У.бр.61/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 03 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на

а) член 24 став 7 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 24/2008- пречистен текст, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 60/2011-пречистен текст, 144/2012, 55/2013, 70/2013-пречистен текст, 163/2013 и 42/2014) и целината на законот и

б) член 35 став 10 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014 и 44/2015) и целината на законот.

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на одделни одредби и целината на законите означени во точката 1 на ова решение.

Подносителот на иницијативата го оспорува членот 24 став 7 од пречистениот текст на Законот за просторното и урбанистичкото планирање,меѓутоа предмет на анализа во рефератот ќе биде истата одредба од основниот текст на Законот со сите измени и дополнувања.

Според наводите на подносителот на иницијативата кој ги цитира оспорените ставови на Законот за просторното и урбанистичкото планирање и целината на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 199/2014) не биле во согласност со Уставот на Република Македонија од причини што во Комисијата која ги разгледувала приговорите на физичките и правни лица по нацрт-плановите учествувал и изработувачот на планот и што во Законот не била предвидена жалба до второстепениот орган во случаи кога Комисијата ќе го одбие приговорот, а потоа и тужба до Управниот (Уставниот) суд.

Понатаму, подносителот образложува зошто членот 24 став 7 и членот 35 став 10 од наведените закони не биле во согласност со Уставот,односно дека во Комисијата која ги разгледувала забелешките од планот не требало да учествува и изработувачот на планот и бара во ставот (10) односно (7) место планерот, потписник на планот кој се донесува да биде друго лице овластено за изработка на урбанистичките планови.

Воедно, подносителот на иницијативата бара во законите за просторно и урбанистичко планирање да се предвиди жалба до второстепената Комисија која врши ревизија на урбанистичкиот план на која жалба образложено да се одговори како и тужба до Управниот (Уставниот) суд во врска со донесувањето на урбанистички планови од член 7 точка 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителот на иницијативата во поднесокот покрај општите ги наведува и личните причини за оспорување на ставовите 7 односно 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради кои тој не можел да ги оствари своите права, а со тоа се повредувале одредбите од член 8, 9 и 50 од Уставот на Република Македонија како и член 6 и 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Во понатамошниот дел од иницијативата подносителот дава образложение од кои причини изработувачот на планот не треба да учествува во Комисијата која ги разгледува приговорите на граѓаните при донесување на урбанистичките планови, како и потребата за постоење на правен лек жалба, во случај кога приговорот на граѓанинот е одбиен.

Подносителот на иницијативата се повикува и на член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и наведува дека во случај Судот да одлучи да поништи некои од оспорените одредби од Законот тоа да се однесува и на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, од причина што тој анкетниот лист го поднел во 2011 година кога важел тој закон, а со цел да ја повтори постапката.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 24 став 7 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/05, 137/07, 151/2007, 24/2008 – пречистен текст , 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 60/2011 – пречистен текст, 144/12, 55/2013, 70/2013 – пречистен текст, 163/2013 и 42/2014), „Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот (1) на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“.

Понатаму, Судот утврди дека со донесување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија “ бр.199/2014) престана да важи претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Имено во членот 133 од Законот од 2014 година е предвидено дека со денот на отпочнување на примена на овој закон престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), освен одредбата од член 29-а став (1) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14) која ќе се применува до 1 јуни 2015 година.

Во членот 135 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 мај 2015 година, освен одредбата од член 51 став (4) на овој закон која ќе започне да се применува во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 35 став 10 од Закон за просторно и урбанистичко планирање, кој е во сила, е предвидено дека „За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорените одредби од член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 24/2008- пречистен текст, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 60/2011-пречистен текст, 144/2012, 55/2013, 70/2013-пречистен текст, 163/2013 и 42/2014) и целината на Законот за просторно и урбанистичко планирање во („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.199/2014 ) и целината на наведениот закон, наспрема наводите изнесени во иницијативата, Судот смета дека причините поради кои се оспоруваат членовите и целината на наведените закони е надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

Со оглед на фактот што во конкретниов случај се оспоруваат наведените членови и целината на законите од причини што во наведените членови било предвидено во Комисијата која ги разгледувала приговорите на граѓаните по урбанистичките планови да учествува и лице претставник на изработувачот на планот, наместо друго стручно лице како и тоа што по даденото известување по приговорите на граѓаните не била предвидена жалба, односно тужба или поточно речено се оспорува содржината на наведените норми и наведените закони кои не се со таква содржина како што смета подносителот дека би требало да бидат,Судот утврди дека се исполнети условите согласно членот 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата да биде отфрлена.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2015
3 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева