Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот
2. Македонска академија на науките и уметностите до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот: „наука“ од членот 3 став 1 алинеја 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 став 1 алинеја 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 47 став 1 од Уставот. Ова од причина што Уставниот суд со Одлука У.бр.42/2012 од 9 мај 2013 година го поништил член 3 точки 1 и 2, во деловите: „наука“ од Законот за јавни службеници („Службен весник на РМ“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012). Исто така, организацијата и работата на Македонската академија на науките и уметностите била уредена со посебен закон (Законот за Македонската академија на науките и уметностите), според кој Академијата е нависока и самостојна научна и уметничка установа во Република Македонија, од особено значење за Републиката. Академијата ги остварува своите задачи самостојно во согласност со Уставот, со наведениот закон и другите закони, како што е Законот за научно-истражувачката дејност и Статутот на Академијата.
Поаѓајќи од наведената регулатива, подносителот на иницијативата, заклучува дека постоела некомпатибилност на статусот административен службеник со вработените во науката, јавните научни установи и другите субјекти на научно-истаржувачката дејност. Законот за административни службеници имал општи норми за правата и обврските, кои во предметната материја ќе се применувале доколку тие не се со посебни закони поинаку уредени.
Во согласност со наведеното Законот за административни службеници имал супсидијарна примена, односно тој не требал да се применува и да се однесува за оние прашања, каде со посебни закони на поинаков начин биле уредени правата и обврските на вработените во науката, јавните научни установи и другите субјекти на научно-истражувачката дејност.
Имајќи ги предвид наведените причини подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорениот дел од одредбата да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека, според членот 3 став 1 од Законот за административни службеници, административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции:
– органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и
– институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Одредбата се оспорува по однос на делот: „науката“ од алинејата 2 од овој член од Законот.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на република Македонија.
Согласно член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови на творештво.
Според членот 1 став 1 од Законот за административните службеници, предмет на овој закон се статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 2 од Законот, предмет на овој закон е и статусот и надлежноста на Агенцијата за администрација.
Членот 2 од Законот е со наслов „Административни работи“ и во него е определено дека, административни работи се стручно-административни, нормативно-правни, извршни, статистички, административно-надзорни, плански, информатички, кадровски, материјални, финансиски, сметководствени, информативни и други работи од административна природа.
Според содржината на членот 3 став 1 алинеја 2 од Законот, во кој е содржан оспорениот дел „науката“, помеѓу другите, административен службеник е и лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во институциите кои вршат дејности од областа на науката.
Од анализата на оваа одредба произлегува дека Законот за административните службеници се однесува само на оние лица кои засновале работен однос заради вршење на административни работи, но не и на сите останати вработени во институциите кои вршат работи од областа на културата.
За разлика од ваквото уредување во предметот У.бр.42/2012 поништениот член 3 точки 1 и 2, во деловите: „наука“ од Законот за јавни службеници („Службен весник на РМ“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012) се однесуваше на сите вработени кои вршеле работи од јавен интерес во дејноста наука. Оттаму, изнесените гледишта на Уставниот суд на Република Македонија од посочениот предмет не можат да најдат примена во овој случај.
Ова и од причина што во членот 4 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010) беше предвидено дека за прашањата кои се однесуваат на вработувањето, правата и должностите, одговорноста, оценувањето, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на јавниот службеник, за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон. Прашањата што не се уредени со овој закон (Законот за јавните службеници) ќе се уредат со посебен закон.
За разлика од тоа, членот 4 (наслов: „Опфат на Законот“) од Законот за административните службеници во ставот 1 предвидел дека со овој закон се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници.
Согласно член 4 став 2 од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, регулаторните тела и Народната банка на Република Македонија, во целост или делумно, можат да бидат уредени со закон и со колективен договор, на начин различен од овој закон.
Во ставот 3 од членот 4 од Законот е определено дека, постапката за вработување на административни службеници регулирана со овој закон е задолжителна и за вработување на административни службеници во дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, како и регулаторните тела.
Според ставот 4 од членот 4 од Законот, за административните службеници од ставот 2 на овој член ќе се применуваат одредбите од овој закон за сите прашањата кои се однесуваат на нивниот работен однос кои не се уредени со посебните закони и со колективните договори.
Во членот 4 став 5 од Законот е определено дека, за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.
Од анализата на оваа одредба од Законот за административните службеници произлегува дека по однос на административните службеници кои засновале работен однос заради вршење на административни работи законодавецот предвидел различен опфат на наведениот закон, а во зависност од тоа за која дејност станува збор. Поконкретно, за вработените административни службеници кои не се опфатени во членот 4 ставови 2 и 3 од наведениот закон, во кои спаѓаат и вработените административни службеници во дејноста наука, за прашањата кои се однесуваат на нивниот работниот однос кои не се уредени со Законот за административни службеници, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони (Закон за Македонската академија на науките и уметностите и Закон за научно истражувачката дејност) и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.
Врз основа на наведеното произлегува дека законодавецот во членот 4 од Законот го уредил опфатот на Законот за административните службеници на начин што определил за која категорија на административни службеници овој закон има поголем или помал опфат по однос на примената, што е негово уставно овластување (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот). Ова од причина што уставотворецот оставил целосна слобода на законодавецот кога уредува комплексна проблематика, со поголем број на правни акти од ист правен ранг, да го определи нивниот опфат или да определи кој од нив би имал супсидијарна примена.
Законот за административните службеници не го уредува избор на кандидатите од областа на науката во научни звања од каде произлегува дека оваа проблематика и понатаму е уредена со Законот за научно-истражувачката дејност.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорениот дел од Законот за административни службеници е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 47 став 1 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.70/2014
13 мај 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева