У.бр.137/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 30-д став 1 алинеи 2 и 3 од Законот за виното „Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013 и 188/2013).

2. Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2013). Судот од наводите во иницијативата утврди дека предмет на оспорување не е целината на наведениот закон, туку членот 30-д став 1 алинеи 2 и 3 од интегралниот текст на Законот, означен во точката 1 од ова решение, кој беше предмет на уставно-судска анализа.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот со кој се предвидувал надоместок од 10% од неисплатените финансиски обврски на име повторен упис бил спротивен на членот 8 став 1 алинеја 7 и став 2, како и на членот 55 од Уставот. При анализата на оваа одредба требало да се има предвид дека купопродажбата на грозјето пред се била облигационен однос, кој продавачите на грозје и производителите на вино можеле слободно да го уредат, врз основа на нивната слободна волја, а согласно Законот за облигационите односи.

Казнувањето на производителите на вино врз основа на оспорената одредба го кратело правото на продавачот на грозје да му даде можност на производителот на вино за одложено плаќање и го санкционирало производителот на грозје за евентуално договорените купопродажби со одложено плаќање. Крајно производителот на виното плаќал казнена камата (член 266 од Законот за облигационите односи), но и надоместок за повторен упис (член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот за виното) со што се предвидувало двојно казнување на производителот на вино и се нарушувал принципот на правна сигурност. Имајќи предвид дека станува збор за облигационен, договорен однос, државата не можела да се меша и да го ограничува така настанатиот однос помеѓу договорните странки и особено да наплаќа казна во договорен однос во кој истата немала никакво учество.

Од друга страна, продавачот на грозје можел секогаш слободно да се откаже од побарувањето спрема производителот на вино согласно начините предвидени во Законот за облигацините односи од каде оспорената одредба била спротивна на членот 10 од Законот за облигационите односи.

Предвидената обврска за плаќање на надоместок за повторен упис, како вид на казна директно ги ставал производителите на вино во нееднаква правна положба со останатите субјекти на пазарот и го ограничувала и условувала правото на повторен упис во Регистарот со деловниот однос на продавачот и производителот. Крајно се јавувала нееднаквост на самите производители на вино, па тие во зависност од големината на производството, количините на купено грозје и произведено вино се доведувале до состојба да плаќаат на државата казна во различни износи. Оттаму, одредбата не била во согласност со членот 55 став 2 од Уставот, бидејќи не обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Членот 30-д став 1 алинеја 3 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и став 2, како и со член 55 од Уставот. Со оваа одредба, од една страна, се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото, а од друга страна, почетокот на течење на казнената камата бил различен од оној што бил предвиден во Законот за облигационите односи од каде постоел судир на овие два закони.

Наметнувањето на плаќање на казнена камата од оспорената одредба сериозно задирало во слободното уредување на деловните односи од каде се повредувал членот 55 од Уставот. Ваквите мерки ги ставале учесниците на договорниот однос во нееднаква правна положба со останатите учесници на пазарот, а не постоела и посебно определена причина за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, односно повисока цел како што се одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето од членот 55 став 3 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата со наметнување на неуставни услови не се придонесувало кон развивање и почитување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку напротив кон рушење на истиот, а согласно членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Заради наведеното се предлага оспорените одредби да бидат укинати.

4. Судот на седницата утврди дека, членот 30-д од Законот за виното е со наслов „Повторен упис во Регистарот на производители на вино“. Во ставот 1 алинеи 2 и 3 е определено дека, по исклучок од членот 30 став (1) алинеја 5 од овој закон, производителот на вино кој бил избришан од Регистарот од членот 30 од овој закон, во текот на истата или наредната календарска година, може повторно да биде запишан во Регистарот на производители на вино, меѓу другото, доколку:

– плати надоместок за повторен упис на сметка на буџетот на Република Македонија во висина од 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година согласно податоците од извештајот од членот 30-а од овој закон и
– на лицата спрема кои има неисплатени финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година им исплатил казнена камата согласно Законот за облигациони односи за периодот од истекот на рокот за доставување на извештајот од членот 30-а од овој закон, па се до целосната исплата на обврската.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот (став 2). Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 3).

Членот 30 став 1 од Законот за виното ги содржи условите за упис на производителите на вино во соодветниот Регистар. Согласно став 1 од истиот член од Законот, производство на вино заради ставање на вино во промет може да врши физичко и правно лице кое:

– располага со соодветни простории и опрема за производ-ство на вино во своја сопственост или користи простории и опрема во сопственост на друго физичко или правно лице кое нема финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години;
– правното лице да има вработено најмалку едно лице со завршено високо образование од областа на винарството или лозарството;
– физичкото лице да има завршено високо образование од областа на винарството или лозарството или да има со договор ангажирано лице со завршено високо образование од областа на винарството или лозарството;
– нема финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години и
– не било избришано од Регистарот на производители на вино во претходната календарска година.

Заради евиденција на производителите на вино, Министерството води регистар на производители на вино, согласно членот 30 став 2 од Законот.

Во ставот 4 од истиот член од Законот е утврдено дека запишаните производители на вино во регистарот од ставот 2 на овој член, се должни секоја година најдоцна до 30 април да достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјава од одговорното лице дадена на нотар под материјална и кривична одговорност дека во целост им се исполнети финансиските обврски за купено винско грозје во претходните години.

Во членот 30-а став 1 од Законот за виното е определено дека запишаните производители на вино во Регистарот од член 30 став 2 на овој закон, се должни секоја година најдоцна до 30 април во тековната година да достават до Министерството извештај за претходната година за исполнување на условот од членот 30 став 1 алинеја 4 од овој закон, односно дека немаат финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години.

Во член 30-а став 2 од Законот е определено дека, веродостојноста на податоците во извештајот од ставот 1 на овој член ја утврдува Државниот инспекторат за земјоделство со инспекциски надзор кај производителот на вино.

Според ставот 3 од членот 30-а од Законот, доколку со инспекцискиот надзор од ставот 2 на овој член се утврди неверодостојност на податоците во извештајот со податоците од книговодствената евиденција кај производителот на вино, Државниот инспекторат за земјоделство до Министерството доставува предлог за бришење на производителот на вино од Регистарот на производители на вино со записник за извршен инспекциски надзор.

Врз основа на предлогот од ставот 3 на овој член министерот донесува решение за бришење на запишаниот производител на вино од Регистарот на производители на вино (став 4).

Според став 5 од членот 30-а од Законот за виното, од Регистарот на производители на вино се брише и производителот на вино кој нема да достави извештај во рокот од ставот 1 на овој член (најдоцна до 30 април во тековната година).

За подносителот на иницијативата уставно се проблематични алинеите 2 и 3 од членот 30-д став 1 од Законот во кои се предвидени услови за повторен упис во Регистарот на производители. Притоа во алинејата 2 е предвидено дека производител на вино, може повторно да биде запишан во Регистарот, иако бил избришан од Регистарот на производители на вино во претходната календарска година, ако меѓу другото плати надоместок за повторен упис на сметка на буџетот на Република Македонија во висина од 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година согласно податоците од извештајот од членот 30-а од овој закон. Во алинејата 3 од членот 30-д став 1 од Законот, за повторниот упис во Регистарот како услов предвидува производителот на вино на лицата спрема кои има неисплатени финансиски обврски за купено винско грозје, во претходната година, да им исплати казнена камата согласно Законот за облигациони односи. Каматата се однесува за периодот од истекот на рокот за доставување на извештајот од членот 30-а од овој закон, па се до целосната исплата на обврската.

Оттаму, гледано споредбено, законодавецот предвидува построги услови при повторниот упис од оние предвидени за првичниот упис, но ваквото уредување, според Судот има своја уставна оправданост.

Имено производителите на вино во своето работење покажале несовесен и несериозен однос кон законската и договорна обврска за исплата на долгуваниот износ кон производителите на грозје, а право е на државата со соодветен закон да утврди механизми кои ќе одат во правец на исплата на долгуваната сума. Оттаму за Судот прифатлива е целта на законодавецот преку законска регулатива да ги натера производителите на вино навреме и целосно да го исплатат долгуваниот износ спрема продавачите на грозје, на начин што ќе ги санкционира со предвидување на законски построги мерки и услови за повтрниот упис во Регистарот.

Врз основана на наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 7, член 51 и членот 55 од Уставот.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на одредби од еден ист закон или меѓусебната согласност на два или повеќе закони од каде нема претпоставки за впуштање во основаност на наводите од иницијативата за согласност на оспорените одредби со посочените одредби од Законот за облигационите односи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.137/2014
3 јуни 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.137/2014