У.бр.150/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 19 од Статутот на Синдикатот на работниците на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија, донесен од Претседателството на Синдикатот на 3 ноември 2012 година.

2. Благоја Ралповски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на член 19 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба била неодржлива во правниот поредок на Републиката, бидејќи истата била неуставна. Имено, според членот 20 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив, да истапуваат без било кое условување или ограничување. Дека тоа мора да биде така произлегува и од член 185 став 1 од Законот за работните односи, според кој работникот, односно работодавачот одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Во тој контекст била и одредбата од член 111 од Законот за работните односи која го уредува прашањето за тоа кога работодавачот може да го задржи исплаќањето на плата, при што сите одредби од договорот за вработување кои определуваат други начини на задржување на исплата се ништовни и др.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не произлегува ниту од одредбата од член 37 став 1 од Уставот, според која заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат.

Понатаму подносителот ги цитира одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 54 од Уставот и заклучува дека оспорениот член од Статутот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 20 став 2, член 37 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот и предлага оспорениот член да биде поништен, а до донесување на конечна одлука судот да изрече времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 19 од Статутот на Синдикатот на работниците на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија, „Членот на Синдикатот кој користел средства од Солидарниот фонд или која било погодност или бенефиција од Синдикатот, не може да истапи пред истекот на две години од моментот на добивањето на средствата, односно од датумот на конечната исплата на средствата доколку користел позајмица“.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според член 37 од Уставот на Република Македонија, заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат.
Ова право на граѓаните е утврдено во делот од Уставот кој ги уредува економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот. За разлика од ова,со членот 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања, е утврден во делот од Уставот кој ги третира граѓанските и политичките слободи и права.
Синдикатот како најмасовен и најраспространет облик на организирање на граѓаните е предмет на уредување и на Законот за работните односи.

Имено, организациите кои работниците ги основаат заради остварување на нивните економски и социјални права од работен однос утврдени со закон и со колективен договор се организираат и ја вршат својата функција согласно одредбите од овој закон, за разлика од класичните здруженија на граѓани кои се организираат според Законот за здруженија на граѓани и фондациите.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека синдикатот претставува првенствено општествено економска организација која ги обединува граѓаните-работници врз доброволна основа и која ги претставува и ги штити нивните економски и социјални права и интереси што произлегуваат од работен однос.

Со оглед на тоа што наведениот Статут не претставува пропис во смисла на наведената уставна одредба, туку е интерен акт со кој се уредува внатрешната организација на синдикатот, согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата,поради што Судот оцени дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.150/2014
18 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

.