Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 247 став 7 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014 и 199/2014).
2.Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законикот означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека „природата на делото измама е таква да не може да се појави во обид“, поради што предлага оваа одредба да се оцени во однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, посветен на владеењето на правото, и на член 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Притоа, се предлага Судот при одлучувањето да ги има предвид сите ставови од член 247 на Кривичниот законик, како и одредбите од членовите 53 и 57 од Законот за облигационите односи во кои биле определени карактеристиките на измамата и заблудата.
Образложувајќи го предлогот, подносителот на иницијативата наведува дека од целината на член 247 од Кривичниот законик и од член 57 на Законот за облигационите односи произлегувало дека „делото измама (fraus) постои кога некој со намера да за себе или за некој трет оствари противправна имотна корист го доведе и држи во заблуда оштетениот. Самото дело е многу слично на делата кражба (furtum) и разбојништво (rapina). Сите три дела имаат иста цел, присвојување на туѓ имот, но кај делото измама има една специфичност, а тоа е дека оштетениот е во заблуда, тој не знае дека врз него се врши измама. На заблудата е посветен член 53 од ЗОО и таму може да се прочита дека заблудата е суштествена ако страната која е во заблуда не би склучила договор со таква содржина кога би знаела, што значи дека делото измама може да настане исклучиво кога оштетениот е во заблуда односно не знае дека е измамуван. Ако оштетениот знае дека е измамуван, делото воопшто не е измама. Кој знаел за измамата, не се смета за измамен.“ Подносителот на иницијативата, понатаму, поставува прашање: „како е можно да некој биде доведен во заблуда“ и на него одговара дека „во засновањето на облигационите односи најдобро е кога двете страни имаат еднакви познавања на стварите и тоа ги прави рамноправни, но тоа најчесто не е така и тоа овозможува појава на делото измама односно страната која нема познавања може да биде доведена и држана во заблуда и измамена, што значи измамениот ќе дознае дека е измамен дури кога измамата ќе биде сторена односно кога тој ќе биде оштетен, а измамникот ќе стекне противправна имотна корист и дури тогаш сторителот ќе може да се гони за делото измама.“ Потоа, во иницијативата се изнесуваат претпоставен пример и примери од практиката, со кои се докажувало дека не може да постои кривично дело измама во обид.
3.Судот на седницата утврди дека членот 247 е систематизиран во глава посветена на „Кривични дела против имотот“.
Според став 1 на наведениот член, „тој којшто со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист ќе доведе некого во заблуда со лажно прикажување или со прикривање факти или ќе го држи во заблуда и со тоа ќе го наведе да стори или да не стори нешто на штета на својот или туѓ имот, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“
Во став 2 се определува дека „ако сторената штета е од помала вредност, а сторителот одел кон тоа да прибави таква вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“
Според став 3, „ако сторената штета е од поголема вредност, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.“
Ставот 4 од наведениот член предвидува дека „ако сторената штета надминува значителна вредност, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.“
Во став 5 се определува дека „тој којшто делото од ставот 1 го сторил само со намера да оштети друг, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“
Според став 6, „со казната од ставот 4 на овој член ќе се казни тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе доведе друг во заблуда или ќе го држи во заблуда со лажно прикажување или прикривање на факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортски игри и со тоа го наведе да стори или не стори нешто на сметка на својот или туѓ имот.“
Според оспорениот став 7 од член 247 на Законикот, „обидот за делото од ставовите 1 и 5 е казнив.“
Ставот 8 определува дека „ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.“
Според став 9, „за делото од ставовите 2 и 5 гонењето се презема по приватна тужба.“
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, „темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.“
Според член 14 став 1 од Уставот, „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.“
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, „Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.“
Според Амандман XXV точка 1 став 2 на Уставот на Република Македонија, „судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.“
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека таа вредност се остварува така што Собранието на Република Македонија донесува закони а судовите судат врз основа на, покрај другото, законите, и дека со закон се утврдуваат казнивите дела и се определува казната за нивниот сторител.
Во конкретниот случај, членот 247 став 1 од Кривичниот законик го утврдува субјектот (тоа е физичко лице), дејствијата кои се недозволени (тоа се: 1/лажно прикажување на факти или прикривање на факти или држење во заблуда; 2/ со тоа, наведување на друго лице да стори нешто на штета на својот или туѓ имот, или да не стори нешто против штетата на својот или туѓ имот; и 3/ сето тоа со намера за себе или друг да прибави противправна имотна корист) и казната за таквите дејствија (парична казна или затвор до три години). Ставот 5, пак, од наведениот член се однесува на истите први две недозволени дејствија (1/ лажно прикажување на факти или прикривање на факти или држење во заблуда, и 2/ со тоа, наведување на друго лице да стори нешто на штета на својот или туѓ имот, или да не стори нешто против штетата на својот или туѓ имот), но со поинакво трето дејствие-претходните две дејствија сторителот ги сторил само со намера да оштети друг (а не со намера за себе или друг да прибави противправна имотна корист), и во тој случај се определува казна (парична казна или затвор до една година). Оспорениот став 7 од член 247 на Кривичниот законик определува дека се казнува и субјектот кој ќе се обиде да ги стори дејствијата наведени во ставовите 1 и 5 од истиот член.
Според тоа, Судот оцени дека членот 247 став 7 од Кривичниот законик, гледан во врска со ставовите 1 и 5 од истиот член, се однесува на субјектот кој се обидел да ги стори дејствијата наведени во ставовите 1 и 5 од истиот член, како и на казната за таквиот обид на сторителот, при што Судот утврди дека однесувањето на сторителот не зависи од состојбата на свеста на оштетениот како што смета подносителот на иницијативата. Оттука, елементите утврдени во ставот 7, гледани во врска со ставовите 1 и 5 од истиот член на Законикот, овозможуваат објективно утврдување на однесувањето на сторителот во секој конкретен случај, па од тоа произлегува дека оспорената одредба не ја доведува во прашање темелната вредност на уставниот поредок владеење на правото, поради што Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 247 став 7 од Кривичниот законик.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.6/2015
14 октомври 2015 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева