У.бр.78/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 8 во делот „каде Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги“ од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“бр. бр.25/2000, 34/2000 испр. 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 119/2005 – пречистен текст, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/10, 156/2010, 19/2011-пречистен текст, 53/11, 26/12, 65/12 – пречистен текст, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014,112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015 61/2015, 98/2015,129/2015, 150/2015 и 154/2015.

2.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 8 во делот „каде Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот законски дел не бил во согласност со член 1 став 1,член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 39, член 51 и член 112 став 3 од Уставот.

Ова од причина што оспорениот дел не може да опстојува во правниот поредок затоа што истиот е укинат со Одлука на Уставниот суд по предметот У.бр.185/2009 од 27 јануари 2010 година.

Со наведената одлука се укина член 10 став 1 точка 8 во делот „или извршена здравствена услуга во здравствена установа каде што фондот не обезбедил вршење на здравствени услуги на негов товар“ од Законот за здравствено осигурување.

Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Оттука, според подносителот на иницијативата Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт никако не можел повторно да го воведе сега оспорениот законски дел во правниот поредок.

Понатаму, подносителот на иницијативата предлага Судот при одлучување за основаноста на иницијативата да ја има предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр.45/2006 од 11.07.2007 година со која е укинат член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување која одлука Судот ја донел по повод иницијативата на Народниот правобранител на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 10 точка 8 од Законот, со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги, извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи во кои се врши здравствената дејност како и специјалистички консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи „каде Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги“, освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а според ставот 2 на овој член граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Тргнувајќи од уставните одредби на членовите 34, 35 и 39 од Уставот, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа и во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Притоа, Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон.

Со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012 и 145/2012), кој влезе во сила на 6 април 2012 година (а измените и дополнувањата на 27 ноември 2012 година), се воспоставува видоизменет систем и организација на здравствената заштита, од кои причини повикувањето на подносителот на иницијативата на предметите У.бр.45/2006 од 11.07.2007 и У.бр.185/2009 од 27.01.2010 се неосновани.

Согласно член 3 од наведениот закон „секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје во согласност со овој и друг закон“ (став 1); „никој не смее да го загрозува здравјето на другите“ (став 2).

Според член 13 став 1 од Законот „здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи.“

Во член 17 став 3 од Законот се определува дека мрежата на здравствени установи ја утврдува Владата на Република Македонија (врз основа на десет законски предвидени критериуми – здравствените потреби на населението; бројот, возраста, полот, … на жителите на определено подрачје; рамномерна достапност на здравствените услуги; …при што Законот пропишува дека мрежата се состои од здравствени установи на примарно, секундарно и терцијарно ниво (став 2).

Според член 25 став 1, „средствата за вршење на здравствената дејност во мрежата се обезбедуваат од: Буџетот на Република Македонија; Фондот за здравствено осигурување на Македонија; учество со лични средства на осигурените лица согласно со прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување и здравствени услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства под услови утврдени со закон“ (при што средствата обезбедени од Фондот и од учеството на осигурените лица се користат за остварување на правата на осигурените лица од задолжителното здравствено осигурување (став 3).

Во членовите 29, 30, 34 и 37 од Законот, таксативно се набројуваат здравствените дејности кои се вршат само во здравствените установи кои влегуваат во мрежата на здравствените установи.

Од изнесените законски одредби произлегува дека системот на здравствената заштита го сочинуваат две групи на здравствени установи (член 13 став 1 од Законот): едни, кои се влезени во мрежата на здравствените установи, а определени се во член 316 од Законот и кои се набројани во Уредбата на Владата на Република Македонија донесена врз основа на законско овластување (член 17 од Законот), како и кои вршат со Законот таксативно наведени здравствени дејности на примарно, секундарно и терцијарно ниво (членовите 29, 30, 34 и 37 од Законот) и кои извршени здравствени услуги се плаќаат од средства прецизно наведени во Законот (член 25 од Законот); другата група на здравствени установи ја сочинуваат здравствени установи кои се надвор од мрежата востановена со членот 316 од Законот и наброени во Уредбата, кои не ги вршат здравствените дејности на здравствените установи во мрежата (член 46 став 1 од Законот), туку други дејности наведени во Законот (член 26 став 1 од Законот) и кои стекнуваат средства за извршените здравствени услуги директно од пациентите (член 46 став 2 од Законот).

Со Законот за здравственото осигурување, како еден сегмент на системот на социјалното осигурување, е определен кругот на правата од здравственото осигурување, односно основните здравствени услуги кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување. Имено, здравственото осигурување на граѓаните со Законот е уредено преку востановување на задолжително и доброволно здравствено осигурување.

Според член 10, „со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствените установи, во која се врши здравствената дејност,“ како и набројаните дваесет и една друга здравствена услуга, според точка 8 од наведениот член, со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени ниту „извршените здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги“.

Според тоа, Законот за здравственото осигурување востановува два вида на здравствено осигурување: задолжително, кое им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија под услови утврдени со закон (член 2 ставовите 1 и 2), кое го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (член 3 од Законот) основан од законодавецот (член 53 од Законот) и Фондот со општ акт поблиску го определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги (член 9 став 4 од Законот) и купува здравствени услуги во интерес на осигурените лица, за што склучува и раскинува договори со здравствените установи (член 68-а ставовите 1 и 2 и член 70 став 1 од Законот), со тоа што задолжителното здравствено осигурување ги опфаќа со Законот таксативно наброените здравствени услуги (член 8 и член 9 став 1 од Законот) и кои здравствени услуги се остваруваат во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствените установи (член 9 став 2, член 10 и член 10 точка 8 од Законот); доброволното здравствено осигурување (член 2 став 1 од Законот), пак, се спроведува според поинакви правни правила од претходно наведените.

Според карактерот и видот на здравствената услуга, која јасно и децидно е дефинирана во оспорената одредба, неспорно произлегува дека за овој вид на здравствена услуга, која не е опфатена со задолжителното здравствено осигурување и нема карактер на основ на здравствена услуга и истата не е пружена од здравствени установи од утврдената мрежа на здравствена установа каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, товарот на плаќање паѓа на самиот осигуреник. Ова особено ако се има во вид дека Фондот за здравствено осигурување, според неговата поставеност во Законот, е орган кој врши дејност од јавен интерес, но исто така, има својство и на купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица, но во конкретнава ситуација тој нема обврска, туку можност за доброволен договорен однос на Фондот, од една страна, како купувач на услугите и здравствената установа, како продавач на услугите. Доколку се користи здравствена услуга во здравствена установа која е надвор од мрежата за која Фондот склучил договор, тогаш обврска за плаќање на услугите паѓа на товар на осигуреникот, што според нас, не е во спротивност со уставното начело на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста предвидени во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, од причини што со тоа на осигуреникот не му се ограничуваат основните здравствени услуги кои го сочинуваат задолжителното здравствено осигурување, ниту пак се нарушува социјалниот карактер на државата.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба, одредбите на кои се повикува подносителот на иницијативата, како и фактот што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување на уставноста на оспорениот член 10 точка 8 од Законот за здравственото осигурување и со Решение У.бр.163/2012 од од 18 септември 2012 година не повел постапка, односно не изразил сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај по предметнава иницијатива нема основи за поинакво одлучување, поради што согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2015
14 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева