Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 7 октомври 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 74 став 4 и членот 106 став 1 точка 9 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015 и 147/2015).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на законитоста на законските одредби означени во точката 2 од ова решение, како и за оценување на нивната меѓусебна согласност со членот 74 став 5 и членот 114 од Законот за шумите.
3. Бранко Скендерски од Берово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 74 став 4 и членот 106 став 1 точка 9 од Законот за шумите означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспоре-ните одредби не можеле да постојат во правниот поредок, бидејќи, согласно членот 74 став 5 од Законот за шумите, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството, требал да пропише форма и содржина на образецот за проектна документација, но таков образец не бил изготвен.
Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата смета дека оспорените член 74 став 4 и член 106 став 1 точка 9 од Законот ги повредувале член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 50 и член 51 од Уставот како и членот 114 од Законот за шумите. Исто така, одредбите биле во спротивност и со членот 74 став 5 (погрешно означено како 74 став 1 алинеја 5) од Законот за шумите.
Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените законски одредби.
4. Судот на седницата утврди дека, според член 74 став 4 од Законот за шумите, изградбата на шумските патишта ќе се врши врз основа на проектна документација.
Во членот 106 став 1 точка 9 од Законот е предвидено дека глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска против-вредност ќе му се изрече на физичко лице, меѓу другото, доколку гради пат без проектна документација (член 74 став 4).
5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според содржината на членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниот случај подносителот на иницијативата наведува дека несогласноста на оспорените одредби со Уставот и со Законот за шумите произлегувала од фактот што се уште не биле изготвени формата и содржината на образецот на проектната документација, кои согласно членот 74 став 5 од Законот ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. Оттаму, ниту можеле да се градат шумски патишта врз основа на проектна документација, ниту, пак, физичките лице можеле да бидат казнувани со глоба за градење без проектна документација, па затоа оспорените одредби не можеле да постојат.
Според Судот вака изнесените наводи за несогласност на оспорените одредби со членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 50 и член 51 од Уставот се неосновани.
Имено, пропишувањето на законодавецот, градењето на шумските патишта да се врши само врз основа на проектна документација и да се казнуваат оние лица кои ќе постапат спротивно на ваквата определба на законодавецот, како содржина на оспорените одредби не е уставно проблематично од аспект на одредбите од Уставот на кои се заснова иницијативата, туку напротив истите се проектирани во правец на реализација на уставните вредности од посочените уставни одредби. Прашањето пак, што во практиката не можело да се реализира градење, односно казнување од причина што надлежното министерство не ја испочитувало обврската од членот 74 став 5 од Законот, е фактичко прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.
Од друга страна, околноста што во конкретниот случај недостасува донесување на друг подзаконски акт за да одредбите имаат целосна примена во правниот сообраќај, не ги прави овие оспорени акти по автоматизам манливи и несогласни со Уставот.
Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорените член 74 став 4 и член 106 став 1 точка 9 од Законот за шумите, оценувани од аспектите на иницијативата се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 50 и член 51 од Уставот.
Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, определена во членот 110 од Уставот произлегува дека Судот нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од еден ист или различен закон, ниту пак може да спроведува постапка за оценување на законитост на закон, што претставува едно од барањата во иницијативата, туку може да спроведува постапка за оценување на согласност на подзаконски акти со закон. Оттаму, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во делот во кој се бара оценување на законитоста на оспорените одредби, како и нивната меѓусебна согласност со членовите 74 став 1 алинеја 5 и 114 од Законот за шумите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.11/2015
7 октомври 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева