У.бр.7/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011).

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителот бара враќање во правниот поредок на алинејата од членот 28 од Законот, каде било предвидено, меѓу другите докази кои се поднесувале во прилог на барањето за приватизација, да се доставува и писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.

Во поднесената иницијатива воопшто не се посочуваат одредби од Уставот со кои подносителот смета дека оспорениот член од Законот не е во согласност со Уставот, ниту пак се дадени аргументи по однос на неговата противуставност. Напротив, подносителот на иницијативата во целиот текст на иницијативата посочува конкретен предмет правејќи споредба со постапка предвидена со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно упатува на конкретна управна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од оспорениот закон во членот 28 став (3) алинеја 2 на крајот од реченицата по запирката се додаваат зборовите: „само во случаите кога се бара приватизација без обврска за плаќање на надоместок“.

Во ставот (3) алинејата 4 се брише.

Во ставот (4) по зборот „примерока“, точката се брише и се додаваат зборовите: „од кои едното барање со прилозите во оригинал, а второто барање со прилозите во фотокопие“.

4. Во текот на претходната постапка, а во смисла на одредбите од Деловникот на Уставниот суд, Судот се впушти во утврдување на фактичката состојба на работите по предметот, при што утврди дека Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 12 јануари 2005 година и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

Во основниот, интегрален, текст на овој закон содржината на членот 28 е следната:

(1) Барањето за приватизација се поднесува до органот нa државната управа надлежен за имотно-правните работи на подрачјето каде што се наоѓа градежното земјиште што е предмет на приватизација.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член треба да ги содржи:

а) основата на правото што се бара: (приватизација без обврска за плаќање надомест, односно приватизација со обврска за плаќање надомест) и

б) начин на плаќање на надоместот.

(3) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложуваат:

– доказ за идентификација на барателот, односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување (фотокопија од лична карта или патна исправа за физички лица), односно извод од соодветниот регистар за правни лица,
– правната основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото на користење на градежното земјиште на кое се однесува барањето за приватизација (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен државен орган и друго),
– податоци за градежното земјиште од соодветната јавна книга и тоа: имотен лист од катасатарот на недвижностите или поседовен лист од катастарот на земјиштето,
– копија од катастарски план,
– извод од урбанистички план и
– писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.

(4) Барањето за приватизација и прилозите се доставуваат во два примерока.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кој е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 3 декември 2009 година, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009, во членот 28 став (3) алинеите 4 и 5 се бришат, така што алинеја 4 на став 3 член 28 станува:” писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште”.

Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, донесен на седница на Собранието на Република Македонија одржана на 10 февруари 2011 година, и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011 во членот 4 став 2 од истиот (кој е предмет на иницијативата) се наведува дека во членот 28 став 3 алинејата 4 се брише.

Во конкретниов случај, токму оваа измена е предмет на поднесената иницијатива, поточно бришењето на алинејата 4 на ставот 3 од членот 28 од Законот, каде беше предвидено дека како доказ кон барањето за приватизација со кое се покренува постапка за приватизација на градежно земјиште, се приложува и писмена изјава за непосредно фактичко владение на градежното земјиште.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наводите содржани во иницијативата, а во корелација со наведените уставни и деловнички одредби, како и наведената фактичка состојба, Уставниот суд на Република Македонија оцени дека иницијативата треба да ја отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Ова од причина што со иницијативата се бара враќање во правниот поредок на непостоечка одредба, односно се бара укинување на одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со која била избришана алинејата 4 на ставот 3 од член 28 на Законот.

Меѓутоа, според наоѓањето на Судот, кое се темели на цитираниот член 110 од Уставот, Уставниот суд не креира законска норма, туку такво овластување исклучиво е во надлежност на Собранието на Република Македонија, кое како законодавен дом има надлежност да креира и донесува закони во смисла на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Токму поради ова, Судот оцени дека наводите на подносителот на иницијативата излегуваат надвор од рамките на надлежностите на Уставниот суд.

Имајќи ја во вид содржината на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијтивата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, а по претходно утврдената фактичка и правна состојба на работите по предметот, Уставниот суд оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите за примена на цитираната деловничка одредба.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Оваа решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2015
1 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева