Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 став 2 точките 13 и 14 и член 74 став 2 точка 7 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011, 75/2013, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 55/2014, 92/2104, 151/2014 и 33/2015).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби со кои било предвидено само операторот на електропреносниот систем, односно само операторот на дистрибутивниот систем да набавуваат електрична енергија за покривање на загубите и системските услуги во електропреносниот, односно дистрибутивниот систем, ги ставале овие оператори во монополска позиција, поради што се предлага Уставниот суд да ги поништи како спротивни на член 55 став 2 од Уставот.
Во поширокото образложение на иницијативата се наведува дека електропреносниот и дистрибутивниот систем служеле електричната енергија да се пренесе од производителите (електричните централи) до потрошувачите. Целата енергија која производителите ќе ја ставеле на влезот на електропреносниот систем немало да стигне до потрошувачите, туку еден дел од неа ќе се изгубел (претворел во некорисна топлина) во електропреносниот и дистрибутивниот систем. Тоа значело дека не се работи за некоја „посебна“ или „специјална“ електрична енергија, туку тоа била истата електрична енергија која производителите ја произведуваат и потрошувачите ја трошат. Колкав процент од електричната енергија ќе стигнел до потрошувачите зависело од техничките недостатоци на електропреносниот и дистрибутивниот систем. За жал, во Република Македонија процентот на енергија која се губи во електропреносниот и дистрибутивниот систем бил ужасно голем и изнесувал 15%, а во другите земји ретко преминувал 10%, а обично изнесувал 7%. Но факт било дека дел од електричната енергија ќе се изгуби при преносот и дистрибуцијата.
Воопшто не било јасно зошто некој друг посебно би ја набавувал оваа електрична енергија која се губи низ електропреносниот и дистрибутивниот систем.
Од друга страна, електропреносниот и дистрибутивниот систем биле природни монополи. Република Македонија не можела да има повеќе електропреносни и дистрибутивни системи кои ќе работат паралелно, ниту тоа би имало било какво оправдување.
Во Законот за енергетика била предвидена либерализација на пазарот на електрична енергија. А тоа значело дека се одвојувале оние делови кои имаат природни монополи, а тоа биле електропреносниот и дистрибутивниот систем. И нив не им било дозволено да обавуваат било каква друга дејност освен онаа за која постојат – пренос односно дистрибуција на електрична енергија. Ова било предвидено со членовите 71 и 78 од Законот за енергетика.
Но со одредбите кои се предмет на оваа иницијатива, без било какво оправдување и смисол, им се давала монополска положба да набавуваат електрична енергија за покривање на загубите, на оние кои не смееле да се занимаваат со било што друго освен дејноста за која постојат. Тоа значело дека овие одредби биле спротивни на духот на самиот Закон за енергетика.
3. Судот на седницата утврди дека според член 67 став 2 точка 13 од Законот за енергетика, операторот на електропреносниот систем е должен да обезбеди електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем по пазарни услови, на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија, а според точка 14 на истиот став, операторот е должен да обезбеди набавка на системски услуги и соодветна оперативна резерва, по пазарни услови, на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија.
Според член 74 став 2 точка 7 од Законот, операторот на дистрибутивниот систем е должен да обезбеди електрична енергија за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа и системските услуги по пазарни услови на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква првна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со Законот за енергетика (член 1), се уредуваат:
1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација;
2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности;
3) изградбата на енергетските објекти;
4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија;
6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и
7) други прашања од значење за енергетиката.
Со членот 3 од Законот се утврдува значењето на одделните изрази употребени во овој закон.
Така, пренос на електрична енергија е пренесување на електрична енергија преку електропреносен систем и управување со електроенергетскиот систем заради испорака на електричната енергија на купувачите и не вклучува снабдување со електрична енергија( точка 75).
Електроенергетски систем е систем составен од производни постројки, електропреносна мрежа, една или повеќе електродистрибутивни мрежи и потрошувачи на електрична енергија (точка 26).
Оператор на електропреносниот систем е правно лице кое врши пренос на електрична енергија и управува со електроенергетскиот систем на Република Македонија и е одговорно за работењето на системот, неговото одржување, развој и поврзување со електропреносните системи на соседните земји и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за пренесување на електрична енергија (точка 62).
Дистрибуција на електрична енергија е пренесување на електрична енергија преку високонапонски, среднонапонски и нисконапонски дистрибутивни мрежи и управување со дистрибутивниот систем на определено подрачје заради испорака на електричната енергија на купувачите, не вклучувајќи снабдување со електрична енергија (точка 18).
Дистрибутивна мрежа за електрична енергија е електрична мрежа од меѓусебно поврзани електрични водови, трансформатори и друга опрема и постројки која претставува составен дел на електродистрибутивен систем и преку која се пренесува електрична енергија преку низок, среден или висок напон (точка 17).
Регулирана енергетска дејност е енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика (точка 89)
Обврска или обврски за обезбедување на јавна услуга се една или повеќе обврски коишто им се наметнати на вршителите на регулираните енергетски дејности заради остварување на јавниот интерес во согласност со овој закон, а се однесуваат на сигурноста, вклучувајќи ја и сигурноста на снабдувањето, достапноста на услугата до корисниците во секое време, квалитетот и цената на енергијата или енергентите и услугите, како и заштитата на животната средина, вклучувајќи ја и енергетската ефикасност и заштита од климатските промени (точка 58).
Оператор на електродистрибутивен систем е правно лице кое врши дејност дистрибуција со електрична енергија и управува со електродистрибутивниот систем и е одговорно за работењето на системот, неговото одржување, развој и поврзување со електропреносниот систем и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за дистрибуција на електрична енергија (точка 61).
Системски или помошни услуги се неопходни услуги за работата на преносните или дистрибутивните енергетски системи заради обезбедување на сигурно и доверливо работење и управување со системите, а се дефинирани во соодветните мрежни правила (точка 99).
Според член 4 став 1 точките 1 и 3 од Законот, дејности од областа на енергетиката, во смисла на овој закон, се: пренос на електрична енергија и дистрибуција на електрична енергија. Според став 2 на истиот член, дејностите наведени во ставот (1) точки 1 до 9 од овој член се регулирани енергетски дејности.
Според член 5 став 1 од Законот, дејностите од членот 4 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски лица врз основа на лиценца издадена од страна на Регулаторната комисија за енергетика за секоја од енергетските дејности одделно, освен во случаите од членот 37 ставови (5) и (6) на овој закон. Според став 3 на истиот член, дејностите од членот 4 на овој закон се вршат во согласност со овој закон или други закони и други прописи, како и прописите и правилата донесени или одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и издадените лиценци.
Според член 6 од Законот, вршителите на регулираните енергетски дејности се должни да ги исполнуваат обврските за обезбедување на јавна услуга. Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со членот 24 од овој закон, ги утврдува или одобрува цените и условите под кои се обезбедува јавната услуга. Дополнителните обврски за обезбедување на јавна услуга наметнати од Регулаторната комисија за енергетика мора да бидат јасно утврдени, лесно проверливи и недискриминаторни, а таквите дополнителни обврски треба да бидат утврдени во соодветната лиценца и објавени на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика (став 1). Со услугите што ги даваат вршителите на регулираните енергетски дејности се обезбедува сигурна, квалитетна и непрекината испорака на енергија и енергенти на потрошувачите под еднакви услови, цени и тарифи, имајќи ја предвид потребата за подобрување на енергетската ефикасност и заштитата и унапредувањето на животната средина (став 2). Во лиценцата за вршење на регулираната енергетска дејност се наведува обемот и содржината на услугите пропишани со овој закон, подрачјето на кое се обезбедуваат јавните услуги, како и времетраењето на обврската за обезбедување на јавната услуга (став 3). Цените и тарифите од ставот 2 на овој член под кои се обезбедуваат јавните услуги треба да ги надоместат оправданите трошоци и да се обезбеди разумен поврат на капиталот на вршителите на регулираните енергетски дејности при обезбедувањето на јавните услуги, вклучувајќи ги и трошоците за ефикасното користење на енергетските ресурси и заштита и унапредување на животната средина (став 4).
Согласно член 24 став 6 од Законот за енергетика, со прописите за формирање на тарифата за пренос и тарифите за дистрибуција на енергија или природен гас, трошоците за набавка на енергија или природен гас за покривање на загубите во соодветниот енергетски систем се утврдуваат и се признаваат имајќи ја предвид динамиката за намалување на загубите според плановите за намалување на загубите што операторите на системите ги доставуваат за одобрување до Регулаторната комисија за енергетика. Според став 7 точка 3 на овој член, во прописите од ставот 1 на овој член треба да се земат предвид и трошоците за набавка на системските услуги, трошоците за покривање на одобрените загуби на енергија или природен гас и други трошоци утврдени во согласност со соодветните методологии.
Согласно член 22 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика го следи функционирањето на енергетските пазари заради обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенти (точка 1); донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности (точка 2); донесува правила за пазарот на електрична енергија и правила за пазарот на природен гас (точка 10).
Според оспорените член 67 став 2 точките 13 и 14 од Законот, операторот на електропреносниот систем е должен да обезбеди електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем по пазарни услови, на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија (точка 13) и набавка на системски услуги и соодветна оперативна резерва, по пазарни услови, на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија (точка 14).
Според оспорениот член 74 став 2 точка 7 од Законот, операторот на дистрибутивниот систем е должен да обезбеди електрична енергија за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа и системските услуги по пазарни услови на транспарентен, недискриминаторен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија.
Согласно член 73 став 1 точка 7 од Законот, со правилата за пазар на електрична енергија, што ги донесува Регулаторната комисија за енергетика, особено се уредуваат условите, начинот и постапката за набавка на електрична енергија и системски услуги од страна на вршителите на регулираните енергетски дејности, со цел за набавките да бидат спроведени на транспарентен и недискриминаторен начин и да се обезбеди рамноправен пристап на сите заинтересирани домашни и странски понудувачи.
Во член 71 став 1 од Законот е пропишано дека правното лице што ја врши дејноста пренос на електрична енергија не може да има лиценца за вршење на дејностите производство, дистрибуција, трговија, снабдување со електрична енергија и снабдување во краен случај со електрична енергија.
Според член 78 став 1 од истиот закон, правното лице што ја врши дејноста дистрибуција на електрична енергија не може да има лиценца за вршење на дејностите производство, пренос, трговија, снабдување со електрична енергија или снабдување во краен случај со електрична енергија.
Република Македонија е потписник на Договорот за основање на енергетска заедница, кој е ратификуван со Закон за ратификација на Договорот за основање на енергетската заедница („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2006). Како обврска од Договорот е имплементацијата на Директивата 2003/54 ЕС за заеднички правила за внатрешен пазар на енергија, во која во членот 11 во точката 6 е уредено дека операторите на преносните системи ќе набавуваат електрична енергија за покривање на загубите на електрична енергија и резервен капацитет во нивните системи врз основа на транспарентни, недискриминаторни и пазарни постапки секогаш кога ќе ја имаат оваа функција. Исто така, во членот 14 во точката 5 е уредено дека операторите на дистрибутивните системи ќе набавуваат електрична енергија за покривање на загубите на електрична енергија и резервен капацитет во нивните системи врз основа на транспарентни, недискриминаторни и пазарни постапки секогаш кога ќе ја имаат оваа функција.
Од наведената регулатива произлегува дека дејноста пренос на електрична енергија и дејноста дистрибуција на електрична енергија се регулирани енергетски дејности кои се вршат во согласност со Законот за енергетика или други закони и други прописи, како и прописите и правилата донесени или одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и издадените лиценци. Регулираните енергетски дејности можат да ги вршат домашни и странски лица врз основа на лиценца издадена од страна на Регулаторната комисија за енергетика за секоја од енергетските дејности одделно.
Регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон го врши Регулаторната комисија за енергетика, чии надлежности се утврдени со Законот за енергетика.
Оператор на електропреносниот систем е правно лице кое врши пренос на електрична енергија и управува со електроенергетскиот систем на Република Македонија и е одговорно за работењето на системот, неговото одржување, развој и поврзување со електропреносните системи на соседните земји и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за пренесување на електрична енергија.
Оператор на електродистрибутивен систем е правно лице кое врши дејност дистрибуција со електрична енергија и управува со електродистрибутивниот систем и е одговорно за работењето на системот, неговото одржување, развој и поврзување со електропреносниот систем и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за дистрибуција на електрична енергија.
Загубите на електрична енергија настануваат поради природата на функционирањето на елементите кои ги сочинуваат преносните и дистрибутивните системи, како што се трансформаторските станици, водовите и другите постројки. Сите овие елементи ги сочинуваат преносните односно дистрибутивните мрежи кои се во сопственост на операторот на електропреносниот систем односно операторот на дистрибутивниот систем и загубите на електрична енергија реално настануваат во овие системи, од каде произлегува обврската на операторите да ги обезбедат соодветните количини електрична енергија за покривање на загубата. Загубите на електрична енергија во системот се јавуваат како последица од работата на составните елементи на системот, поради што електричната енергија за покривање на загубите е неопходна електрична енергија во насока на обезбедување на сигурна испорака на електрична енергија за покривање на потребите на потрошувачите.
Тргнувајќи од наведеното, според Судот, обврската на операторите на електропреносниот систем, односно на електродистрибутивниот систем – правни лица кои имаат соодветна лиценца, да обезбедат покривање на наведените загуби на електрична енергија, по пазарни услови, на транспарентен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија, не претставува нивно монополско однесување на пазарот, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 67 став 2 точките 13 и 14 и член 74 став 2 точка 7 од Законот за енергетика со член 55 став 2 од Уставот.
Исто така, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека без било какво оправдување и смисол, спротивно на духот на самиот Закон за енергетика, на операторите на електропреносниот систем, односно на електродистрибутивниот систем им се овозможувало да набавуваат електрична енергија за покривање на загубите, бидејќи тие не смееле да се занимаваат со било што друго освен дејноста за која постојат. Ова од причина што обезбедувањето на загубите на електрична енергија по пазарни услови, на транспарентен и конкурентен начин, според правилата за пазар на електрична енергија е токму во насока на обезбедување на електрична енергија до потрошувачите, што е и дејноста на операторите.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.118/2014
1 април 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева