Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 декември 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цената за одведување и прочистување на отпадни води во с.Ѕвегор, бр.09-1633/1, донесена од Советот на Општина Делчево на 26 август 2015 година.
2. Николчо Атанасовски од Делчево до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, со член 121 ставовите 1 и 3 од Законот за управување со комунален отпад и член 24 став 1 алинеја 3 од Законот за комунални дејности. Ова од причина што Советот на Општината ја утврдил цената на услугата паушално во висина од 100,00 денари по домаќинство кое користи канализационен систем без разлика на количината на отпадната вода која се одведува и прочистува од што произлегува дека корисниците се доведени во нееднаква положба.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 24 став 1 алинеја 3 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 22 точка 25 од Статутот на Општина Делчево, Советот на Општина Делчево на седницата одржана на 26 август 2015 година, донел Одлука за утврдување на цената за одведување и прочистување на отпадни води во с.Ѕвегор.
Во членот 1 од Одлуката е утврдено дека со оваа одлука се утврдува цената за одведување и прочистување на отпадни води во с.Ѕвегор (користење на канализационен систем).
Комуналната услуга одведување и прочистување на отпадни води се изразува во денари на м3/вода (член 2).
Според членот 3 од Одлуката бидејќи корисниците на оваа услуга немаат водомерни инструменти, за одведување на отпадните води ќе се наплатува паушално во висина од 100,00 денари по домаќинство кое користи канализационен систем.
Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека наплатата и одржувањето на канализациониот систем ќе го врши ЈПКД „Брегалница“ Делчево и истото правно лице е должно да склучи договор со корисниците на услугата.
Согласно член 5 од Одлуката, таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на Општина Делчево“, а ќе се применува од 01.10.2015 година.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Во членот 1 од Закон за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 163/2012, 42/2014, 44/2015 и 147/2015) е определено дека со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности.
Согласно членот 2 од Законот, комуналните дејности се дејности од јавен интерес.
Во членот 5 од Законот се определени комуналните дејности, меѓу кои во точката 4) изградба на канализациона мрежа, одведување и испуштање на атмосферски води, под што се подразбира прифаќање на атмосферските води од урбани површини, одведување со канализациона мрежа и испуштање во реципиент.
Во членот 6 од Законот е определено дека условите и начинот на вршење на комуналните дејности од членот 5 од овој закон се пропишуваат со овој закон и посебните закони со кои се пропишани условите и начинот на вршење на одделни комунални дејности.
Во членот 14 од Законот за комунални дејности, направена е поделба на комуналните услуги на комунални услуги за задоволување на индивидуалната потрошувачка и комунални услуги за задоволување на заедничката потрошувачка.
Во членот 21 од Законот е определено дека средствата за финансирање и развој на комуналните дејности се обезбедуваат, меѓу другите извори и од надоместок (цена) за дадена комунална услуга за индивидуална комунална потрошувачка утврдена со закон.
Согласно членот 22 од Законот, за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка од членот 14 став (1) од овој закон се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделни комунални дејности. Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува давателот на комуналната услуга по претходно добиена согласност од општините, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, односно Владата на Република Македонија за јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија.
Според членот 23 од Законот, од надоместокот за користење на комунални услуги од индивидуална комунална потрошувачка се обезбедуваат средства, меѓу другите, и за вршење на комуналната дејност одведувањето и пречистувањето на отпадните води, а според членот 24, надоместокот за користење на комуналните услуги од индивидуалната комунална потрошувачка од членот 14 став (1) од овој закон се пресметува во мерни единици, и тоа за одведување и прочистување на отпадни води во денари по метри кубни.
Според членот 25 од Законот, за користење и одржување на објектите на комуналната инфраструктура, како и давањето на заедничката комунална услуга од членот 14 став 2 од овој закон се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделни комунални дејности.
Од надоместокот меѓу другите, се финансираат и комуналните дејности одржување на јавната чистота на јавните површини, и комуналната дејност прифаќање, одведување и пречистување на отпадни и атмосферски води.
Согласно членот 26 од Законот, висината и начинот на наплата на надоместокот од членот 25 од овој закон ја утврдува општината, односно Градот Скопје. Висината на надоместокот се утврдува во зависност од видот и обемот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата и степенот и видот на услугата. Надоместокот од ставот 1 на овој член го плаќаат сопствениците, односно корисниците на станбен и деловен простор. Средствата од надоместокот од ставот 1 на овој член се приход на општината, односно Градот Скопје и се користат за изградба и одржување на објектите за заедничка комунална потрошувачка.
Во член 24 од Законот за јавната чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011, 80/2012, 163/2013, 44/2015 и 147/2015) е определено дека за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок. Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на градот Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата, обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје. Советот на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член.
Во врска со наводот од иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со членот 121 став 1 од Законот за управување со комунален отпад („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 107/2007, 102/2008, 143/2008, 124/2010 и 51/2011,163/2013, 51/2015,146/2015 и 156/2015) беше извршена анализа и на овој закон, при што е утврдено дека овој закон не се однесува, односно, оспорената одлука не може да се гледа наспрема наведениот закон. Ова од причини што во членот 2 „Примена на законот“ одредбите од овој закон се однесуваат на сите видови отпад наведени во Листата на видовите отпад, освен на: 1) радиоактивниот отпад; 2) отпадот што настанува при истражување, експлоатација, преработка и складирање на минералните суровини и работа на каменоломите; 3) гасовите што се испуштаат во атмосферата; 4) отпадните води, со исклучок на течниот отпад; 5) животинскиот отпад (трупови, ѓубриво, измет итн.), како и другите видови безопасни материјали од природно потекло, коишто можат да се искористат во земјоделството и 6) деактивираните експлозивни и распрскувачки средства и материи.
Во членот 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2013, 10/2015 и 147/2015), е предвидено дека со овој закон се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот систем, изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, како и надзор над спроведувањето на овој закон.
Според членот 2 од наведениот закон,покрај другото,целта на овој закон е: – соодветно пречистување на индустриски отпадни води пред нивно испуштање во реципиентот и – преку одведување на урбаните отпадни води да се обезбеди заштита од негативните ефекти од нивното испуштање.
Во членот 3 од Законот е утврдено значењето на одделни поими кои се употребуваат во наведениот закон:
3) “одведување на урбани отпадни води” е собирање на отпадните води од станбените, деловните, производните, административните и на нив слични простори во агломератот, од приклучокот на дворната мрежа, одведување со улична канализациона мрежа, пречистување во пречистителни станици и испуштање на отпадните води во реципиентот.
4) “реципиент” е секоја проточна и стоечка вода на површината на земјата во која се испуштаат урбаните отпадни и атмосферски води;
9) “урбани отпадни води” се отпадни води од домаќинства, индустриски отпадни води и атмосферски води, односно мешавина од отпадни води од домаќинства, индустриски отпадни води и/или атмосферски води;
10)”отпадни води од домаќинства” се отпадни води од станбени населби и од сервисните капацитети, кои што главно потекнуваат од човечкиот метаболизам и од активностите во домаќинствата;
12) “атмосферски води” се сите површински води предизвикани од атмосферските врнежи кои преку сливниците се слеваат во атмосферската канализација;
13) “канализационен систем” е збир на хидротехнички објекти и тоа: колектори, магистрални канали, улична канализациона мрежа, атмосферска канализациона мрежа, црпни станици, сифони и постројки за пречистување на урбаните отпадни води;
14) “канализациона мрежа на корисникот на услугата” е внатрешна канализациона мрежа во објектот на корисникот вклучувајќи ја и приклучната шахта;
15) “канализационен приклучок” е спојот на канализационата мрежа на корисникот на услугата со улична канализациона мрежа;
16) “давател на услуга” е јавно претпријатие основано од општината, односно градот Скопје, Владата на Република Македонија или од друго правно лице, во кое доминантен капитал има Републиката, општината или градот Скопје, кое ги исполнува условите за вршење на дејноста согласно со закон.
17) “корисник на услуга” е правно или физичко лице сопственик на станбен, деловен, производствен, административен и на нив сличен објект вклучувајќи го и куќниот совет приклучен на водоводна и/или канализациона мрежа, како и јавните комунални претпријатија приклучени на регионалните водоснабдителни системи.
Во членот 4 од Законот е утврдено дека:
(1) Снабдувањето со вода за пиење, како и одведувањето на урбани отпадни води во реципиентот се дејности од јавен интерес.
(2) Снабдувањето со вода за пиење се врши преку водоснабдителен систем, а одведувањето на урбани отпадни води во реципиентот се врши преку канализационен систем со кои управува давателот на услугата.
Во членот 5 од Законот е предвидено дека:
(1) Давателот на услугата врши:
– снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата;
– одведување на урбани отпадни води во реципиентот, со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа, пречистување и испуштање во реципиентот
– одведување на атмосферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбаните површини, со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и
– управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.
“(2) За вршење на дејностите од ставот (1) на овој член давателот на услугата и корисникот на услугата склучуваат договор со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски.”
Во членот 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води е предвидено дека:
(1) Средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем.
(2) Цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м З.
(3) Цената од ставот (2) на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води, трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште, експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања, капитални инвестиции, каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци.
(4) Определувањето на висината на цената се врши со методологија, а врз основа на следниве критериуми: – потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и – категории на корисници на услугата.
(5) Потрошувачката на водата за пиење, како просечна потрошувачка по член на семејно домаќинство ја определува советот на општината и Градот Скопје.
(6) Цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка (прекумерна потрошувачка на водата за пиење) се зголемува за два пати.
(7) Цената ја определува давателот на услугата, по претходна согласност на основачот.
(8) Цената се определува како:
– надоместок за м/3 вода за пиење со одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води;
– надоместок за м/3 само вода за пиење и
– надоместок за м/3 само за одведување на отпадни води и атмосферски води од домаќинствата и индустриски отпадни води.
(9) Методологијата за утврдување на цената од ставот (4) на овој член, ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.
Тргнувајќи од анализата на Законот за комунални дејности како и Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, произлегува дека одведувањето и прочистувањето на отпадните води е комунална дејност од јавен интерес за што корисниците се должни да плаќаат надоместок изразен во м/3 во случаите кога корисниците на услугата имаат вградено мерни инструменти.
Во конкретниов случај, доносителот на актот во членот 2 од оспорената одлука определил дека надоместокот за одведување и прочистување на отпадните води ќе се пресметувал во м/3,а во ставот 3 од одлуката определил плаќање на паушал во висина од 100 денари поради тоа што корисниците немале водни инструменти-водомери.
Оттука, Судот оцени дека утврдувањето на надоместокот во паушален износ по семејство е во рамките на законите,а што е соодветно на утврдената фактичката состојба на која укажува и Советот на Општина Делчево дека корисниците во с.Sвегор немаат поставено мерни инструменти ,а притоа ги користат или ќе ги користат услугите на јавното претпријатие кое стопанисува со водоводниот систем, односно, со канализациониот систем.
Ова дотолку повеќе што за разлика од членот 6 од Законот за снабдување на вода за пиење и одведување урбани отпадни води каде за овој вид на услуга се плаќа надоместок по м3, во членот 26 од Законот за комуналните дејности не е определена мерната единица за овие услуги, туку е определено дека висината на надоместокот се утврдува во зависност од видот и обемот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата и степенот и видот на услугата, а со цел заштита на животната средина и природата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот и законите на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.88/2015
16 декември 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева