У.бр.42/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеи 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јули 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 109 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ брoj 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014 и 10/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

3. Александар Цветков Врбовски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 16 и член 44 од Уставот на Република Македонија.

Како причина за оспорување на оспорените одредби се наведува дека државата била должна да ги респектира правата на родителите, каде што образованието на нивните деца би се вршело согласно нивните верски и филозофски убедувања.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека правото како слободна диспозиција на граѓанинот не смее да се остварува под било каков облик на државна принуда, во форма на казна, ограничување или условување од било каква природа или причина, затоа што со тоа таквото право би се трансформирало во изнуда, наметната обврска или принуда.

Според него, правото на образование односно едукација прокламирано со Конвенцијата, право кое била должна да им го обезбеди државата потписничка на своите граѓани е и обврска на државата на Република Македонија да ги респектира верските и филозофските убедувања на родителите. Филозофските убедувања на родителите, како граѓани можат да бидат насочени и во правец дека средното образование не било добро за нивните деца и дека наместо да посетувале настава во средните училишта, тие би требало да се занимаваат со некоја друга продуктивна работа или да се едуцираат надвор од наметнатиот систем на средно образование со задолжителните наставни програми. За таквото нивно филозофско убедување не смеат да трпат никаква последица, особено не казна, како што било предвидено со оспорениот закон, дотолку повеќе што слободата на мислата и убедувањето воопшто, во кое спаѓа и филозофското убедување, било посебно уставно гарантирано право со Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 3 став 1 од Законот за средното образование, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со овој закон.

Според ставот 2 од овој член, средното образование во јавните средни училиштa е бесплатно.

Во ставот 3 од овој член, не се дозволени дискриминации засновани на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба.

5. Судот понатаму утврди дека во членот 109 став 1 од Законот за средното образование, глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на родителот, односно старателот на малолетниот ученик ако ученикот не е запишан во средно училиште или нередовно го посетува училиштето (член 3 став 1).

Во ставот 2 од овој член е предвидено дека глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на средното училиште, ако: внесува погрешни податоци во интегрираната база на податоци (член 9-а) и не користи информатичка опрема во наставата (член 21 став 4).

Според ставот 3 од овој член, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на средното училиште за дејствијата од ставот 2 на овој член.

Понатаму, во ставот 4 од овој член, глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште за дејствието од ставот 2 алинеја 2 на овој член.

Во ставот 5 од овој член, глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на средното училиште, ако: не внесува податоци во интегрираната база на податоци (член 9-а), запише ученик преку бројот утврден во конкурсот за запишување (член 42), не склучи нов договор за работа со наставник (член 72 став 2), ја води и издава педагошката документација спротивно на членовите 73 и 74 од овој закон и дозволи исплаќање на средства кои не се утврдени во годишниот финансиски план на училиштето (член 93 став 1 алинеја 5).

Според ставот 6 од овој член, глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на средното училиште за дејствијата од ставот 5 на овој член.

Со ставот 7 се наведува дека глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште за дејствието од ставот 5 алинеја 4 на овој член.

Во последниот став од овој член се наведува дека, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште ако не ја реализира наставата интерактивно (член 69-а став 1).

6. Според членот 8 став 2 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според членот 44 од Уставот, секој има право на образование (став 1). Образованието е достапно на секого под еднакви услови (став 2). Основното образование е задолжително и бесплатно (став 3).

Според членот 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образование, освен во основното образование.

Според членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија (став 1). Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според член 3 став 1 од Законот за средното образование, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со овој закон, а во ставот 2 од истиот член, средното образование во јавните средни училишта е бесплатно.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот Суд на Република Македонија со Решение У.бр.132/2007 од 12 декември 2007 година не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 1 и членот 118 ставови 4 и 5 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007 и 49/2007).

Во решението меѓу другото се наведува дека определбата на законодавецот за задолжителност на средното образование не се однесува само на образовен процес кој трае четири години, туку и на сите видови на образование кои имаат и пократко траење. Притоа задолжителноста на средното образование законодавецот ја релативизира со својата определба за бесплатно школување во јавните средни училиштa (член 3 став 2 од Законот за средното образование).

Понатаму, Уставот посветил посебно внимание на правото на образование, како едно од основните човекови и граѓански права од сверата на културните права. Самото право на основно образование е поставено како право што треба задолжително да се оствари и е бесплатно. Ова право се остварува преку правото на граѓанинот да стекнува знаење и стручна подготовка на сите степени на образование под еднакви услови утврдени во закон. По однос на останатите видови на образование во Уставот не е содржана регулатива.

Од целината на Уставот како и од цитираните одредби произлегува дека за да одделни слободи или права бидат утврдени потребно е тие да се утврдени со Уставот, или Уставот да упатува на нивно уредување со закон, или тие да не се забранети со Уставот или закон, или пак да се признати во меѓународното право.

Во конкретниот случај неспорно е дека правото на средно образование не е уставна категорија, што значи уставотворецот се определил истото да биде уредено со закон, кој во членот 3 став 1 и 2 од Законот се определил за задолжителност и бесплатност на средното образование во јавните средни училиштa.

Оттаму, во функција на развој на квалитетно образование, унапредување на културата на живеење, зголемување на образовната структура на населението и со цел иден економски и социјален развој на државата, Уставот оставил законодавецот да ги постави основите на средното образование.

Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународноправните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои е и Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година), која е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година. Декларацијата за правата на детето е усвоена и прокламирана со резолуција на Генералното собрание на ОН 1386 од 20 ноември 1959 година. Конвенцијата за правата на детето е усвоена од Генералното собрание на ОН со Резолуција 44/25 од 20 ноември 1989 година.

Според содржината на одредбите од наведените меѓународни акти детето ужива посебна заштита, основното образование е поставено како задолжително и бесплатно за сите, а родителите имаат право и должност за издржување и воспитување на децата, односно да обезбедат оптимални услови за воспитување, школување и осамостојување на своите деца во рамките на материјалните можности.

Поаѓајќи од фактот дека материјалните можности на сите родители објективно не се на такво ниво кое ќе овозможи сите деца да ги уживаат сите благодети што ги дава заедницата, државата според своите материјални можности дава помош и ги помага родителите и во случај на потреба преку програми и други инструменти обезбедува помош во поглед на исхраната, облеката и живеењето на детето. Во конкретниот случај државата тоа го прави преку определбата за бесплатност на задолжителното средно образование во јавните средни училишта (член 3 став 2 од Законот).

Оттаму, определбата на законодавецот за задолжително и бесплатно средно образование во јавните средни училишта, според оцена на Судот е во насока на имплементација на одредбите од цитираните меѓународни акти, со цел образованието на детето да биде насочено кон негово подготвување за одговорен живот во слободно општество, во духот на разбирањето, мирот, толеранцијата, еднаквоста на половите и пријателството помеѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица од автохтоно потекло.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека членот 3 став 1 од Законот е во согласност со членот 44 став 2 од Уставот.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на членот 3 од Законот, а со новоподнесената иницијатива немал основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлување на иницијативата.

По однос на членот 109 од Законот во иницијативата не се наведуваат конкретни причини за неговата неуставност, но покрај тоа, Судот оцени дека поставеноста на средното образование на степен на задолжителност, неминовно бара санкционирање во случај на непочитување, се разбира со цел идејата на законодавецот да биде оживотворена во што поголема мера.

Според членот 109 став 1 од Законот, глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на родителот, односно старателот на малолетниот ученик ако ученикот не е запишан во средно училиште или нередовно го посетува училиштето (член 3 став 1).

Во ставот 2 од овој член, глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на средното училиште, ако: внесува погрешни податоци во интегрираната база на податоци (член 9-а) и не користи информатичка опрема во наставата (член 21 став 4).

Според ставот 3 од овој член, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на средното училиште за дејствијата од ставот 2 на овој член.

Понатаму, во ставот 4 од овој член, глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште за дејствието од ставот 2 алинеја 2 на овој член.

Во ставот 5 од овој член, глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на средното училиште, ако: не внесува податоци во интегрираната база на податоци (член 9-а), запише ученик преку бројот утврден во конкурсот за запишување (член 42), не склучи нов договор за работа со наставник (член 72 став 2), ја води и издава педагошката документација спротивно на членовите 73 и 74 од овој закон и дозволи исплаќање на средства кои не се утврдени во годишниот финансиски план на училиштето (член 93 став 1 алинеја 5).

Според ставот 6 од овој член, глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на директорот на средното училиште за дејствијата од ставот 5 на овој член.

Со ставот 7 се наведува дека глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште за дејствието од ставот 5 алинеја 4 на овој член.

Во последниот став од овој член се наведува дека, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на наставникот во средното училиште ако не ја реализира наставата интерактивно (член 69-а став 1).

Во членот 2 од Протоколот број 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи донесена и потпишана во Париз на 20 март 1952 година, се наведува дека никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.

Имено, според Судот, прекршочната одредба, каде што е предвидено прекршочно да се казнуваат граѓаните (родители, односно полнолетни ученици) е во согласност со принципот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, со цел почитување на пропишаната обврска за задолжително средно образование и реализација на така утврденото право.

Воедно со определбата на законодавецот за санкционирање на непочитувањето на пропишаната обврска не се повредува самото право на образование, бидејќи гарантираните, утврдените права со Уставот и со закон не ги ослободуваат граѓаните од обврските утврдени со Устав и со закон. Од друга страна предвиденоста на средното образование како задолжително и бесплатно е само по себе доволен мотив за што помал број на сторени прекршоци, во реализација на правото на образование како универзално право.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека остварувањето на правото на образование и санкционирањето од страна на законодавецот за нивното неостварување, остава можност правото на образование да се остварува во согласност со Уставот и законот, што има уставна основаност, поради што Судот утврди дека основано не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 109 од Законот за средно образование со членот 44 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2015
8 јули 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева