Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 70-а став 1 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015 и 44/2015).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на членот од Законот означен во точката 1 од решението со член 15 и член 22 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” број 15/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008 и 20/2009), член 8 став 1 алинеја 1 и член 62 од Законот за трговски друштва и Општите услови од Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и просториите во кои се врши трговија.
3. Здружението на лиценцирани шумарски инженери “ЛИПРИФОР” – Берово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 70-а став 1 од Законот, означен во точката 1 од ова решение, како и меѓусебната согласност на наведениот член од Законот со членови од Законот за трговија, Законот за трговски друштва и Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и просториите во кои се врши трговија.
Според наводите од иницијативата, условите во оспорениот член од Законот не биле во согласност со ниту еден законски пропис. Тие биле наметнати со цел да се елиминира конкурентноста на пазарите во Република Македонија од монополската и доминантната положба, која се организирала за ЈП “Македонски шуми“.
Според подносителот, требало да се има предвид дека Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и просториите во кои се врши трговија, не ја регулирале во целост трговијата со дрво и дрвни сортименти. Дрвото, а поготово дрвните сортименти како што се трупци, јамско дрво, целулозно дрво, обло техничко дрво кое е кабасто со пречник од десетина па нагоре сантиметри и со должина од 1,2 па до 10 метри, не можело да се продава во урбани средини каде била отежната манипулацијата со таквите сортименти. Практиката покажала дека таквите деловни објекти обично биле на влезовите или излезните градски и приградски населби и досега биле во границита на законските прописи.
Од наведените причини со иницијативата се предлага поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 70-а став 1 од Законот, бидејќи оспорениот член од Законот ги повредувал член 8 став 1 алинеите 3, 6, 7 и 11, член 50, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот, член 15 и член 22 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” број 15/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008 и 20/2009). Воедно ги повредувал Општите услови од Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и просториите во кои се врши трговија (“Службен весник на Република Македонија” број 21/2004 и 54/2004), како и член 8 став 1 алинеја 1 и член 62 од Законот за трговски друштва.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 70-а став 1 од Законот за шумите, уредува дека промет на дрво и дрвни сортименти може да врши правно лице кое е регистрирано согласно одредбите од Законот за трговски друштва и исполнува минимално технички услови за вршење на трговија на големо и мало, да има вработено најмалку едно стручно лице од областа на шумарството – дипломиран шумарски инженер насока шумарство со или без работно искуство или лице со завршена средна стручна спрема од шумарска струка – шумарски техничар, техничар за шумарство и пејсажна архитектура или специјалист за шумарски работи со минимум две години работно искуство од областа на стопанисување со шумите, да е во урбана/населена средина со пристапен пат согласно урбанистичката планска документација, приклучок на електрична, водоводна и канализациска мрежа (потврда од соодветните институции), да има административен простор со минимална површина од 10м2 и простор за складирање на дрво и дрвни сортименти со минимална површина од 1.000м2, да е регистрирано во Регистарот на правни лица кои вршат промет на дрво и дрвни сортименти кој се води во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.
5. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оспорениот член 70-а став 1 од Законот за шумите, се уредени условите кои треба да ги исполни правното лице за вршење на промет на дрво и дрвни сортименти од аспект на кадарот и нивната стручност, како и условите од аспект на локациски, просторни и други техничките услови за вршење на оваа дејност.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредби се повредувале повеќе одредби од Уставот, членови од Законот за трговија, Законот за трговски друштва и општите услови од Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и просториите во кои се врши трговија.
Со иницијативата не се дадени аргументи и образложени причини за спротивноста на оспорената законска одредби со конкретно наведените одредби од Уставот. Поточно законската одредба се оспорува од аспект на нејзината фактичка примена во смисла дека продажбата на дрва и дрвни сортименти на локации во урбана средина потешко се одвивала за дрвните сортименти како што се трупци, јамско дрво, целулозно дрво, обло техничко дрво кое е кабасто со пречник од десетина па нагоре сантиметри и со должина од 1,2 па до 10 метри. Исто така со иницијативата се оспорува одредбата од Законот и како несогласна со одредби од други закони и подзаконски акт, поради што се бара оцена и на законитост на законската одредба.
Во рамките на надлежностите на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Оттука, предмет на оцена на овој суд е согласноста на уредената содржина на законите и одредбите од законите со одредбите на Уставот, а не и нивната согласност со одредбите од Уставот од аспект на нивната фактичка примена. Исто така, Уставниот суд не ја оценува меѓусебната согласност на прописите кои се од ист ранг, а како што се бара со иницијативата оцена на законитост на оспорената одредба од Законот со одредби од други закони, ниту пак нивна согласност со одредби од пропис од понизок ранг, како што е посочениот подзаконски акт со иницијативата.
6. Поради изнесеното, со оглед на тоа што иницијативата отсуствува со наводи и аргументи за неуставноста на оспорениот член 70-а став 1 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата, истото претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, како и со оглед дека Уставниот суд не ја цени меѓусебната согласност на законите, туку нивната согласност со Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.15/2015
22 април 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева