У.бр.101/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 од Законот за приватното обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.166/2012 и 164/2013).

2. Игор Палиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба на членот 9 од Законот се ограничувало правото на приватното обезбедување, односно законската можност да вршат обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки за сопствени потреби, како и да вршат патролно обезбедување за сопствени потреби, а им било дозволено да вршат само мониторинг. Понатаму, во иницијативата е наведено дека приватното обезбедување се вршело согласно членот 8 од оспорениот Закон, во вид на „давање на услуги“ и за „сопствени потреби“ а согласно членовите 13 и 14 од овој закон, за да се добие потребната дозвола за вршење на дејноста, се правела разлика помеѓу субјектите само во однос на потребните „нормативи“ дали правниот субјект вршел приватното обезбедување во вид на „давање на услуга“ или за „сопствени потреби“ на правното лице. Во иницијативата е наведено дека со таквото ограничување се повредувал членот 55 од Уставот во кој се гарантирала слободата на пазарот и претприемништвото и се обезбедувала еднаква положба на сите субјекти на пазарот на начин што транспортот и преносот на пари и други вредносни пратки и патролното обезбедување било дадено како ексклузивно право само на правните лица кои вршеле приватно обезбедување во вид на „давање услуги“ а не и за „сопствени потреби“.

3.Судот на седницата утврдил дека согласно член 9 став 1 од Законот, приватното обезбедување во вид на давање на услуги се врши како: физичко обезбедување и техничко обезбедување. Физичкото обезбедување од ставот 1 точка 1 на овој член се врши како: телесна заштита; мониторинг-патролно обезбедување; обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки и обезбедување на јавни собири и други настани. (став 2) Приватното обезбедување за сопствени потреби се врши како физичко обезбедување и тоа како телесна заштита и мониторинг обезбедување. (став 3)

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македо-нија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот Собранието на Република Македонија донесува закони.

Според член 1 од Законот за приватното обезбедување (Службен Весник на Република Македонија бр.166/2012 и 164/2013) предмет на уредување се условите за вршење на приватно обезбедување; вршењето на приватното обезбедување; приватното обезбедување за сопствени потреби; задолжителното приватно обезбедување; овластувањата на работниците за приватно обезбедување; работната облека и ознаката на работниците за приватно обезбедување; формирањето, овластувањата и финансирањето на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување; евиденциите, заштитата на податоците и информациите; надзорот; овластувањето за подзаконски прописи и прекршочните одредби.

Согласно членот 2 од Законот, приватното обезбедување е дејност од јавен интерес.

Во членот 7 од Законот за приватното обезбедување, се прецизира значењето на одделни изрази употребени во овој закон: „Приватно обезбедување“ е заштита на лица и имот што се врши од страна на правни лица кои имаат дозвола за приватно обезбедување (точка 1); „Приватно обезбедување во вид на давање на услуги“ е заштита на лица и имот врз основа на склучен договор што ја врши правно лице кое има извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија и има добиено дозвола за приватно обезбедување во вид на давање на услуги (точка 2); „Приватно обезбедување за сопствени потреби“ е заштита на имотот и на лицата во правно лице што се врши од страна на работници за приватно обезбедување вработени во правното лице кое има добиено дозвола за приватно обезбедување за сопствени потреби (точка 4); „Физичко обезбедување“ е обезбедување на лица (живот, телесен интегритет) кое се врши заради нивна лична заштита и обезбедување на имот од пристап на неповикани лица, уништување, оштетување, противправно одземање и други форми на штетни дејствија, што се врши од страна на работници за приватно обезбедување;….

Согласно член 8 од Законот се утврдени видовите на приватно обезбедување под услови утврдени со овој закон кој се вршат: 1. во вид на давање на услуги и 2. за сопствени потреби.

Во член 9 од Законот за приватното обезбедување е уредено дека приватното обезбедување во вид на давање на услуги се врши како: 1. физичко обезбедување и 2. техничко обезбедување. Физичкото обезбедување од ставот 1, точка 1 на овој член се врши како: телесна заштита; мониторинг-патролно обезбедување; обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки и обезбедување на јавни собири и други настани. (став 2) Приватното обезбедување за сопствени потреби се врши како физичко обезбедување и тоа како телесна заштита и мониторинг обезбедување. (став 3)

Во Законот за приватното обезбедување, во Главата II. „Услови за вршење на приватно обезбедување“ согласно член 10 се утврдени општите услови за правно лице за вршење на приватно обезбедување. Според ставот 1 на овој член, приватно обезбедување во вид на давање на услуги може да врши правно лице: 1. ако има извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија и 2. ако има добиено дозвола за приватно обезбедување во вид на давање на услуги. Приватно обезбедување за сопствени потреби може да врши правно лице ако има добиено дозвола за приватно обезбедување за сопствени потреби. (став 2) Правно лице од ставот 1 на овој член може да основа домашно правно лице или физичко лице кое е државјанин на Република Македонија. (став 3)

Според член 13 од овој закон, се утврдени условите за издавање на дозвола за обезбедување во вид на давање на услуги. Во ставот 2 од овој член, дозвола за обезбедување во вид на давање на услуги од членот 12 став 2 точка 1 од овој закон се издава на правно лице, ако: има извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија; има најмалку 15 работници за обезбедување кои имаат лиценци за физичко обезбедување; има потврда од Комората дека работниците за обезбедување за кои се доставуваат лиценци за приватно обезбедување од точката 2 на овој став не поседуваат важечки легитимации за физичко обезбедување и има назначено одговорно лице кое ги исполнува условите од ставот 3 на овој член.

Во Главата IV. „Приватно обезбедување за сопствени потреби“ согласно член 43 став 1 од овој закон, правно лице може да добие дозвола за обезбедување за сопствени потреби заради заштита на својот имот и лицата кои се наоѓаат во него, доколку ги исполнува условите од членот 14 од овој закон. Обезбедувањето од ставот 1 на овој член го вршат работници на правното лице чиј имот и лица се обезбедуваат. (став 2) Правното лице на кое му е издадена дозвола за обезбедување за сопствени потреби не смее да дава услуги на приватно обезбедување на други физички и правни лица. (став 3)

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од член 9 став 3 од оспорениот закон, се ограничувало правото на приватното обезбедување, односно законската можност да вршат обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки за сопствени потреби, како и да вршат патролно обезбедување за сопствени потреби, а им било дозволено да вршат само мониторинг.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, оспорениот член 9 од Законот, како и од наводите во иницијативата, Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани и дека при анализата на уставноста на овие одредби треба да се има во предвид суптилноста на проблематиката на приватното обезбедување и пристапот на законодавецот за јасно разграничување на овластувањето во оваа дејност од јавен интерес и утврдувањето на клучната разлика помеѓу приватното обезбедување во вид на услуги и за сопствени потреби суштината на истите се врши како физичко (телесна заштита, мониторинг-патролно обезбедување, обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки, обезбедување на јавни собири и други настани) и техничко.

Приватно обезбедување во вид на давање на услуги и приватно обезбедување за сопствени потреби, како на законско, така и на ниво на функционирање во пракса претставуваат различни видови на приватно обезбедување, кои се условени од сопствените специфики и карактеристики и како такви не можат да се поистоветуваат. Имено, приватното обезбедување во вид на давање на услуги го вршат правни лица кои имаат извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија (член 10 став 1). Суштинска карактеристика на овие правни лица е што приватното обезбедување го вршат како основна дејност. Токму поради тоа, условите кои е потребно да бидат исполнети се порестриктивни во однос на условите кои треба да ги исполнат правните лица кои приватното обезбедување го вршат за сопствени потреби (членови 13 и 14). Со пропишувањето на овие услови се воспоставуваат соодветни стандарди за вршење на оваа дејност, за двата вида на приватно обезбедување, кои соодветствуваат на природата на видот на приватно обезбедување.

Во смисла на изнесеното, според Судот, вршењето на мониторинг-патролно и обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки, како подвидови на физичкото обезбедување, подразбираат висок степен на обученост на работниците за приватно обезбедување, употреба на современи средства и опрема и следствено на тоа висок степен на одговорност за преземените и реализираните обврски, како од страна на правното лице, одговорното лице во правното лице, така и од страна на работникот за обезбедување. Овие овластувања, кои на своевиден начин се доближуваат до одредени овластувања кои по својата природа ги спроведува полицијата се во непосредна корелација со безбедноста и сигурноста на граѓаните и заради заштита на јавниот интерес истите нужно е потребно да ги спроведуваат професионални и специјализирани агенции. На тој начин, се ставени во функција на заштита на едно од основните човекови права утврдени во член 10 од Уставот, неприкосновеност на животот на човекот, која уставна и законска обврска се должни да ја спроведуваат, правните лица кои обезбедувањето го вршат во вид на услуги, во рамките на своите надлежности.

Оттука, Судот утврди дека во согласност со наведените специфики законодавецот повлекол граница со која ја утврдил клучната разлика помеѓу приватното обезбедување во вид на давање на услуги и за сопствени потреби, а тоа е дека приватното обезбедување за сопствени потреби може да се врши како физичко обезбедување и тоа само како телесна заштита и мониторинг обезбедување, но не и како мониторинг – патролно обезбедување и обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки. Исто така, доколку правното лице кое има сопствено обезбедување врши мониторинг-патролно обезбедување и обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки по обемот на своите овластувања тоа практично би функционирало како правно лице кое дава услуги на обезбедување, што од друга страна е спротивно на член 43 став 3 од оспорениот закон со кој е определено дека „Правното лице на кое му е издадена дозвола за обезбедување за сопствени потреби не смее да дава услуги на приватно обезбедување на други физички и правни лица“ Според Судот, во прилог на наведеното е и фактот дека вршењето на приватно обезбедување за сопствени потреби не претставува основна дејност на правното лице, туку истото единствено има за цел да овозможи заштита на работните простории, имотот и на вработените во правното лице.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна. Поради наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај, со Законот за приватно обезбедување се создаваат правни претпоставки за рамноправно учество на сите субјекти на пазарот во Република Македонија кои ги исполнуваат законските услови, а од друга страна овој закон нуди правни можности за пресретнување на потенцијалните опасности (превенција) кои можат да произлезат од учеството на пазарот на правни и физички лица кои не ги исполнуваат пропишаните услови во законот.

Од анализата на содржината на наведените уставни и законски одредби и на оспорената одредба, како и од наводите во иницијативата, Судот утврди дека не може да се доведе во прашање согласноста на оспорениот член 9 од Законот за приватното обезбедување со членот 55 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.101/2013
18.03.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева