У.бр.5/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Посебниот план за стопанисување со шуми за шумско-стопанска единица „Малешевски Планини II-Рaтевска Река, за периодот 2006-2015 година, на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми – Подружница Ш.С. „Малешево“ – Берово;

– Посебниот план за стопанисување со шуми за шумско-стопанска единица „Огражден“, за периодот 2012-2021 година, на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми-Подружница Ш.С. „Малешево“-Берово, бр.12-245/1 од 20.02.2012 година;

– Посебниот план за стопанисување со шуми за шумско-стопанска единица „Губенек-Паруца“, за периодот 2007-2016 година, на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми – Подружница Ш.С. „Малешево“-Берово, бр.12-668/1 од 05.05.2006 година;

– Посебниот план за стопанисување со шуми за шумско-стопанска единица „Брегалница“, за периодот 2015-2024 година, на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми-Подружница Ш.С. „Малешево“-Берово, бр. 13-86/1 од 20.01.2015 година и

– Посебниот план за стопанисување со шуми за шумско-стопанска единица „Готен-Широки Дол-Караѓузлија“, за периодот 2009-2018 година, на ЈП за стопанисување со шуми „Македонски шуми – Подружница Ш.С. „Малешево“-Берово, бр.12-211/1 од 03.02.2010 година.

2. Бранко Скендерски од Берово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека со посеб-ните планови се вршело незаконито планирање и стопанисување со шумите, надвор од законската регулатива и предвидена постапка. Овие посебни планови не биле донесени врз основа на донесен Општ план за стопанисување со шумите и врз основа на Правилник за содржината на посебните планови за стопанисување со шумите, посебните планови за одгледување и заштита на шуми и годишните изведбени планови („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/1998). Со овие планови се вршело незаконско планирање и стопанисување со приватните шуми, надвор од законската регулатива. Во наведениот правилник приватните шуми не биле уредени и постоело самоволие во нивното планирање. Поточно, во членовите 43 до 47 од Правилникот било предвидено како да се планира стопанисувањето со приватните шуми, со посебен осврт дека требало да се изготвуваат единаесет обрасци и истите да се вкоричат, но тоа со ниту еден посебен план не било направено. Во поткрепа на ова тврдење се укажува на посебните решенија на Државниот инспекторат за шумарство и ловство приложени кон иницијативата.

Оспорените планови не биле донесени врз основа на Општ план за стопанисување со шумите во Република Македонија, бидејќи истиот, и покрај сите укажувања на овластениот Државен ревизор, се уште не бил донесен, од каде оспорените планови биле неприменливи. Единствениот документ врз основа на кој се изработувале посебните планови бил споменатиот правилник, а во Законот за шумите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не бил овластен, преку Комисија да донесува и со решение да одобрува посебни планови за стопанисување со шумите, без да биде донесен Општ план. Со ваквата постапка биле исклучени заинтересираните страни, односно сопствениците на шуми и пошироката јавност.

Со оспорените акти биле повредени членот 8 став 1 алинеи 3, 4 и 10, членот 51, членот 68, членот 91 и членот 96 од Уставот на Република Македонија, како и член 24, член 29 и член 38 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 43/2014 и 160/2014).

Врз основа на изнесеното во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на примената на оспорените акти. Од Судот посебно се бара да го цени неуредувањето на приватните шуми во Правилник за содржината на посебните планови за стопанисување со шумите, посебните планови за одгледување и заштита на шуми и годишните изведбени планови, како и тоа дека посебните планови биле донесени без донесен Општ план на Република Македонија, а без сето ова не можеле да се одредат целите на идното стопанисување со шумите.

3. Судот на седницата утврди дека, ЈП „Македонски шуми“, во различен временски период, изготвило посебни планови за стопанистување со шуми за шумскостопанските единици: „Малешевски Планини II-Рaтевска Река“, „Огражден“,„Губенек-Паруца“, „Брегалница“ и „Готен-Широки Дол-Караѓузлија“ кои се однесуваат на различни временски периоди. Така донесените посебни планови се доставени до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за давање на одобрение. Министерството по однос на секоја од споменатите шумскостопански единици, согласно овластувањата од Законот за шумите кој бил во важност во време на одлучувањето, донело посебни решенија за одобрување на посебните планови. Секое од решенијата е заведено со деловоден број и датум.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените посебни планови се повредувале повеќе одредби од Уставот, како и членовите 24, 29 и 38 од Законот за шумите. Неусогласеноста на посебните планови со Уставот и со Законот за шумите произлегувала од тоа што посебните планови биле донесени без да биде донесен Општ план за стопанисување со шумите во Република Македонија, а стопанисувањето со приватните шуми не било уредено со Правилник за содржината на посебните планови за стопанисување со шумите, посебните планови за одгледување и заштита на шуми и годишните изведбени планови. Поради сето ова посебните планови биле неприменливи. Во иницијативата е истакнато и посебно барање за оцена на уставноста и законитоста на примената на посебните планови.

Судот оцени дека вака изнесените аргументи и причини за оспорување не можат да го покренат механизмот на уставно-судска заштита од причина што поаѓаат од проблематичната примена, односно од недостатокот на одредена регулатива, а не од неусогласеноста на подзаконските акти со конкретен закон или Уставот. Притоа, ниту примената на актите, ниту недостатокот на одредена регулатива, за било која правна област не спаѓаат во надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, туку се надлежност на други државни органи.

Поради изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.5/2015
7 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева