У.бр.155/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за надминување на моменталната состојба на водата за пиење во с. Ратево, донесена од Советот на Општина Берово, на вонредна седница одржана на 06.11.2014 година, број 07-2368/1, објавен во “Службен гласник на Општина Берово” број 16 од 07.11.2014 година.

2. Градоначалникот на Општина Берово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорениот Заклучок, донесен од Советот на Општина Берово, Месната заедница во с. Ратево се задолжувала, а заради надминување на моменталната состојба со водата за пиење, да ги примени мерките посочени од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство п.о. Берово за чистење на резервоарите, поставување на шљунак, вршење на хлорирање и почести контроли на водата.

Градоначалникот на Општина Берово, врз основа на член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”, број 5/2002), донел Решение за запирање на објавувањето на оспорениот заклучок, бидејќи сметал дека донесениот акт е спротивен на Уставот и законите.

Имено, согласно член 3 став 1 точка 16 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води (“Службен весник на Република Македонија”, број 68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011 и 163/2013), “давател на услуга” е јавно претпријатие основано од општината, односно градот Скопје, Владата на Република Македонија или од друго правно лице, во кое доминантен капитал има Републиката, општината или градот Скопје, кое ги исполнува условите за вршење на дејноста согласно со закон.

Според член 4 став 1 точка 4 од Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија”, број 95/2012, 163/2013 и 42/2014), “давател на комунална услуга“ е јавно претпријатие основано од општината, општините во градот Скопје и градот Скопје и Владата на Република Македонија или правно и физичко лице кое поседува дозвола за вршење на комунална дејност.

Општина Берово, врз основа на член 8 став 2 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија”, број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 38/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013 и 41/2014), имала основано Јавно претпријатие за комунални работи ЈПКР “Услуга” Берово, за давање на комунални услуги, како дејност од јавен интерес од локално значење.

Со иницијативата се наведува дека Месната заедница во с. Ратево немала правен легитимитет, односно не била основана согласно Законот за локалната самоуправа и позитивните законски прописи, туку дека таа била добороволно здружение на граѓани. Како таква, Месната заедница во с. Ратево, не поседувала дозвола за вршење на комунални дејности за обработка и снабдување со вода за пиење, ниту пак и биле делегирани надлежности од страна на Општината за обработка и снабдување на селото со вода за пиење, па оттука точката 1 од оспорениот заклучок, не била во согласност со закон.

3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Берово врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/02) и член 76 став 1 од Статутот на Општина Берово (“Службен гласник на Општина Берово” бр.13/02, 18/07, 30/08 и 20/10), на вонредната седница одржана на 06.11.2014 година, донел Заклучок за надминување на моменталната состојба на водата за пиење во с. Ратево.

Со член 1 од Заклучокот, се задолжувала Месната заедница во с. Ратево, за надминување на моменталната состојба со водата за пиење во с. Ратево, да ги примени мерките посочени од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство п.о. Берово за чистење на резервоарите, поставување на шљунак, вршење на хлорирање и почести контроли на водата.

Со член 2 од Заклучокот, за наредната седница на Советот како точка на дневен ред се предлага “Разгледување и изнаоѓање на трајно решение за надминување на проблемите со водоснабдувањето на населените места Ратево и Двориште”, со пречистени предлози и ставови на постојаните работни тела на Советот.

Според точката 3 од Заклучокот, Заклучокот влегувал во сила со денот на објавувањето во (“Службен гласник на Општина Берово”.

Заклучокот е со број 07-2368/1 од 06.11.2014 година.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оценување на уставност и законитост на Заклучок за надминување на моменталната состојба на водата за пиење во с. Ратево, донесен од Советот на Општина Берово.

Оспорениот Заклучок во точката 1 содржи задолжување за Месната заедница во с. Ратево, за чистење на резервоарите, поставување на шљунак, вршење на хлорирање и почести контроли на водата во с. Ратево, заради надминување на моменталната состојба на вода за пиење во с. Ратево, а точката 2 од оспорениот Заклучок, содржи предлог како точка на дневен ред за наредната седница на Советот да биде “Разгледување и изнаоѓање на трајно решение за надминување на проблемите со водоснабдувањето на населените места Ратево и Двориште”, со пречистени предлози и ставови на постојаните работни тела на Советот.

Подносителот на иницијативата кој е градоначалник на Општина Берово, констатирал незаконитост на Заклучокот донесен од страна на Советот на Општина Берово, при што со решение го запрел неговото објавување.

Градоначалникот на Општината Берово, повикувајќи се на член 51 од Законот за локалната самоуправа, до овој суд достави иницијатива со која бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок.

Правните елементи што го определуваат прописот за да биде подобен за уставно-судска оцена, треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Според тоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а од содржината на оспорениот акт Судот утврди дека тој уредува конкретна обврска на конкретен субјект-Месна заедница во с. Ратево, да преземе дејствија за надминување на моментална состојба со водата за пиење во с. Ратево.

Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, Судот утврди дека оспорениот акт, не е подобен за уставно судска оцена.

Судот ги имаше предвид наводите од подносителот на иницијативата дека оспорениот заклучок не е донесен во согласност со позитивните прописи со кои се уредува кој може да врши комунални услуги, дека Општината Берово имала основано Јавно претпријатие за комунални работи и за давање на комунални услуги, како и дека Месната заедница во с. Ратево не поседувала дозвола за вршење на комунални дејности за обработка и снабдување со вода за пиење, ниту пак и биле делегирани надлежности од страна на Општината за таа цел, како и сериозноста од наведеното задолжение со оглед дека станува збор за одржување на резервоари, хлорирање и контрола на вода за пиење, што е од примарно значење за здравјето на граѓаните, меѓутоа како што погоре е наведено, оцената на законитоста на овој вид на акти не е во надлежност на овој суд, туку на други надлежни органи.

5. Поаѓајќи од наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај, актот кој се оспорува со иницијативата не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.155/2014
27 мај 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева