У.бр.16/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1, во делот

2. Васко Лазески од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во член 8 ставовите 1 и 3 од Законот референдумот да се распишува заради консултирање на граѓаните, а донесената одлука да не е задолжителна, било во спротивност со член 73 од Уставот според кој одлуката донесена на референдум е задолжителна, што значело дека референдумот претставува облик на одлучување, а не само консултирање на граѓаните. Со оглед дека, според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, оспорените одредби од член 8 на Законот не биле во согласност со член 73 од Уставот, па требало да се укинат.

Во однос на член 27 од Законот, подносителот на иницијативата исто така смета дека е во спротивност со член 73 од Уставот.

Во врска со оспорените одредби од член 28 на Законот, во иницијативата се наведува дека со нив се определуваат прашањата за кои не може да се распише референдум и кои се во надлежност на Собранието на Република Македонија според член 68 од Уставот, но со оглед дека членот 73 или друг член од Уставот не предвидувал ограничување на правото за распишување на референдум, таквите законски одредби не биле во согласност со наведената уставна одредба.

Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага укинување на оспорените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од Законот, „референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните.“ Според став 2 од истиот член, „одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна.“
Во оспорениот став 3 на член 8 од Законот се определува дека „одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.“

Судот, понатаму, утврди дека според член 27 од Законот, „за претходно консултирање на граѓаните за прашања од пошироко значење за Република Македонија може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните (референдум за консултирање).“

Судот, исто така, утврди дека според оспорениот член 28 став 1 од Законот, „референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на Буџетот на Република Македонија и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашања на изборите, за именувањата и разрешувањата и за амнестијата.“ Во оспорениот став 2 од истиот член се определува дека „референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на одбраната, воена и вонредна состојба и за уредбите со законска сила донесени за време на воена или вонредна состојба.“ Според оспорениот став 3 на член 28 од Законот, „референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.“

4.Според член 110 алинеја 1 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.“

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“.

Со оглед дека Судот веќе одлучувал за согласноста на член 8 став 1, во делот: „или за консултирање на граѓаните“ и став 3, член 27 и член 28 ставовите 1, 2 и 3 од Законот, при што со Решение У. бр.260/2009 од 26 мај 2010 година не поведе постапка за член 8 став 1 во делот:„ или за консултирање на граѓаните“ и став 3 и член 27 од Законот, потоа што со Решение У.бр.197/2005 од 13 септември 2006 година не поведе постапка за член 28 став 3 од Законот и што со Решението У бр.51/2013 од 8 април 2015 година не поведе постапка за член 28 ставовите 1 и 2 од Законот и ја отфрли иницијативата за ставот 3 од истиот член, од причините изнесени во означените решенија, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.16/2015
23 септември 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева