Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 13 мај 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на
– уставноста на член 92 и член 97 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 и 160/2014);
– спротивноста на членовите 92 и 97 од Законот за шумите со членовите 2, 3, 13 и 14 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 136/2011, 41/2014).
2. Бранко Скендерски од Берово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означени во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативaта со оспорените членови 92 и 97 од Законот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ му се овозможувала монополска положба во давањето на услугите во приватните шуми и му била дадена доминантна позиција на пазарот во Република Македонија од овој вид на услуги.
Во иницијативата исто така е наведено дека сопствениците со услугите за извршување на стручни работи од областа на шумарството биле ставени во подредена улога и во зависност од добрата волја на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми” и истите не можеле да располагаат со приватните шуми без да добијат одобрение од јавното претпријатие и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. Оваа состојба била констатирана во Аналитичкиот преглед на правната и регулативна рамка за шумарството во Република Македонија од страна на двајца видни европски консултанти во оваа област.
Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 , 7 и 11 член 30, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот и оспорените членови биле во спротивност со членовите 2, 3, 13 и 14 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 92 и 97 од Законот за шумите.
3. Судот на седница утврди дека според член 92 став 1 од Законот за шумите, стопанисувањето со приватните шуми го вршат сопствениците а услуги за извршување на стручни работи од областа на шумарството им даваат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми” и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. Стручни и советодавни работи во приватните шуми можат да ги вршат регистрирани правни и физички лица согласно со овој закон. (став 2)
Стопанисувањето со приватните шуми се врши врз основа на донесени посебни планови за стопанисување, програми или критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост. (став 3)
Посебните планови и програми за стопанисување со шумите во приватна сопственост ги донесуваат сопствениците на шумите, а ги одобрува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. (став 4)
Начинот и условите за извршување на стручно техничките и советодавните работи во шумите ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. (став 5)
Спроведувањето на донесените плански документи за стопанисување со приватните шуми го вршат сопствениците преку ангажирање на стручно лице од областа на шумарството дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, со или без работно искуство или лице со завршена средна стручна спрема од шумарска струка – шумарски техничар со минимум две години работно искуство или Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми” и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.(став 6)
Согласно член 97 од овој закон, стручните работи на шуми во приватна сопственост ги вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.
4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Наводите во иницијативата за тоа дека оспорените членови 92 и 97 од Законот за шумите биле во спротивност со членовите 2, 3, 13 и 14 од Законот за заштита на конкуренцијата, всушност претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на закони, што не е во надлежност на Уставниот суд, кој согласно член 110 од Уставот единствено одлучува за согласноста на законите со Уставот. Поради наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 167/2014 од 25 февруари 2015 година ја оценувал уставноста на одредбите од членовите 92 и 97 од Законот за шумите и оценил дека оспорените одредби од Законот, не може да се доведат под сомнение со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9, член 30, член 51 и член 55 од Уставот.
Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива истите одредби се оспоруваат од истите причини, а во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по основ на res judicata, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.12/2015
13.05.2015 година.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева