Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2015 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на лицето Славе Димитров од Скопје за заштита на слободата на уметничкото изразување, според него, повредена со пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје ХХV К.бр. 2171/14 од 16.12.2014 година и пресудата на Апелационен суд Скопје КЖ.бр.332/15 од 27.05.2015 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Славе Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уметничкото изразување повредени, според подносителот на барањето, со пресудите означени во точката 1 од оваа одлука.
Според наводите на подносителот на барањето, со означените пресуди се повредувала и ограничувала уставната слобода на изразување од сферата на уметничкото убедување, на која секој човек имал право според член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.
Во барањето се цитираат член 8, член 11, член 16, член 25, член 47, член 50, член 54, член 98, член 110 и член 118 од Уставот, член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, член 6-бис и член 11-бис од Бернската конвенција за заштита на литературните и уметничките дела, член 14, член 15, член 135 став 1 и член 137 од Законот за авторско право и сродни права, член 25 и посебно ставовите 2 и 5 како и член 38 став 4 од Правилникот за заштита на авторските права и распределбата на авторски надоместоци.
Подносителот на барањето појаснува дека со нотарски акт ОДУ.бр.75/00 од 26.07.2000 година го ополномоштил Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) да го застапува пред корисниците на неговите авторски дела. Во предметот што се водел пред редовните судови, тој како автор го пријавил Здружението, бидејќи тоа како обвинето правно лице и директорот како одговорно лице биле должни да преземаат дејствија за кои биле овластени од оштетениот, во оваа постапка барател, односно да постапуваат само во рамките на дадените овластувања.
Со првостепената пресуда обвинетите Здружението за заштита на авторски музички права од Скопје и Зоран Васковски согласно член 368 точка 1 од Законот за кривичната постапка биле ослободени од обвинение дека во повеќе наврати во текот на септември 2000 година па се до јули 2005 посегнале по туѓо авторско право, на начин што наспроти уредно определената категоризација на авторските дела од страна на оштетениот Славе Димитров, злоупотребувајќи ги дадените законски овластувања за застапување на авторските имотни интереси, без негово барање или дозвола ги прекатегоризирале неговите авторски дела со што ја намалиле висината на бодовите на користените авторски дела на оштетениот. На тој начин би прибавиле значително поголема имотна корист од 3.272.811,05 денари на штета на авторот Славе Димитров со што би сториле по едно продолжено кривично дело – Повреда на авторското право и сродните права од член 157 ставови 1 и 3, в.в. со член 45 од Кривичниот законик.
Согласно член 102 став 3 од Законот за кривична постапка оштетениот, сега подносител на барањето, се упатува дека имотно правно барање може да го остварува во спор.
Во барањето за заштита на слободите и правата се наведуваат изведените докази и решителните факти врз основа на кои била донесена првостепената пресуда и се појаснува дека Судот при одлучувањето во целост го игнорирал Уставот, Законот за авторските права и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996 и неговите измени) Статутот на правното лице и Правилникот за заштита на авторските права), а пресудата ја засновал на Деловникот за работа на Одборот на ЗАМП. Судот заклучил дека постапувањето на обвинетиот Зоран Васковски нема карактер на злоупотреба на дадените овластувања од авторот-Славе Димитров, од причини што категоризирањето на делата на авторот било извршено во целост согласно со наведените и важечки акти на обвинетото правно лице ЗАМП, односно не можело да стане збор за направена прекатегоризација, туку за категоризација за што имал овластување Одборот за заштита на здружението за заштита на авторските музички права. Со овој чин не била доведена во прашање ниту интелектуалната ниту неговата индивидуална врска на авторот со делото и станувало збор за прибирање и распределба на авторските надоместоци.
Апелациониот суд во образложението на побиваната пресуда навел дека не постои злоупотреба на законските овластувања за застапување на авторските имотни права, туку напротив преземените дејствија биле во насока на овластувањата кои произлегувале од правните акти. Категоризацијата, во овој случај, не претавувала повреда на авторските права од кривично-правен аспект, бидејќи во таа насока не постоело неовластено објавување, прикажување, дистрибуција, емитување и слично или на друг начин неовластено посегнување по туѓото право.
Меѓутоа, според подносителот на барањето двата суда погрешно го примениле членот 157 од Кривичниот законик и погрешно го примениле материјалното право, бидејќи одлучувањето не го засновале на закон и немале предвид дека тој не дал уредно поднесено авторско овластување за измена на категоријата на авторското дело, од каде произлегувало и неовластеното прекатегоризирање на неговите пријавени дела. Исто така, не било јасно од кои причини Апелациониот суд во целост се повлекол од дадените напатствија од решенијата КЖ.бр.433/13 од 20.03.2013 и КЖ.бр.820/2014 од 21.05.2014 година.
Понатаму, подносителот на барањето наведува дека судовите при одлучување воопшто не ги земале предвид одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (член 10), ниту праксата на Европскиот суд за човекови права, со оглед на тоа што се работело за повреда и ограничување на правото на изразување од сферата на уметноста, како лично право. При одлучувањето судовите не ги зеле предвид заземените ставови на Уставниот суд, во повеќе предмети, од областа на заштитата на авторските права. Неговите слободи и права биле ограничени спротивно на Бернската конвенција и членовите 14,15, 135 став 1 и 137 од Законот за авторското право и сродните права.
Со оглед на наведеното, според подносителот на барањето судовите неоправдано се ставиле во заштита на обвинетото правно лице–Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и со побиваните пресуди го дерогирале авторското право, односно слободата на изразување во уметноста на подносителот „слободно да избира и определува за конкретен жанр на своето авторско дело“.
Во поднесокот од 13.10.2015 година, подносителот на барањето уште еднаш појаснува дека станувало збор за директна повреда на неговото морално право, кое било лично и делувало erga omnes, а тргнувајќи од неспорниот факт дека ЗАМП од него неовластено извршило определување-преутврдување, односно измена на жанрот на авторското дело, чии атрибути од него биле определени во нотарскиот записник ОДУ.бр.75 од 27.07.2000 година. Ова било кривично дело според членот 157 од Кривичниот законик од каде произлегувало дека ЗАМП посегнало по, со Устав загаранти-раното морално, авторско право на подносителот на барањето. Во овој поднесок се укажува на ставовите на Уставниот суд изразени во постапувањето по конкретни предмети.
Инаку, предметното барање за заштита на слободите и правата содржи сосема идентични наводи како барањето кое беше предмет на анализа и оцена во постапката по предметот У.бр.1/2015. Новина во ова барање се само наводите кои се однесуваат на постапувањето и пресудата на Апелациониот суд Скопје.
4. Судот на седницата врз основа на доставената и прибавена документација во текот на претходната постапка ја утврди следната фактичка состојба:
Основниот суд Скопје-I Скопје, постапувал по супсидијарниот обвинителен акт на оштетениот Славе Димитров од Скопје како тужител, против обвинетите: Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП и обвинетиот Зоран Васковски од Скопје за кривично дело Повреда на авторското право и сродни права по член 157 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 45 од Кривичниот законик.
Со пресудата К.бр.2171/14 од 16 декември 2014 година обвинетите, согласно член 368 точка 1 од Законот за кривичната постапка биле ослободени од обвинение дека во повеќе наврати и тоа од 2000 до 2005 година посегнале по туѓо авторско право на начин што наспроти уредно определената категоризација на авторските дела, од страна на оштетениот (подносител на барањето) Славе Димитров со Нотарски акт ОДУ.бр.75/00 од 26.07.2000 година, злоупотребувајќи ги дадените законски овластувања за застапување на авторските имотни интереси на Славе Димитров, без негово барање или дозвола, ги прекатегоризирале неговите авторски дела. Со тоа ја намалиле висината на бодовите на користените авторски дела на оштетениот, при што прибавиле значителна имотна корист од 3.272.811,05 денари, а на штета на авторот Славе Димитров, со кои дејствија обвинетите би сториле кривично дело: Повреда на авторско право и сродни права по член 157 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетите се ослободени од обвинението затоа што делото за кое се обвинуваат не е кривично дело според Законот.
Согласно член 93 став 3 од Законот за кривичната постапка, оштетениот како тужител се задолжува да плати 1.500,00 денари на име судски паушал.
Согласно член 102 став 2 од Законот за кривичната постапка, оштетениот Славе Димитров од Скопје се упатува имотно правното барање да го оствари во спор.
Првостепениот суд постапувајќи по предметното супсидијарно обвинение ценејќи ги доказите секој поединечно и во врска со другите докази нашол дека делото за кое се обвинуваат обвинетите не е кривично дело според Законот. Имено, според Судот обвинетите не ги злоупотребиле дадените овластувања од тужителот, бидејќи категоризирањето на авторските дела на супсидијарниот тужител било направено во целост според актите на обвинетото правно лице-ЗАМП. Првостепениот суд дава свој осврт по однос на временското важење и примена на законите кои биле од значење за предметот на судската анализа и оцена. Судот оценил дека надлежните органи на Здружението навремено постапувале по однос на барањата и приговорите на авторот Славе Димитров. Според Судот обвинетите, со ниту едно дејствие, неовластено не објавиле, прикажале, дистрибуирале, репродуцирале, изведувале, емитувале, ниту пак го деформирале, сакателе или менувале авторското право на тужителот Славе Димитров, односно неговото авторско дело. Бидејќи обвинетите постапиле согласно дадените овластувања, според првостепениот суд единствено можело да стане збор само за колективно остварување на авторските права, а тоа било токму прибирањето и распределбата на авторските надоместоци од користењето на авторското дело.
Апелациониот суд Скопје со пресудата КЖ.бр.332/15 од 27.05.2015 година ги одбил како неосновани жалбите на супсидијарниот тужител и на неговиот полномошник и ја потврдил во целост првостепената пресуда. Судот имајќи ги предвид околностите во врска со дејствијата што им се ставале на товар на обвинетите, содржината на авторските права според Законот за авторското право и сродните права, битните елементи на кривичното дело кое им се ставало на товар, заклучил дека определувањето, односно категоризацијата не претставува повреда на авторските права од кривично правен аспект, бидејќи во таа насока не постоело неовластено објавување, прикажување, изведба и слично. Бидејќи истите постапиле согласно законските прописи и правните акти, според Апелациониот суд Скопје обвинетите не посегнале по неспорните права на авторот, ниту пак ја довеле во прашање интелектуалната и индивидуалната врска на авторот со неговото дело, поради што Судот не ги прифатил жалбените наводи за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и повреда на Кривичниот законик.
5. Со членот 50 од Уставот на Република Македонија, е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Конвенцијата за заштита на правата на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.
Според членот 10 од Конвенцијата, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите; за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.
Во конкретниов случај, подносителот на барањето смета дека со наведените пресуди му била повредена слободата на изразувањето во сферата на уметничкото убедување, односно станува збор за барање на заштита на слободата на уметничкото изразување во смисла на цитираните одредби.
Во таа насока пред Судот се постави прашањето дали станува збор за повреда на слобода на уметничко изразување од страна на првостепениот и второстепениот суд, со дејствија на судовите кои одат во насока на попречување на уметникот, односно авторот на било кој начин да го остварува и манифестира своето уметничко изразување. Судот оцени дека во овој предмет тоа не е случај, а од причина што авторот Славе Димитров не бил попречуван во создавањето на авторското дело, од страна на судовите, кое нешто и самиот не го спори. Тој смета дека судовите со ослободителната одлука дале заштита на обвинетите во кривичниот предмет, иако тие направиле прекатегоризирање на неговото авторско дело со намалување на вредноста на висината на бодовите за користење на делото поради што тој остварил помала имотна корист за износ од 3.272.811,00 денари.
Според оцена на Судот прашањето дали судовите правилно ги примениле одредбите од Законот за кривичната постапка, Кривичниот законик и други материјални закони е прашање кое навлегува во повисока инстанциона контрола во работата на редовните судови, за што Уставниот суд нема надлежност да постапува. Прашањето пак колкава имотна корист би остварил авторот ако категоризацијата на авторското дело била направена под поинакви околности и на поинаков начин не е прашање од уставно-судски карактер, туку е фактичко прашање за кое, исто така Уставниот суд нема надлежност да одлучува. Конечно, начинот на кој некое авторско дело ќе биде категоризирано или пак прекатегоризирано, не е прашање кое допира до областа на слободата на уметничкото изразување, туку е прашање на конкретна примена на законите и подзаконските акти кои ја уредуваат областа на авторските и други стварни права. Според тоа судовите не направиле повреда на слободата на уметничкото изразување при донесувањето на нападнатите пресуди.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.65/2015
18 ноември 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева