Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.90/1992), на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на
– член 252 став 3, член 256 став 1, во делот: „и други договори со кој е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон“ и член 265 став 1 точка 20 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015);
– член 4 точките 17 и 18, член 7 став 1 точките 13-15, член 10 став 1 точките 16-18, член 13 став 1 точка 13, член 14 став 1 точките 15-17 и ставовите 5 и 6 и член 28-г од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014, 20/2015, 48/2015 и 129/2015) и член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015);
– член 11 став 1 точка 15), член 118 став 1 во делот: „и 15“ и член 120 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015 и 129/2015);
– член 53 став 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010, 88/2010, 51/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 39/2014, 44/2014, 113/2014, 56/2015 и 129/2015) и
– член 5 став 1 точка 1-б) од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015 и 129/2015).
2. 6.040 граѓани на Република Македонија поименично потпишани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
– член 8 и член 10 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) и член 1 од Законот за изменување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015);
– член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) и членовите 1 и 2, член 3 став 1 и членовите 4, 9 и 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015);
– член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) и членовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015);
– член 1 од Законот за дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) и
– член 1 од Законот за изменување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015).
Причините за оспорувањето на одредбите од петте закони се изнесени во две целини: првата, која се однесува на сите оспорени законски одредби, наведува дека: се воведувала нова категорија на обврзници за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа се оние кои имаат договор за дело, авторски договор или друг договор по основ на кои остваруваат приход (невработени лица, лица во работен однос, самовработени, пензионери); невработените лица кои примаат надоместок по основ на наведените договори немало да се запишуваат во евиденцијата на Агенцијата за вработување како невработени лица; придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, кој се плаќа врз основа на наведените договори, се плаќал само во државниот фонд/столб, а не и во приватниот фонд/вториот столб; законодавецот ги изедначувал вработените лица, кои плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување, и невработените лица, кои имаат договор за дело, авторски договор или друг договор врз основа на кои остваруваат приход, а кои дотогаш не плаќале придонеси од задолжително социјално осигурување, сметајќи ги за фиктивно вработени лица иако тие немале таков статус; законодавецот, понатаму, проценувал дека спорните законски одредби би обезбедиле рамноправна положба на сите субјекти на пазарот на трудот бидејќи лицата опфатени со законските измени ќе добиеле социјално осигурување, иако овие лица ги немале другите работнички права; …
Втората целина на причини се однесува на секоја законска одредба одделно, при што во иницијативата се наведува следното:
– трите одредби од Законот за работните односи не можеле да ги третираат договорот за дело, авторскиот договор и друг договор исто како договорот за вработување и за нив да определат придонеси од задолжително социјално осигурување бидејќи тие се посебни договори, договори од облигационите односи според член 619 од Законот за облигационите односи, а не се договори од работно-правен однос според член 5 став 1 точка 1 од Законот за работните односи; изедначувањето на различни фактички состојби не ја обезбедувало темелната вредност владеење на правото; лицата со договор за дело, авторски договор и друг договор не биле еднакви со вработените лица бидејќи тие ги немале правата од член 32 ставовите 2, 3 и 4 од Уставот (достапност на секое работно место под еднакви услови, право на соодветна заработувачка, право на платен дневен, неделен и годишен одмор), а од кои права вработените не можат да се откажат, ниту пак имаат право на плата, право на платен дневен, неделен и годишен одмор, платено породилно отсуство; невработените лица кои остварувале приход преку некој од посебните договори не само што не биле рамноправни со другите вработени лица, туку со законските измени биле доведени во уште понеповолна положба, па било повредено начелото на еднаквост по основ на социјално потекло, имотната и општествената положба, кое е разработено во Законот за спречување и заштита од дискриминација; оспорените законски одредби, понатаму, не го стимулирале вработувањето, туку само определувале задолжително социјално осигурување на лица со посебни договори, па тоа не обезбедувало вработување туку отворало нови проблеми, поради што законските измени биле несоодветни и непропорционални на декларираните цели на законодавецот; покрај тоа, Законот за работните односи веќе содржел одредби со кои се обезбедувал поинаквиот третман на невработените лица, заради стимулирање на нивно работење, а Законот предвидел и инспекциски механизми, поради што законските измени не биле неопходни; … Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека трите одредби од Законот за работните односи не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1-4 и член 51 од Уставот;
– оспорените одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување создавале правна несигурност со оглед дека предвидувале месечна основица за пресметка и уплата на придонесите иако договор за дело, авторски договор и друг договор најчесто не се склучуваат на месечно ниво; непрецизна била и одредбата со која се определува склучување на наведените договори со „други правни лица кои имаат сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот“, со оглед дека никаде не било определено што се подразбира под наведените субјекти; законодавецот предвидел обврска за пресметка и уплата на придонесите, но не го определил периодот во кој ќе ги остварува правата од, на пример, задолжителното здравствено осигурување, со што се повредувало владеењето на правото и правната сигурност; таквите одредби создавале и нееднаквост меѓу невработените лица, кои остваруваат приход врз основа на посебните договори, и вработените лица, во врска со правата од задолжителното социјално осигурување; определбата обврзникот сам да уплаќа придонеси, како и сам да достави пријава до Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, не обезбедувала надлежните државни, инспекциски органи да имаат целосна контрола над работењето на правните и физичките лица, поради што таквите законски одредби не биле во согласност со владеењето на правото и со правната сигурност на граѓаните; освен тоа, според Уставот државните управни органи се надлежни да обезбедат надзор и контрола во спроведувањето на законите, а не таа работа да ја врши граѓанин-обврзник на придонеси од задолжително социјално осигурување; членот 11 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) имал повратно дејство бидејќи важел пред влегувањето во сила на Законот, а тие прашања не биле поповолни за граѓаните; … Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот;
– оспорените одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување воведувале нееднаквост меѓу вработените и невработените осигуреници со оглед на тоа дека лицата со посебните договори, кои имаат договор со траење цела година, добивале една година пензиски стаж иако не работеле цела година; потоа, начинот на пресметка и уплата на придонесите за лицата со посебните договори, значело тие да биле ставени во нееднаква, понеповолна положба од другите осигуреници; и тоа што придонесот за пензиското и инвалидското осигурување на лицата со посебните договори се уплатувал само во државниот фонд, а не и во приватниот фонд/вториот столб, исто така значел нееднаква положба на овие осигуреници во однос на другите осигуреници; … Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека и овие законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот;
– во однос на оспорената одредба од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, во иницијативата се наведува дека оневозможувањето да биде евидентирано невработено лице во евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија само затоа што склучило договор за дело, авторски договор или друг договор и врз основа на него плаќа придонеси од задолжително социјално осигурување, значело тоа лице да не може да оствари право на работа од член 32 став 1 на Уставот, нема право на работен однос, на работно место, на редовна плата, на платен дневен, неделен и годишен одмор, со што се суспендирале соодветните уставни одредби, а тоа не било во согласност со одредбите од член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот; покрај тоа, овие лица немало да можат да остваруваат ни право на паричен надоместок поради невработеност, а ќе биле лишени и од можноста да бараат работа преку Агенцијата за вработување на Република Македонија; … Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот;
– оспорената одредба од Законот за здравственото осигурување определувала обврска за плаќање на придонес за здравствено осигурување, но не определувала за кој период осигуреникот ќе бил осигуран, дали од склучувањето на договорот за дело, авторски договор или друг договор за кој се остварува надоместок или по плаќањето на придонесот од тој договор; покрај тоа, законската одредба создавала нееднаквост со оглед дека за различни групи на осигуреници, вработени лица и невработени хонорарци, предвидувала исти обврски за здравствено осигурување; оспорената законска одредба, понатаму, не го стимулирала вработувањето, туку само определувала задолжително социјално осигурување на лица со посебни договори, па тоа не обезбедувало вработување туку отворало нови проблеми, поради што законските измени биле несоодветни и непропорционални на декларираните цели на законодавецот; поради сето тоа, оспорената законска одредба немала објективно и разумно оправдување за нееднаквиот третман на граѓаните, а тоа претставувало дискриминација; … Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека наведената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1-4 и член 51 од Уставот.
Со иницијативата се предлага поништување на сите оспорени законски одредби и, претходно, запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
3.а) Судот на седницата утврди дека со законските одредби наведени во иницијативата се врши изменување и/или дополнување на претходни законски одредби и дека на тој начин оспорените одредби стануваат дел од целината на означените пет закони, поради што предмет на оценување на Уставниот суд треба да бидат законските одредби означени во точката 1 од ова решение.
б) Во однос на содржината на оспорените законски одредби, Судот го утврди следното:
-Во врска со оспорените одредби од Законот за работните односи:
*оспорениот член 252 став 3 од Законот е сместен во Глава насловена „Работа на деца помлади од 15 години, ученици и студенти“, поддел „Посебни договори“. Во член 252 став 1 од Законот се определува дека „работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа.“ Според став 2 од истиот член, „договорот од ставот 1 на овој член може да се склучи и за културно-уметнички работи со лице кое врши културно-уметничка дејност.“ Во член 252 став 3 од Законот, чија одредба се оспорува, се определува дека: “Надоместоците за извршената работа од договорите согласно ставовите 1 и 2 на овој член подлежат на плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со закон.“
*член 256 став 1, оспорениот дел: „и други договори со кој е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон“ од Законот е сместен во Глава насловена „Инспекциски надзор од областа на работните односи“, поддел „Надзор од страна на инспекцијата на трудот“. Во член 256 став 1 од Законот е определено дека „надзор над примената на овој закон, прописите за вработувањето и другите прописи од областа на трудот, колективните договори и договорите за работа со кои се уредуваат правата и обврските на работникот и работодавачот од работниот однос и други договори со кој е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на инспекцијата на трудот.“
*член 265 став 1 точка 20 од Законот е сместен во Глава насловена „Прекршочни одредби“. Според член 265 став 1, „Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице, ако: точка 20) не исплаќа придонеси од задолжително социјално осигурување (член 252 став 2)“.
– Во врска со оспорените одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување:
*член 4 точките 17 и 18 од Законот е сместен во Глава насловена „Општи одредби“, поддел „Поимник“. Според член 4, „поимите кои се употребуваат во овој закон го имаат следново значење: 17.„бруто надоместок утврден со договор за дело или друг договор“ претставува збир на нето надоместокот, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и персонален данок на доход“ и 18.„бруто надоместок утврден во авторски договор“ претставува збир на нето надоместокот, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за задолжително здравствено осигурување и персоналниот данок на доход. Бруто износот на надоместокот се добива по претходно признатите трошоци утврдени со Законот за персоналниот данок на доход.“
*член 7 став 1 точките 13-15 од Законот е сместен во Глава насловена „Обврзници за плаќање на придонеси“, поддел „Обврзник за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување“. Според член 7 став 1, „обврзник за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување е: 13) лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори и други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика“; 14) „лице во работен однос кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа со работодавач кај кој е во работен однос или со други правни лица кои имаат сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот“ и 15) „лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.“
*член 10 став 1 точките 16-18 од Законот е, исто така, сместен во Глава насловена „Обврзници за плаќање на придонеси“, но поддел „Обврзник за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување“. Според член 10 став 1, „обврзник за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување е: 16) „лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика“; 17) „лице во работен однос кое остварува приходи од извршување на физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа со работодавач кај кој е во работен однос или со други правни лица кои имаат сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот“; и 18) „лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.“
*член 13 став 1 точка 13 од Законот е сместен во Глава насловена „Обврзници за пресметка и уплата на придонеси“. Според член 13 став 1, „обврзник за пресметка и уплата на придонеси е: 13) „Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија е обврзник за пресметка на придонесите за лицата од членот 7 став 1 точки 13 и 15 и членот 10 став 1 точки 16 и 18 од овој закон, а обврзници за уплата на придонесите се лицата сами за себе.“
*член 14 став 1 точките 15-17 и ставовите 5 и 6 од Законот е сместен во Глава насловена „Основица за пресметка на придонесите“.
Според член 14 став 1, „основица за пресметка и плаќање на придонеси е: 15) „износот на разликата меѓу нето надоместокот и минималната плата утврдена со закон, зголемен за придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за задолжително здравствено осигурување и персонален данок на доход од договорот за дело, авторскиот договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа, за лицата од членот 7 став 1 точка 15 и членот 10 став 1 точка 18 од овој закон“; 16) „износот на разликата меѓу нето надоместокот и просечната нето плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика, зголемен за придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за задолжително здравствено осигурување и персоналниот данок на доход од договорот за дело, авторскиот договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа, за лицата од членот 7 став 1 точка 13 и членот 10 став 1 точка 16 од овој закон“; и 17) „бруто надоместокот од договор за дело, авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа за лицата за кои обврзник за пресметка и уплата на придонесите е правното лице-исплатувач од членот 13 став 1 точка 14 на овој закон.“ Понатаму, според член 14 став 5 од Законот, „лицата кои се обврзници за уплата на придонесите сами за себе, се должни да достават пријава за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија најдоцна во рок од 5 дена по приемот на надоместокот. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија по службена должност доставува евиденција до Управата за јавни приходи, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Македонија.“ Според член 14 став 6 од Законот, „формата и содржината на пријавата од членот 14 став 5 го пропишува Министерот за финансии.“
*член 28-г од Законот е сместен во Глава насловена „Прекршочни одредби“. Според член 28-г, „глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на обврзникот од членот 14 став 5 овој закон доколку не достави пријава за износот на примениот надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во пропишаниот рок.“
*член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) во став 1 определува дека „одредбите од овој закон се однесуваат за плата, дел од плата, надоместок на плата, друг надоместок или надоместок врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор за јануари 2015 година.“ Според став 2, „рокот за поднесување на пресметките на придонеси за јануари 2015 година е 20-ти февруари 2015 година, а рокот на пристигнатост за плаќање на придонесите е 25-ти февруари 2015 година.“ Според став 3, „за придонесите платени пред влегување во сила на овој закон, ќе се изврши порамнување согласно одредбите на овој закон.“
– Во врска со оспорените одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување:
*член 11 став 1 точка 15) од Законот е сместен во Глава насловена „Осигуреници“. Според член 11 став 1, „осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се: 15) „лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договор или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.“
*член 118 став 1 во делот: „и 15“ од Законот е сместен во Глава насловена „Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување“. Според член 118 став 1, „осигурениците од членот 11, со исклучок на точката 9, 14 и 15 и членовите 12 и 13 од овој закон, кои прв пат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување пристапиле од 1 јануари 2003 година, се задолжителни членови на вториот пензиски столб.“
*член 120 став 4 од Законот е сместен, како и претходниот член, во Глава насловена „Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување“. Според член 120 став 4, „осигуреникот кој плаќа придонес во вториот пензиски столб, има индивидуална сметка и е член во задолжителниот пензиски фонд, не плаќа придонес во вториот пензиски столб на надоместокот од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа договор за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа.“
-Во врска со оспорената одредба од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност:
*член 53 став 6 од Законот е сместен во Глава насловена „Евиденција на работодавци и невработените лица“, поддел „Евиденција на невработените лица“. Според член 53 став 6, „невработено лице или друго лице кое што бара работа не може да биде евидентирано во регистрите доколку има склучено договор за дело, авторски договор или друг договор за кој се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со закон за периодот за кој е склучен договорот.“
-Во врска со оспорената одредба од Законот за здравственото осигурување:
*член 5 став 1 точка 1-б) од Законот е сместен во Глава насловена „Општи одредби“, поддел „Осигуреници“. Според член 5 став 1, „со овој закон задолжително се осигуруваат: 1-б) „лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.“
в) Судот на седницата, исто така, утврди дека:
-Во врска со оспорените одредби од Законот за работните односи:
*член 252 став 3 од Законот се брише со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 256 став 1, во оспорениот дел: „и други договори со кој е определен надоместок за извршената работа во износ повисок од износот на минимална плата утврдена со закон“ од Законот, а која одредба се однесува на тоа дека надзор над примената на спорните договори врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на инспекцијата на трудот, нема промени и одредбата останува во правниот поредок;
*член 265 став 1 точка 20 од Законот, исто така нема промени и одредбата од точка 20 останува во правниот поредок.
-Во однос на оспорените одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување:
*член 4 точките 17 и 18 од Законот се брише со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 7 став 1 точките 13-15 од Законот, се бришат со член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 10 став 1 точките 16-18 од Законот се бришат со член 3 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 13 став 1 точка 13 од Законот, се брише со член 4 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 14 став 1 точките 15-17 и ставовите 5 и 6 од Законот се бришат со член 5 ставовите 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 28-г од Законот се менува со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година) и гласи: „Одмерувањето на висината на глобата за правно лице и трговец поединец се врши согласно Законот за прекршоците.“
*член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) нема проме-ни.
-Во врска со оспорените одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување:
*член 11 став 1 точка 15) од Законот се брише со член 1 став 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 118 став 1 во делот: „и 15“ од Законот се брише со член 3 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
*член 120 став 4 од Законот се брише со член 5 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
-Во однос на оспорената одредба од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност:
*член 53 став 6 од Законот се брише со член 1 од Законот за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година);
-Во врска со оспорената одредба од Законот за здравственото осигурување:
*член 5 став 1 точка 1-б) од Законот се брише со член 1 од Законот за изменување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2015 од 31 јули 2015 година).
4.а) Според член 110 алинеја 1 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот“.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.“
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, а од изнесената одредба од Деловникот на Судот произлегува дека Уставниот суд одлучува за уставноста на законите ако нема процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека престанаа да важат и не се во позитивниот правен поредок член 252 став 3 од Законот за работните односи, член 4 точките 17 и 18, член 7 став 1 точките 13-15, член 10 став 1 точките 16-18, член 13 став 1 точка 13, член 14 став 1 точките 15-17 и ставовите 5 и 6 и член 28-г од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, член 11 став 1 точка 15), член 118 став 1 во делот: „и 15“ и член 120 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, член 53 став 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и член 5 став 1 точка 1-б) од Законот за здравственото осигурување.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека има процесни пречки за постапување по иницијативата во тој дел, поради што утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот, за отфрлање на тој дел од иницијативата.
б) Во однос на член 256 став 1, во оспорениот дел, и член 265 став 1 точка 20 од Законот за работните односи, имајќи ја предвид нивната содржина (инспекцијата на трудот врши надзор над договорите и работодавачот-правно лице ќе плати глоба ако не плаќа придонес од задолжително социјално осигурување), Судот оцени дека смислата на овие одредби, по престанокот на обрската за плаќање на придонеси по основ на договор за дело, авторски договор и друг договор за кој се остварува надоместок, не е онаква каква што се изведува со иницијативата пред престанокот на обврската, поради што Судот утврди дека има процесни пречки за постапување по иницијативата според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, па и тој дел од иницијативата се отфрли.
в) Во врска со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015), имајќи предвид дека се однесува на придонесите по основ на договор за дело, авторски договор и друг договор и роковите за нивно плаќање, како и дека престана да важи обврската за плаќање на придонесите по тие основи, Судот оцени дека смислата и на овие одредби не е онаква каква што се изведува со иницијативата пред престанокот на обврската, поради што Судот утврди дека има процесни пречки за постапување и по овој дел од иницијативата, па и за тој дел се исполнети условите од член 28 став 3 на Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претстедателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.43/2015
23 септември 2015 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.43/2015