Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ-4, блок 14, опфат 5- Струга, број 07-3414/18 од 13 ноември 2012 година, донесена од Советот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр. 11/2012)
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара оценување на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од овој предлог со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2010).
3. Мирјана Петкоска од Струга, и Љубомир Милески од Струга, застапуван од Славко Котески, адвокат од Струга, поднесоа иницијативи до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт означен во точките 1 и 2 на ова решение.
Со иницијативата поднесена од Мирјана Петкоска од Струга се оспорува предметниот урбанистички план од причини што тој предвидувал повеќе да не постои парцелата на која била нејзина куќа, изградена од пред 200 години и која активно се употребувала од нејзиното семејство, која се наоѓала во централниот дел од градот и земјиштето да биде „прикажано“ за проширување на дворот на соседната изградена парцела со куќа на соседот.
Според наводите во иницијативата, предметниот урбанистички план не бил донесен во постапка според одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, особено поради тоа што планирањето на просторот не било на основа на ажурирани геодетски подлоги. Воедно, бришењето на нејзината куќа од Планот за потребите и интересите на соседната куќа, немало никаква оправдана основа бидејќи тоа не било јавен интерес. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот план, како несогласен со членот 8 став 1 алинеи 6 и 10, член 26, член 30 став 2 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и неповредливоста на домот, како и дека не е во согласност со одредбите на членовите 14 и 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со иницијативата поднесена од страна на Љубомир Милевски од Струга, се оспорува законитоста на оспорениот план како несогласен со Законот за локалната самоуправа, Законот за просторно и урбанистичко планирање како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање. Во иницијативата не се наведени аспекти за несогласност со Уставот па поради тоа иницијативата ќе се третира само за оспорување на законитоста, иако се споменува и несогласност со Уставот. Според наводите во иницијативата оспорениот План предвидел градба на комерцијален објект непосредно пред неговата куќа, кој не би требало да биде планиран во тој дел поради тоа што било подрачје само за домување (намена на „А„ класа објекти) согласно Генералниот урбанистички план, а воедно новопредвидениот објект целосно ќе ги затворел шесте прозорци од куќата во која живеел со семејството. Со оспорениот План се интензивирала 100% градбата, а согласно стандардите и правилата за градба таа не би смеела да изнесува повеќе од 70% за да не дојде до пореметување на функционирањето на постојното урбано подрачје. Како посебно се наведува дека во постапката на донесување на Планот, Министерството за култура – Управата за заштита на културното наследство до општината Струга доставиле мислење дека не смее да се продолжи со усвојувањето на Деталниот урбанистички план за УЕ-4, бидејќи заштитата на конзерваторските основи не биле доследно вградени, но и покрај ова мислење, Планот бил донесен во отсуство на заштитно – конзерваторски основи.
Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот план, како несогласен со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (член 3, член 4 и член 15-б) и спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
4. Судот на седница утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ-4, блок 14, опфат 5-Струга, број 07-3414/ 18 од 13 ноември 2012 година е донесена од Советот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга“ бр. 11/2012)
Оспорената Одлука е донесена врз основа на член 26 став 5 од Законотза просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/2011 – пречистен текст) на седницата на Советот на Општина Струга одржана на 13 ноември 2012.
Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со одлуката се донесува Детален урбанистички план за УЕ-4, блок 14, опфат 5- Струга, за плански опфат помеѓу улиците: „15-ти Корпус“; „Димитар Влахов“; „Кеј Борис Кидрич“ и „Димче Ковачески“.
Според членот 2 од Одлуката, урбанистичкиот план содржи: графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, одговор на стручна ревизија и извештај од стручна консултација.
Според член 3 од Одлуката, извештајот од стручната консултација ќе биде составен дел на оваа Одлука.
Во членот 4 од Одлуката, е предвидено дека Деталниот урбанистички план за УЕ-4, блок 14, опфат 5, ќе го спроведе општинската администрација на Општина Струга врз основа на Согласност број 16-18687/2 од 29.10.2012 година издадена од страна на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.
Според член 5 од Одлуката, деталниот урбанистички план се заверува со печат и потпис од градоначалникот на Општина Струга, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен.
Според член 6 од Одлуката, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на Општина Струга“ бр. 11/2012.
Советот на Општина Струга на седницата одржана на 13 ноември 2012 година ја донел оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за УЕ -4 блок 14 опфаТ 5-Струга, број 07-3414/18 од 13 ноември 2012 година, објавена во „Службен гласник на Општина Струга“ бр. 11/2012 од 15 ноември 2012 година.
Врз основа на доставената документација за текот на постапката за донесување на Одлуката, Судот на седница утврди дека:
– Советот на Општина Струга на седница од 28 јануари 2011 година донел Програма за изработка, измени и дополнувања на Урбанистичките планови во 2011 година, во кои е и ДУП за УЕ-4 исток-запад;
– Со Решение број 09-1403/1 од 29 април 2011 година градоначалникот на Општината, формирал три члена Комисија за давање на мислење и предлог по однос на измените и дополнувањата на ДУП за дел УЕ -4 блок 14 опфат 5, тех број 34/11 од март 2011 година изработен од „Планерис“ – Куманово. Оваа Комисија дала Мислење за Нацрт – планот со забелешка дека е потребно мислење за Планот од Заштитно – конзерваторските услови за планираните содржини на постојното урбано подрачје, а на 3 мај 2011 година оваа Комисија дала позитивно мислење за продолжување на постапката за донесување на Планот, без забелешки;
– Градоначалникот на Општина Струга донел Одлука број 09-1765/1 од 8 јуни 2011 година за организирање на јавна презентација и јавна анкета за донесување на Нацрт ДУП дел од УЕ-4 блок 14, опфат 5 во која е определено дека соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета ќе биде објавено во јавно гласило и ќе трае 15 работни дена од денот на објавувањето на соопштението и тоа ќе се спроведе во периодот од 20 јуни до 08 јули 2011 година. Јавната презентација ќе се одржи во просториите на Општина Струга во 12 часот на 4 јули 2011 година. Нацрт-планот ќе биде изложен на јавно место и заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок на анкетни листови ќе можат да ги дадат своите забелешки.
– Текстот на Соопштението заведено под број 09-1765/2 од 16 јуни 2011 година било утврдено од градоначалникот. Во текстот на Соопштението е утврдено дека јавната анкета ќе трае 10 работни дена од 20 јуни – 8 јули 2011 година, а јавната презентација ќе се одржи на 04 јули 2011 година во 12.00 часот во просториите на Општина Струга. Нацрт – планот ќе биде истакнат во холот на зградата на локалната самоуправа во Општина Струга. Заинтересираните граѓани и правни лица свои предлози и забелешки додека трае јавната анкета може да ги доставуваат на анкетни листови до организаторот на анкетата. Изработувачот на Нацрт-планот ќе обезбеди стручни лица за давање на објаснувања во текот на одржување на јавната презентација.
– Од доставниците во списите по предметот се гледа дека Соопштението било доставено до ТВ „Калтрина“ и „Радио Плеј“ и тие дале писмени потврди дека го емитувале Соопштението во период од 20 јуни до 08 јули 2011 година (ТВ Калтрина) и од 24 јуни 2011 до 08 јули 2011 година. (Плеј Радио).
– Понатаму, од списите во предметот се гледа дека на јавната презентација биле поканети помеѓу другите и претставници на Проаква-Струга, НУЗ Заштита и споменици на култура- Охрид,Телеком Струга и од општина Струга.
– Со решение под број 09-1765/5 од 29 јуни 2011 година Градоначалникот на Општина Струга формирал три члена Комисија за изготвување на Извештај од јавната анкета. Во ова решение е наведено дека задача на Комисијата е да изготви Заклучок од кои причини се повторува јавната анкета и јавната презентација и да состави Извештај за прифатените и неприфатените забелешки по Нацрт-планот на деталниот урбанистички план.
– Од Записникот на Комисијата број 09-1765/6 од 7 јули 2011 година се гледа дека јавната презентација се одржала на 4 јули 2011 година со почеток во 12 часот.
– Од Записникот за јавната анкета на Комисијата број 09-1765/7 од 21 јули 2011 година на три члената Комисија се гледа дека имало забелешки на анкетни листови и одговори за прифаќање или неприфаќање на забелешки.
– Во 2012 година три члената комисија изготвила Извештај број 09-1765/8 од 31 јануари 2012 година за јавната анкета и јавна презентација по Нацрт ДУП дел од УЕ-4 дел од Блок 14 Опфат 5 општина Струга во кој се опфатени Записници од јавната презентација и дел од јавна анкета со приложените анкетни барања и одговори со дадено образложение за прифатени и неприфатени забелешки.
– Градоначалникот на општината дал Известување број 09-1765/9 од 29 февруари 2012 година за постапување по Извештајот дел од УЕ -4 дел од блок 14-Опфат 5, Општина Струга во кој утврдил дека од Заклучокот од Извештајот од спроведената јавна анкета се извршило дополнување на Планот пред доставување на Предлог-планот до Министерството за транспорт и врски и изготвен бил Предлог –планот.
– Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство со писмо број 17-445/2 од 10 февруари 2012 година дало мислење дека во Предлог-планот број 34/11 од јануари 2012 година ги имал вградено заштитно-конзерваторските основи.
– Министерството за транспорт и врски дало согласност број 16-18687/2 од 29 октомври 2012 година на Прелог-детален урбанистички план за Дел УЕ 4 дел од блок 14, опфат 5, Општина Струга, со плански период 2011-2016, со плански опфат (2,84ха) изработен од Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг „Планерис“-Куманово, со технички број 34/11 од септември 2012 година.
– Одлуката за донесување на Планот е со број 07-3414/18 од 13 ноември 2012 година, објавена во Службен гласник од 15 ноември 2012 година.
Во контексот на погоре утврдената фактичка состојба, се наведуваат и следните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се од значење за постапката за донесување на урбанистичките планови.
Имено, условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 и 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење е донесена оспорената одлука.
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека израбо-тувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Според член 4 став 1 од Законот, со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се: рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, оддржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии, јавност во постапка за донесување и спроведување на плановите и усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот.
Во членот 5 од Законот е содржано значењето на изразите што се употребуваат во Законот.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.
Според ставот 7 од членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Согласно член 14 став 1 од Законот, сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот, а на ажурираната геодетска подлога врз основа на која се изработува генерален урбанистички план се евидентира само постојната надземна и подземна примарна инфраструктура. Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра коишто имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи. (став 3) Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење. (став 4) Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чиешто место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни. (став 5) Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење, освен за градбите за кои согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти е донесено решение за утврдување на правен статус.(став 6)
Во член 15-б став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, при изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец 10,2 метри. За градби со намена домување во станбени згради процентот на изграденост треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец за градежни парцели со површина од 500 до 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 25,2 метри, а за градежни парцели со површина поголема од 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 30 метри. Површината на градежната парцела за градби со намена домување во станбени згради треба да изнесува најмалку 500 м2.(став 2)
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна Програма. Во ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).
Според членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Доколку комисијата од ставот 6 на овој член од Законот оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11).
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Tргнувајќи од наведената законска регулатива како и од увидот и анализата на доставената документациja доставена до Судот, за донесување на оспорената Одлука, во делот што се оспорува со иницијативата, Судот констатира дека општината Струга како орган за донесување на наведената одлука ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.
Во врска со уставноста на Одлуката во однос на членот 30 од Уставот, Судот утврди дека наводите во иницијативта се неосновани, бидејки со оспорената одлука не се уредуваат прашања на сопственост на конкретни физички лица и одземање на нивните сопственички права, како што наведува подносителот на иницијативата.
Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од Одлуката не може да се оценува од аспект на нејзината согласност со член 30 од Уставот, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, па таа во тој дел се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
Уставниот суд кој ја цени исклучиво законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот, а не и од аспект на содржината на планот. Ова од причини што Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија од граѓаните, како и на нивните забелешки по однос на нацрт-планираните решенија, туку Стручната комисија која е надлежна да постапува по забелешките и предлозите од граѓаните по однос на нацрт-плановите и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост. Имено, клучно за постапката во која е донесен оспорениот план е транспарентноста во смисла на запознавањето на граѓаните со планските решенија во нацрт-планот, заради овозможување граѓаните преку анкетни листови да достават свои предлози и забелешки на нацрт-планот.
Во однос на наводите во иницијативата поради тоа што планирањето на просторот не било на основа на ажурирани геодетски подлоги, во врска со ажурирана геодетска подлога за изработка на нацрт-ДУП-от до Судот е доставен Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени, бр.11/30-2 од 21 февруари 2011 година, изработен од Друштво за производство, трговија и услуги „Алфа-Геодет 2010“ ДООЕЛ Струга и кој е заверен од Трговец поединец, овластен геодет, Трговско друштво за геодетски работи, а кој се однесува на ажурирана геодетска подлога за дел од УЕ-4 КО Струга.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Наводите во иницијативата за конкретно барање на согласноста на Одлуката со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2010), од аспекти дадени во иницијативата поднесена од страна на Љубомир Милевски од Струга, Судот оцени дека истите претставуваат барање за оценување на акти од ист ранг, а тоа излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд.
Имено, одредбите од овој правилник предвидуваат задолжителна примена на стандардите и нормативите, а тоа не ги прави наведените одредби спротивни на Уставот, односно Уставот и законите, бидејќи ваквата формулација само значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработката, донесувањето и спроведувањето на плановите да обезбедат услови за похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и одржлив просторен развој на населените места и градбите, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на недвижното културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природата, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот, што е и интенција на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање.
Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање претставува технички норматив кој се заснова на одредени научни и стручни мислења и искуства од областа на урбанистичкото планирање и кој се носи од страна на надлежниот министер по законски спроведена постапка. Поточно, надлежниот министер формира комисија (најмалку пет членови, од кои еден научен работник од областа на урбанистичкото планирање, еден архитект со овластување за изработка на урбанистички планови и тројца стручни работници од областа на урбанистичкото планирање). Комисијата ги изработува стандардите и нормативите и дава предлог до надлежниот министер, а за изработените стандарди и нормативи се организира стручна расправа од научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање, па по вградување на забелешките од стручната расправа, стандардите и нормативите ги пропишува надлежниот министер.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата и во овој дел.
Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност на член 8 став 1 алинеите 6 и 10, член 26 и член 30 од Уставот и членовите 4,14,15-б и 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за локалната самоуправа.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.16/2013 и У.бр.22/2013
03.06.2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева