може да се очекува дека со Статутот ќе се решаваат прашања кои не се од суштинско значење. Напротив, Статутот е акт кој содржи овластување таа материја подетално понатаму да биде разработена со понизок акт, што не е во спротивност со уставните норми.

Тргнувајќи од фактот дека членот 51 став 2 од Статутот на АКРМ определува што не се смета за рекламирање, а истовремено дава и можност со понизок акт да се определи под кои услови ќе се уреди рекламирањето, Судот оцени дека не постои повреда на одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, поточно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Членот 51 од Уставот кој определил дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност и со Уставот и со законот, како и дека секој е должен да го почитува Уставот и законите. Меѓутоа, според Судот, подносителот на иницијативата воопшто не се потруди да даде доволно аргументи за да упати на утврдување на околноста во што се состои несогласеноста на одредбата од став 2 на член 51 од Статутот на АКРМ со оваа уставна одредба.

Подносителот на иницијативата наоѓа дека е повредена и одредбата на член 53 од Уставот според која адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Исто така, не е дадено никакво образложение зошто оспорениот дел на став 2 од член 51 на Статутот би бил во спротивност со оваа одредба. Напротив, Судот оцени дека оваа уставна одредба оди во прилог на сосема спротивното стојалиште од она што го зазема подносителот на иницијативата, оди во поткрепа на автономијата на адвокатурата да самостојно ја уредува својата внатрешна организација, правила на однесување и постапување. Според Судот, подносителот на иницијативата само посочува уставни одредби за кои смета дека оспорената статутарна одредба не е во согласност со истите, без да даде било какво образложение.

Самостојноста на адвокатурата за внатрешно уредување и носење на акти на комората не произлегува само од одредбата на член 53 од Уставот на Република Македонија, но и од членот 5 на Законот за адвокатура кој определува дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Според тоа, Законот за адвокатура и дава право на Адвокатската комора, самостојно и автономно да ги носи своите акти, како и самиот Кодекс на адвокатска етика.

Од овие причини Судот оцени дека оспорените одредби од Статутот се во согласност со Уставот и со Законот за адвокатура, па оттука неоснована е иницијативата на подносителот Стамен Филипов за покренување на постапка за оценка на нивната уставност .

Подносителот на иницијативата го оспорува и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора во целина, а особено во делот на одредбата од точка 32 од истиот според која фирмата на адвокатската канцеларија мора да биде истакната на зградата каде што е сместена канцеларијата, но, ниту по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели.

Подносителот на иницијативата го проблематизира фактот дека Кодексот на адвокатската етика не бил објавен во Службен весник на Република Македонија, што не било во согласност со одредбите на член 52 став 1 и 2 од Уставот според кои одредби законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Во иницијативата се наведува дека Кодексот воопшто не може да биде во правна сила од причина што не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“. Меѓутоа, според Судот, не може да се стави знак на равенство помеѓу поимот „друг пропис“ и актите на комората помеѓу кои се вбројува и Кодексот на адвокатската етика.

Имено, кога станува збор за објавување на закони и други „прописи”, според Судот, истото не се однесува и на актите на здруженија на граѓани, на акти на правни лица, на комори, синдикати и слично. Под други акти се сметаат уредбите кои ги донесува Владата, правилници и други прописи со кои се спроведуваат законите, кои ги носат Владата и Министерствата и други органи на управа, а кои секако задолжително мора да се достапни на граѓаните.

Адвокатската комора нема обврска да ги објавува своите акти, освен доколку за тоа не постои посебна обврска во законот.

Законот за адвокатура единствено предвидел обврска за објавување од страна на Адвокатската комора на Република Македонија на висината на коморскиот уписен влог, а која обврска произлегува од одредбата од член 36 став 1 од Законот за адвокатура. Според наведената одредба од Законот висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија.”

По однос на наводите истакнати во врска со Правилникот за дисциплинска одговорност, Судот оцени дека истите не можат да бидат основ за мериторно впуштање во оценка на наводите од причина што оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно истиот не се однесува на неопределен број на граѓани (erga omnes),туку само и исклучиво на членовите на Адвокатската комора (inter partes), поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по однос на овој оспорен акт во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот, поради ненадлежност.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот :Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.Решението во делот по однос на член 51 став 1 од Статутот и по однос на Правилникот за дисциплинска одговорност е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.21/2015
23 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.21/2015