Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 став 2 од Законот за шумите („Службен весник на РМ“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 46/2014, 160/2014, 33/2015 и 44/2015).
2.Бранко Скендерски од Берово до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 67 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не можела да постои во правниот поредок, затоа што ЈП „Македонски шуми„ бил единствен правен субјект кој стопанисува со шуми. Во овој случај овој правен субект има вистински монопол на пазарот во издавањето одобренија за сеча на сопствениците бидејќи само тој можел да издава одобрение за сеча на сопствениците.
Според подносителот со оспорениот член ЈП „Македонски шуми“ покрај монополската положба има и доминантна позиција на пазарот во Република Македонија во издавањето на одобренија со што му е овозможено да одлучува за количината на дрвната маса што ќе ја одобри, за која количина има директен интерес да биде што помала како би имал конкуренција на пазарот на дрва во Република Македонија; мерките за обновување, одгледување и заштита на приватните шуми во помал обем, со цел да користат за себе поголеми финансиски средства од програмата; роковите на извршување на сечата, роковите за прием на посечената дрвна маса, роковите за дотур на посечената и дотур на дрвна маса, роковите за пошумување и слично. Издавањето на одобренија за сеча во приватните шуми во нашето опкружување и пошироко во Европската Унија го изведуваат лиценцирани физички и правни лица од областа на шумарството што беше пракса и кај нас од 2009 до 31.10.2014 година. Оваа пракса се укина на кој начин се обезбеди монополска и доминантна позиција на пазарот во Република Македонија во издавањето на одобренија од страна на ЈП „Македонски шуми“.
Од сето изнесено, подносителот смета дека со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 11, член 30, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот на Република Македонија и член 2, член 3, член 13 и член 14 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на РМ“ бр.4/2005).
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 67 став 2 од Законот за шумите е предвидено дека„Одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издаваат лицата од членот 97 став 1 на овој закон,по барање на сопственикот на шумата“.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Согласно став 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во став 2 на овој член меѓу другото е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Според член 1 од Законот за шумите,(“Службен весник на Република Македонија” бр 64/2009 , 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 ,160/2014, 33/2015 и 44/2015), со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.
Согласно член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.
Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.
Според член 4 од Законот, цели на овој закон се: трајно да се сочува површината под шума, да се зголеми нивната вредност и да се обезбеди најголем прираст според природните улови на месторастењето и да се обезбеди одржливо управување, планирање, стопанисување со шумите и чување на шумите и шумското земјиште на начин и во обем со кој трајно се одржува и унапредува нивната производна способност, биолошка разновидност, способност за обнова и виталност во интерес на сегашниот и идниот развој на економските, еколошките и социјалните функции на шумата, притоа да не се наруши еко системот.
Во членот 11 став 2 од Законот е предвидено дека шумите во заштитените подрачја се прогласуваат со Законот за заштита на природата.
Во Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ број 67/2004, 14/2006 и 84/2007,35/2010,47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013,163/2013 и 41/2014), во членот 1 став (1 ) е предвидено дека со овој закон се уредува заштитата на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство, во заштитени подрачја и надвор од заштитени подрачја, како и заштитата на природни реткости.
(2) Врз употребата на природните богатства за економски цели покрај одредбите на овој закон се применуваат и одредбите на посебните закони.
(3) Врз заштитата на природата се применува и Законот за животна средина, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
(4) Врз заштитата на природата се применуваат и одредбите од другите закони кои се однесуваат на заштитата на природата.
Во членот 6 точка 11 од наведениот закон е предвидено дека:
„Заштита на природата е трајно зачување на природните ресурси, генофондот и природните услови на животот кои се од егзистенцијално значење за опстанокот на човекот и за задоволување на неговите економски, здравствени, рекреативни, научни и културни потреби”.
Во точката 50 од членот 6 е предвидено дека :
„Заштитено подрачје претставува географски одредена површина,издвоена или прогласена од надлежен орган за да се управува со него во смисла на постигнување на специфични цели на заштита и зачувување, односно место кое е подложено на правен или управен режим на заштита наменет за зачувување и унапредување на видовите кои во него живеат“.
Во членот 6 точка 61 од Законот за заштита на природата е предвидено дека:
„Заштитено подрачје е географско подрачје со точно дефинирани граници кое има статус признаен и утврден со закон или друг правен акт и е прогласено за заштитено подрачје заради остварување на долгорочна заштита и управување преку преземање на правни и други мерки, а со цел за постигнување на целите на зачувување на природата, продолжување на функциите на екосистемот и со него поврзаните културни вредности.“
Во членот 149 од посочениот закон во насловот: „Евиденција на заштита на природата“ е предвидено дека:
(1) Заштитените подрачја, природните реткости, дивите видови и карактеристичните минерали и фосили се запишуваат во евиденциите за заштита на природата.
(2) Евиденциите од ставoт (1) на овој член ги води надлежниот орган за вршење на работите од областа на заштитата на природата.
(3) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштитата на природата ги пропишува податоците кои се запишуваат во евиденциите за заштита на природата, начинот на водење и формата и содржината на образецот на евиденциите, како и начинот и можностите за користење на податоците од евиденциите.
Во членот 12 точка 14 од Законот за шумите е определено значењето на одделни поими при што е предвидено дека заштита на шумите е систем на мерки и активности кои се спроведуваат со цел да се обезбеди опстанок на шумата, зачувување на здравствената состојба и виталност на шумите од противправно присвојување и користење, бесправни сечи, пожари, растителни болести и штетници, напасување на добиток, желадење, противправно собирање на други шумски производи и други оштетувања.
Во точката 31 од член 12 е определено дека стручни работи во областа на шумарството се работи поврзани со извршување на ознаката за сеча и планирање на шумите, заштитата и одржување на шумите биодиверзитетот во шумите, одгледување на шумите, користење на шумите, изградба на шумски комуникации и советувања на сопствениците на шумите.
Согласно член 23 од Законот, националната шумарска политика во Република Македонија се остварува преку Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, која ја донесува Владата за период од 20 години. Според член 28 од истиот закон, планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште се остварува преку: посебни планови за стопанисување со шумите; програма за стопанисување со шумите и годишни планови за стопанисување со шумите.
Во главата IV oд Законот, насловена како:” Стопанисување со шумите”, законодавецот ги уредил прашањата кои се однесуваат на одгледувањето на шумите, заштитата на шумите и користењето на шумите.
Во делот на користењето на шумите во насловот „Одобрение за сеча во шуми во приватна сопственост“ во член 67 став 1 е предвидено дека „Сеча во шума во приватна сопственост се врши со одобрение за сеча. Во оспорениот став 2 од членот 67 е предвидено дека „Одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издаваат лицата од членот 97 став 1 на овој закон,по барање на сопственикот на шумата“.
Во членот 97 од Законот кој бил предмет на оценка пред Уставниот суд и за кој Уставниот суд не повел постапка е предвидено дека „Стручните работи на шуми во приватна сопственост ги вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби,анализата на Законот за шуми кој се повикува на примена и на Законот за заштита на природата во делот кој се однесува на заштитените подрачја, наспрема наводите во иницијативата,Судот оцени дека истите се неосновани.
Според мислењето на Судот, од наведеното недвосмислено произлегува дека законодавецот ја операционализирал уставната определба за воспоставување посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес, кој режим важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз.
5. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.10/2015
3 јуни 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева