У.бр.50/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 16 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 77 став 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011, 187/2013); и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 77 став 8 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. „Техно-инетерекспорт Душко“ ДООЕЛ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, во оспорената одредба од став 8 на член 77 од Законот за извршување, правниот лек бил ограничен само на неправилности сторени при преземени извршни дејствија од страна на извршителот, а немало правен лек поради непреземање на извршни дејствија кои извршителот согласно Законот, требало да ги преземе, иако и непреземањето на извршно дејствие можело да предизвика штетни последици за странките. Со тоа било повредено правото на ефикасен правен лек од член 15 и член 50 од Уставот и член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Во врска со одредбатa од членот 77 став 5, подносителот смета дека со тоа што вложениот приговор се доставувал не само до странките, туку и до извршителот, се повредувало уставното начело на самостојност и независност на судовите од член 98 од Уставот. Покрај тоа, согласно тарифата, извршителот имал право на паричен надоместок од 45 евра за даден одговор по приговор, со што му било овозможено извршителот со јавно овластување да врши приватен бизнис, бидејќи колку повеќе неправилности биле сторени, толку повеќе приговори и одговори на приговори биле поднесувани, што значело и поголема добивка за извршителот. Подносителот смета дека извршителот во постапката за извршување претставува судија кој е професионално заинтересиран извршните дејствија што ги презел, а кои што биле нападнати од некоја странка со приговор, да останат во сила, а приговорот да биде одбиен или отфрлен. Но, со тоа што оспорената одредба му давала право на извршителот, по вложен приговор да учествува во постапката и за тоа да добие надоместок, тој го штител својот професионален интерес, а не интересот на доверителот или должникот. Подносителот исто така смета дека независноста била повредена и со тоа што извршителот учествува во понизок степен на одлучување со преземените извршни дејствија, а по истиот предмет учествува и во повисокиот степен на одлучување кога се одлучува по приговорот.

Со цел да се спречи во постапките по вложен приговор да учествува извршителот кој не е странка во постапка, а е професионално заинтересиран за исходот во постапката, со иницијативата се предлага да се определи времена мерка. Со определувањето на времена мерка ќе се спречеле натамошни суштествени повреди на Законот за парнична постапка (член 392 став 1 точка 3) односно ќе се спречело во постапката да учествува лице кое не е странка. Поради оваа повреда било дозволено да се повтори парничната постапка, но фактот што повторување на постапката не било можно при извршувањето, претставувало дополнителен аргумент за изрекување на времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 5 на член 77 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011, 187/2013), приговорот се доставува до странките, учесниците и извршителот на одговор, заедно со поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување на странките и учесниците пред судот, ако е утврдено тоа.

Според оспорениот став 8 на истиот член од Законот за извршување, претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005) влегол во сила на 26 мај 2005 година, а неговата примена согласно членот 240 започнала 1 година од денот на неговото влегување во сила, односно од 26 мај 2006 година.

Овој закон претрпел повеќе измени и дополнувања објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 ,171/2010, 148/2011 и 187/2013).

Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврската, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Овој закон се применува и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарските исправи и други извршни исправи предвидени со закон. Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и воздухоплов.

Согласно членот 2 став 1 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа. Согласно ставот 3, извршувањето започнува по барање од доверителот. Извршување на извршната исправа може да се спроведува само кај еден извршител (став 4).

Во членот 3 од Законот е определено дека извршителот го спроведува извршувањето. Извршителот не смее да го одбие спроведувањето на извршувањето, освен во случај ако се исполнети условите за негово изземање и ако има сознание дека за истата извршна исправа се спроведува извршување кај друг извршител.

Согласно член 11 точка 6, „извршител”, „заменик на извршител” и „помошник на извршител” се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно со одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.

Во членот 27 став 2 од Законот е определено дека извршителот е должен да постапува по барањето за извршување. Со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

Во членот 28 од Законот е определено дека доверителот во текот на постапката може, без согласност на должникот, да го повлече барањето за извршување во целост или делумно, освен во случаите кога со повлекувањето на барањето се злоупотребуваат правата на доверителот. Во тој случај извршителот ќе го запре извршувањето. Доверителот по повлекување на барањето може да поднесе ново барање за извршување.

Според членот 43 од Законот, извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката или спрема трети лица, со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон.

Гаранција за независноста и непристрасноста на извршителот се и одредбите од членот 44 од Законот кои ги определуваат основите за изземање на извршителот. Според оваа одредба, извршител, заменик на извршител и помошник на извршител не може да презема дејствија во конкретен предмет, ако:

– е странка, законски застапник или полномошник на странката, ако со странката е во однос на сосопственик, солидарен должник, или регресен должник, или ако бил сослушан како сведок или вештак, или учествувал во донесувањето на судската или пак одлуката на друг орган;

– странката, законскиот застапник, или полномошникот на странката му е роднина по крв во права линија до кој и да е степен, а во странична линија до четврти степен, или му е брачен или вонбрачен другар, или роднина по сватовство до втор степен, без оглед дали бракот престанал или не и

– е старател, посвоител, посвоеник, хранител или храненик на странката, на нејзин законски застапник или полномошник.

(2) Доколку извршител, заменик на извршител или помошник на извршител постапувал спротивно на ставот (1) од овој член, преземените дејствија од страна на надлежен суд во парнична постапка ќе бидат прогласени за ништовни.

Во членот 46 од Законот е определено дека извршителот за извршените дејствија има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот.

Според членот 54 од Законот за извршување, извршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење, ако со своето однесување при спроведување на извршувањето врши повреда на службената должност, предвидена во Законот за извршување, подзаконските акти и актите на Комората, со кои се уредува работењето на извршителот. Нестручно постапување е повреда на законот, со кое при спроведувањето на извршувањето извршителот предизвикува повреда на правата на странките во постапката или на трети лица. Несовесно постапување е постапување спротивно на етичките норми, професионалните стандарди и правила на извршителската должност.

Во членот 77 од Законот за извршување, чии ставови 5 и 8 се оспорени со предметната иницијатива се уредени прашањата кои се однесуваат на приговорот против неправилности при извршувањето.

Член 77 гласи:

(1) Странката или учесникот којшто смета дека при извршувањето се сторени неправилности може да поднесе приговор до претседателот на основниот суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.

(2) Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на неправилноста, но не подоцна од 15 дена по завршувањето на извршувањето.

(3) Претседателот на судот одлучува по приговорот во рок од 72 часа по приемот на приговорот.

(4) По потреба претседателот на судот може да одлучи да ги сослуша странките и учесниците и извршителот.

(5) Приговорот се доставува до странките, учесниците и извршителот на одговор, заедно со поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување на странките и учесниците пред судот, ако е утврдено тоа.

(6) Претседателот на судот донесува решение по приговорот во рокот определен во ставот (3) на овој член, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или пак изјавила дека истиот не го оспорува.

(7) Со решението претседателот на судот, може приговорот да го одбие или да го усвои.

(8) Претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила преземените извршни дејствија.

(9) Претседателот на судот со решението не може да го запре извршувањето, да укинува извршни дејствија, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија (оспорен став).

Од наведените одредби од Законот за извршување произлегува дека со донесувањето на овој закон, во Република Македонија се воспостави нов систем на извршување преку приватни извршители како лица со јавни овластувања со што се напушти судската извршна постапка. Извршителите согласно законот се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија. При тоа, извршителот е самостоен бидејќи законот му дава овластување тој самиот да ги избере средствата на извршување и предметите на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

Оспорените одредби од членот 77 став 5 и став 8 се токму израз на самостојната положба на извршителите во процесот на извршувањето, што овозможува побрзо и поефикасно спроведување на извршувањето и намирување на доверителите. Ова претставува реформско решение во споредба со судската извршна постапка која се темелеше на принципот на заштита на должникот и во која доверителите зависеа од судските извршители без каква и да е можност да влијаат врз забрзувањето на процесот на присилно извршување.

Имено, со оглед на тоа што извршителот како лице со јавни овластувања самостојно ги избира средствата и предметите за извршување во зависност од материјалната состојба на должникот, произлегува дека извршителот е единствената личност која ги има на располагање сите факти и податоци за конкретното извршување како и за имотната состојба на должникот како основен предуслов за преземање на извршните дејствија. Оттука и во постапката за одлучување по приговорот за неправилности при извршувањето е неопходно приговорот да се достави, освен на странките, и на извршителот, бидејќи тој непосредно го спровел извршувањето по повод кое странката поднела приговор. Со давањето одговор на приговорот од страна на извршителот, не се повредува самостојноста и независноста на судот при одлучувањето по приговорот, бидејќи судот е тој кој што ја донесува конечната одлука по приговорот врз основа на фактите и доказите што му се доставени. Она на што укажува подносителот на иницијативата, дека вложените приговори не се доставуваат до спротивната странка на одговор, а се доставуваат до извршителот, е прашање на примена на законот, односно произлегува од неправилната примена на оспорената законска одредба од членот 77 став 5 од Законот за извршување, но поради тоа не може да се постави прашањето на неуставност на одредбата.

За Судот, исто така, се неприфатливи и наводите во поднесената иницијатива дека со давањето одговор по приговор од страна на извршителот тој добива парична награда за сторената повреда, односно дека му е овозможено со јавно овластување да врши приватен бизнис. Ова од причина што извршителите, исто како и нотарите и адвокатите вршат високо стручна и одговорна правна професија во која за извршените дејствија и услуги согласно законот имаат право на надоместок во вид на награда. Изготвувањето на одговор на приговор, освен ангажирањето на стручно знаење, време и енергија, предизвикува и материјални трошоци, поради што на извршителите им е призната награда и надоместок на трошоците по овој основ, во висина утврдена со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите.

Поради наведеното Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 77 став 5 од Законот за извршување со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од член 77 став 8 од Законот за извршување, веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.162/2014 од 18 март 2015 година, не повел постапка за оценување на нејзината уставност. Во наведеното решение, Судот оценил дека: „право е на законодавецот да утврди кои дејствија може да ги презема, а кои не претседателот на судот кој одлучува по приговорот против направените неправилности од страна на извршителот. Таксативното наведување што не може да утврди претседателот на судот од ставовите 8 и 9 од членот 77 од Законот кои се оспорени со иницијативата, според мислењето на Судот е во насока на брзо, стручно и ефикасно извршување на одлука на суд или орган,односно, функционален и ефикасен систем на извршување. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 77 ставовите 8 и 9 од Законот за извршување со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата“.

Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива одредбата од членот 77 став 8 се оспорува од истите причини како и во предметот У.бр.162/2014, и во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.50/2015
16.12.2015 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева