У.бр.75/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зоран Николов од Гевгелија за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста.

2. Зоран Николов од Гевгелија до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста, поднесено врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во барањето се наведува дека со пресудата на Основниот суд во Гевгелија П4.бр.20/2015 од 06 мај 2015 година на барателот му била повредена слободата на уверувањето и совеста кои биле норми и вредности на основните слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Според наводите во барањето, наведената пресуда била спротивна на слободата на уверувањето и совеста од причина што уверувањата биле менливи, но при исти услови, во различни постапки Судот донел две дијаметрално спротивни одлуки. Со таквото постапување Основниот суд во Гевгелија не го почитувал Уставот и Законот за кривичната постапка кога не досудил надомест на штета во граѓанската постапка и покрај постоење на кривична пресуда со која истиот е ослободен од осуда за кривично дело.

Од наведените причини, барателот предлага Уставниот суд на Република Македонија барањето за заштита на слободите и правата да се уважи и оспорениот акт – Пресудата на Основниот суд во Гевгелија П4.бр.20/2015 од 06 мај 2015 година да се поништи како неуставна, а претходната пресуда на Основниот суд во Гевгелија П4.бр.33/2013 од 08 ноември 2013 година, со која на барателот му бил досуден справедлив паричен надомест за нематеријална штета поради последици од неправедна осуда, да се потврди.

3. Судот во текот на претходната постапка ја утврди следната фактичка состојба:

По поднесена тужба од тужителот Николов Зоран од Гевгелија, против тужениот Република Македонија – Министерство за правда, за надомест на материјална штета поради неоснована осуда, вредност на спорот 150.000,00 денари, во Основниот суд Гевгелија заведен бил предметот П4.бр.33/2013. Постапувајќи по тужбата, од страна на овој суд, била донесена пресудата П4.бр.33/2013 од 08 ноември 2013 година, со која делумно било уважено тужбеното барање на тужителот-Зоран Николов од Гевгелија и тужената Република Македонија била задолжена на тужителот да му исплати на име справедлив паричен надомест за нематеријална штета поради последици од неоправдана осуда со правосилна пресуда К.бр.51/2008 од 04 јуни 2008 година, а поради претрпени душевни болки, намалена животна активност, повреда на неговата чест и углед, слобода и достоинство сума во износ од 150.000,00 денари со камата, а останатиот дел од тужбеното барање било одбиено како неосновано.

Апелациониот суд во Скопје со решение Гж.бр.563/2014 од 05 март 2015 година, постапувајќи по жалбите изјавени и од тужителот и од тужениот, првостепената пресуда ја укинал и предметот го вратил на повторно разгледување и одлучување пред Основниот суд во Гевгелија По укинувањето на наведената пресуда, согласно судскиот деловник, предметот бил заведен под П4.бр.20/2015 и по спроведената постапка судот ја донел пресудата која сега е предмет на доставеното барање. Имено, со пресуда П4.бр.20/2015 од 06 мај 2015 година на Основниот суд во Гевгелија одбиено е како неосновано тужбеното барање на тужителот, со кое барал да се задолжи тужениот да му исплати надомест на штета поради неоправдана осуда, со правосилна пресуда К.бр.51/08 од 04.06.2008 година на овој суд поради која имал повреда на лични права – претрпени душевни болки, намалена животна активност, повреда на неговата чест и углед, слобода и достоинство, сума во износ од 150.000,00 денари со законска казнена камата во висина на референтна стапка на Народна Банка на Република Македонија што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени сметано од денот на пресудувањето до конечната исплата. Со истата пресуда било одлучено секоја странка да ги сноси своите трошоци по постапката.

Пресудата била уредно доставена до странките.Од извршениот увид во доставниците за извршена достава, се констатира дека тужителот, односно подносителот на барањето Зоран Николов истата ја примил на ден 17 јуни 2015 година.Оспорениот акт не бил обжален ниту од тужителот ниту од тужената Република Македонија. Од увидот во приемниот печат на Уставниот суд се констатира дека барањето е доставено до архивата на Судот на 07 август 2015 година, што е во рокот предвиден во член 51 од Деловникот на Уставниот суд.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Деловничката одредба, пак, определува дека барањата за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува, се отфрлаат.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај само се упатува на околноста Судот да утврди постоење повреда на уставни права и слободи на граѓаните кои се во делокруг на Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа од содржината на барањето за заштита на слободите и правата, како и од изнесената фактичка состојба, според Судот произлегува дека подносителот на барањето има интенција оспорениот акт да го интерпретира со цел да извлече инстанционо произнесување на Уставниот суд на Република Македонија по оспорениот акт (а по кој акт барателот воопшто не искористил ниту еден законски предвиден правен лек, односно не вложил ниту жалба до повисокиот суд). Од ова јасно произлегува дека истиот пропуштил своите права да ги оствари во редовната постапка пред судовите во Република Македонија, притоа почитувајќи ги инстанците на судството, користејќи ги редовните и вонредните правни лекови предвидени со Законот за парничната постапка, поради што сега барателот сака преку овој институт- барање на заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот да го надомести својот пропуст. Меѓутоа, според Судот таквото барање излегува надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд предвидена во член 110 од Уставот.

Поради изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај Уставниот суд не е надлежен да одлучува по предметот затоа што не постојат основи за впуштање на овој Суд во мериторно одлучување на барањето за заштита на слободите и правата при што, според Судот, исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2015
7 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева