Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од Урбан блок 48–дел 5, Плански опфат меѓу ул.„Миле Кипра“, ул.„Перо Шварц“ и ул.„Перо Чичо“–oпштина Куманово, бр. 07-4152/14, донесена од Советот на Општина Куманово на 26 јуни 2013 година, и
б) Одлуката за донесување на измена и дополнување на Генерален урбанистички план за град Куманово УЕ „Трета МУБ“, УБ 48–Општина Куманово.
2. Нада Вељановска од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 19 и член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Како причини за оспорување на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одлуки биле во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи донесените урбанистички планови не можеле да се применуваат пред да се исполнат условите од ставовите (4) и (6) од членот 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што значело дека пред донесување на генерален урбанистички план не можело да се донесе план од пониско ниво.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од Урбан блок 48–дел 5, Плански опфат меѓу ул.„Миле Кипра“, ул.„Перо Шварц“ и ул.„Перо Чичо“–општина Куманово, бр. 07-4152/14 е предвидено дека со оваа одлука се донесува ДУП за дел од У.Е.„Трета МУБ“, Урбан блок 48–дел 5, Плански опфат меѓу ул.„Трета МУБ“, ул.„Миле Кипра“, ул.„Перо Шварц“ и ул.„Перо Чичо“–општина Куманово, техничка документација бр.У-02/12 изработена од Урбан ГИС ДПП–Куманово.
Во членот 2 од Одлуката, составен дел на ДУП за дел од У.Е. „Трета МУБ“, Урбан блок 48 – дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Трета МУБ“, ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“ Куманово се: текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезен графички приказ на планските решенија со технички бр. У-02/12.
Според членот 3 од Одлуката, урбанистичка документација од член 2 на оваа одлука се заверува во најмалку 7 (седум) примероци со потпис и печат на градоначалникот на Општина Куманово, еден примерок со Одлука за донесување на планот се чува во архивот, еден примерок во службите за спроведување на планот (Сектор за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата), еден примерок во надлежен Државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок се доставува до Секторот за инспекциски работи–Инспекторат, еден примерок до Државен завод за геодетски работи-Одделение за премер и катастар–Куманово и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.
Во членот 4 е определено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“.
4. Судот понатаму утврди дека во членот 1 од Одлуката за донесување на измена и дополнување на Генерален урбанистички план за град Куманово УЕ „Трета МУБ“, УБ 48-општина Куманово се донесува измена и дополнување на Генерален урбанистички план за град Куманово УЕ „Трета МУБ“, УБ–Општина Куманово, техничка документација бр. 28/10 изработена од ПРОСТОР ДОО–Куманово.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека составен дел на Измена и дополнување на Генерален урбанистички план за град Куманово УЕ „Трета МУБ“, УБ 48–Општина Куманово, техничка документација бр.28/10 изработена од ПРОСТОР ДОО се: текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезен графички приказ на планските решенија со технички бр. 28/10.
Според членот 3 од Одлуката, урбанистичката документација од член 2 на оваа одлука се заверува во најмалку 7 (седум) примероци со потпис и печат на градоначалникот на Општина Куманово, еден примерок со одлука за донесување на планот се чува во архивот, еден примерок во службите за спроведување на планот (Сектор за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата), еден примерок во надлежен Државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок се доставува до Секторот за инспекциски работи–Инспекторат, еден примерок до Државен завод за геодетски работи-Одделение за премер и катастар–Куманово и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.
Во членот 4 од Одлуката е определено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово“.
5. Во понатамошната постапка Судот утврди дека, Уставниот Суд на Република Македонија со Решение У.бр.135/2014 од 4 февруари 2015 година не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од Урбан блок 48 – дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Трета МУБ“, ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“ – општина Куманово, бр. 07-4152/14, донесена од Советот на Општина Куманово на 26 јуни 2013 година.
Притоа Судот утврдил дека од изнесените законски одредби, а во врска со аспектите од кои е оспорена конкретната одлука, произлегува дека нацртот на деталните урбанистички планови, после неговото утврдување од страна на советот на општината (член 24 став 2), се излага на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа (став 5), по забелешките изнесени во анкетните листови се составува извештај од посебна комисија со образложение за прифатените и неприфатените забелешки (став 7), а потоа таа комисија писмено ги известува одделно сите лица кои поднеле анкетен лист со образложение за прифатените и неприфатените забелешки (став 9), за што се објавува соопштение во најмалку две јавни гласила и се даваат податоци за местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11).
Во конкретниот случај, Судот утврди дека Нацрт-планот бил објавен на јавно место за кое било дадено соопштение во две јавни гласила, подносителката на иницијативата поднела анкетен лист со забелешки по Нацрт-планот и по тие забелешки посебната комисија на Општината постапувала така што се произнела во својот извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета давајќи образложение за неприфаќањето на забелешките и исто така, доставила известување до подносителката на иницијативата за неприфаќањето на забелешките давајќи образложение за причините поради кои истите не биле прифатени.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената одлука, а со новоподнесената иницијатива немал основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлување на иницијативата.
7. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука за Генералниот урбанистички план не била во согласност со член 19 и член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот утврди дека во конкретниов случај не е во состојба мериторно да се впушти во оценка на наводите содржани во доставените поднесоци, од причина што истите се нејасни, конфузни и нема аргументи за постапување по предметот. Имено, иницијативата со нејзиното дополнување за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Генералниот урбанистички план е нејасна и нема доволно аргументи, па оттука Судот оцени дека воопшто не е јасно зошто се оспорува конкретната одлука.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста законот и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причините за нивно оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од причина што во конкретниов случај поднесената претставка не го содржи основниот елемент утврден во членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно нема јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука и нема доволно аргументи за оспорениот акт зошто е во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.30/2015
13 мај 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева