У.бр.149/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 алинеја 3 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата, означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел на член 16 алинеја 3 од Законот, со кој се пропишува дека судскиот администратор врши работи од судската управа во рамките на својот делокруг на работа утврдени со овој закон, Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти, немале основ во Уставот, затоа што според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не и со други прописи. Потоа, не се знаело кои се тие други прописи што ги уредуваат правата од работен однос, поради што оспорениот законски дел не бил јасен, прецизен и разбирлив и оставале можност за различна примена и можност за правна несигурност на граѓаните, што претставувало и повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според тоа, оспорениот законски дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истата да се укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 16 алинеја 3 во делот: „и други прописи и подзаконски акти“ од Законот за судска служба, судскиот администратор: раководи со судската служба, одговорен е за остварување и вршење на стручните и административно-техничките работи на судот, врши работи од судската управа во рамките на својот делокруг на работа утврдени со овој закон, Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти и соработува со претседателот на судот во вршењето на работите од судската управа кои се во делокругот на работите на претседателот на судот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Од наведената уставна одредба неспорно произлегува дека во хиерархијата на правни норми покрај Уставот и законите, се содржани и сите други прописи кои треба да бидат во согласност со Уставот и законите.

Со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Според член 16 алинеја 1 од Законот, судскиот администратор раководи со судската служба. Според алинеја 2 на истиот член, судскиот администратор е одговорен за остварување и вршење на стручните и административно техничките работи на судот. Според алинеја 3 на истиот член, судскиот администратор врши работи од судската управа во рамките на својот делокруг на работа утврдени со овој закон, Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти. Според алинеја 4 на истиот член, судскиот администратор соработува со претседателот на судот во вршењето на работите од судската управа кои се во делокругот на работите на претседателот на судот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека судскиот администратор врши работи од судската управа во рамките на својот делокруг на работа утврдени со овој закон, Судскиот деловник и други прописи и подзаконски акти.

Поимот „пропис“ ги опфаќа сите видови на акти, односно и закони и подзаконски акти, кои според своите овластувања ги донесуваат различни органи и тела, кога за тоа се овластени со закон. Оттука, произлегува дека определбата во оспорената одредба според која судскиот администратор кој раководи со судската служба работите од судската управа утврдени со закон, ги врши во согласност со судскиот деловник и другите прописи и подзаконски акти, од уставно-правен аспект не е спорна. Одредбата не се однесува на правата и обврските од работен однос кои се претходно утврдени со закон и колективен договор, туку на начинот на нивното извршување. Во случај на евентуално излегување надвор од уставните и законски рамки на овластениот субјект при пропишу-вањето на прописот, може да се активира уставниот механизам за оценување на нивната согласност со Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека оствару-вањето на права од работен однос може да се остварува во согласност со закон и колективен договор, начинот на извршување на правата и обврските, што е предмет на уредување во оспорената одредба, може да се разработи и со други прописи и подзаконски акти. Поради наведеното Судот оцени дека оспорениот член 16 алинеја 3 во делот: „и други прописи и подзаконски акти“ од Законот за судска служба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.149/2014
13 мај 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева