Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 3 декември 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 точка 13 во делот „или пензија“ и член 10 став 1 точка 16 во делот „или пензија“ од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015).
2. Панче Смилев од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, обврската од оспорените одредби за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и придонес за задолжително здравствено осигурување од страна на корисниците на пензија, била спротивна на член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Имено, корисниците кои веќе го оствариле своето право согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за задолжително социјално осигурување, се ставале во нерамноправна положба со фактот што доколку остварувале приходи од извршување на физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои бил определен надоместок за извршена работа, станувале обврзници за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, иако веќе во својот стаж ги оствариле овие права.
Покрај ова, оспорените одредби не биле во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото и правната сигурност како дел од оваа темелна вредност.
3. Судот на седница утврди дека според член 7 став 1 точка 13 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015), обврзник за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување е лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.
Согласно член 10 став 1 точка 16 од истиот закон, обврзник за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување е лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд, со Решението У.бр.43/2015 од 23.09.2015 година, меѓу другото, ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 точки 13 – 15 и член 10 став 1 точки 16 – 18 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015).
Од страна на Судот, иницијативата е отфрлена врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија поради постоење на процесни пречки за постапување по овој дел од иницијативата. Ова оттаму, што со член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015) и член 3 став 3 од истиот закон, оспорените одредби се бришат и повеќе не се дел од правниот поредок.
Имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 7 став 1 точка 13 во делот „или пензија“ и член 10 став 1 точка 16 во делот „или пензија“ од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2013, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.27/2015
3 декември 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Mакедонија,
Елена Гошева