Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 18 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Решението бр.17-89/1 од 29 јануари 1997 година, донесено од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид;
– Записникот за депоседирање на недвижен имот бр.17-89 од 9 јули 1998 година составен од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид;
– Одобрението за градба бр.10-223/2 од 3 февруари 2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид; и
– Одобрението за градба бр. 10-222/2 од 3 февруари 2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата, што подносителот смета дека му се повредени со актите наведени во точката 1 на ова решение.
3. Славко Лолески од Охрид, со привремен престој во САД, преку полномошникот Јане Блажески од Охрид, до Уставниот суд на Република Македонија достави поднесок насловен како иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите наведени во точката 1 на ова решение и барање за заштита на слободите и правата.
Според наводите во иницијативата, подносителот на иницијативата во 1982 година по основ на договор за поклон се стекнал со право на сопственост на недвижен имот КП бр.15342 под објект од 152мІ двор од 500мІ и градина од 57мІ кое што право било заведено во јавните книги за недвижности на негово име, кое што право непречено го користел си до 1996 година.
Подоцна, на барање на лицата Ангелоски Јован и Ангеловски Марјан, било донесено Решение бр.17-89 од 7 мај 1996 година, со кое му бил одземен дел од КП бр.15342 и тој дел им бил доделен на наведените лица заради изградба на станбена зграда. Против решението подносителот вложил жалба до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен, која, со решение У.бр.37-352/1 од 19 септември 1996 година го поништила решението и го вратила предметот на повторно одлучување. Првостепениот орган не постапил по дадените напатствија и на 29 јануари 1997 година го донел првооспорениот акт – Решението бр.17-89/1 со кое на наведените лица им било доделено земјиште – дел од КП бр.15342 во површина од 23мІ и 24мІ. Со тоа било повредено правото на сопственост на подносителот Лолески Славко.
Потоа следело донесување на второоспорениот акт – записникот за депоседирање на имотот бр.17-89 од 9 јули 1998 година со кој се извршило депоседирање на имотот, односно предавање во владение на одземениот имот. Подносителот не бил повикан, иако бил учесник во постапката за доделување на земјиштето, така што депоседирањето било извршено во негово отсуство (подносителот не бил во можност да учествува бидејќи бил со привремено живеалиште во САД, а неговиот полномошник имал специјално полномошно со кое не бил овластен да го застапува во оваа правна работа). Со тоа што депоседирањето на имотот било извршено во негово отсуство и без негова писмена согласност, во незаконска постапка, подносителот смета дека била направена повреда на начелото на законитост од член 4 од Законот за општа управна постапка, повреда на правото на странката од член 5 од тој закон, повреда на правото на еднаквост непристрасност и објективност од членот 6 и повреда на начелото на сослушување на странките од член 10 од истиот закон и спротивно на одредбите од Законот за експропријација. Со наведените дејствија првостепениот орган го повредил правото на сопственост на подносителот кое било загарантирано во Уставот на Република Македонија и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.
Во однос на третиот и четвртиот оспорен акт – одобренијата за градба издадени на Ангеловски Јован, односно на Ангеловски Марјан, во иницијативата подносителот наведува дека биле направени пропусти во постапката за нивното издавање, со тоа што не биле доставени докази за сопственост на земјиштето што му било одземено и поради тоа што решението за депоседирање и записникот не претставувале доказ за сопственост.
Против одобренијата за градба подносителот Славко Лолески вложил жалба, но во меѓувреме, иако одобренијата не биле сеуште конечни, од страна на инвеститорите биле преземени градежни работи – поставување на темели, при што било навлезено во имотот на подносителот. За тоа подносителот го известил Градежниот инспекторат на општина Охрид, но до денес не добил одговор. Подносителот наведува дека одземениот дел од неговиот имот претставува исклучиво негова сопственост која е евидентирана во Имотен лист бр.6754 за КО Охрид и дека сите решенија, одлуки и постапки се спротивни на Уставот и на законите.
На крајот од иницијативата подносителот бара Уставниот суд да ја провери уставноста и законитоста на оспорените акти со кои му била нанесена сериозна неправда и му било загрозено уставното право на сопственост и истите да ги поништи или укине, како и да утврди дека му било повредено правото на сопственост загарантирано со член 30 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во диспозитивот на првооспорениот акт – Решение бр.17-89/1 од 29 јануари 1997 година, донесено од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид е наведено дека се удоволува барањето на Ангелоски Јован и Маријан од Охрид ул. „Никола Карев“ бр.31 за признавање на предимствено право на користење на градежно земјиште за изградба на индивидуални станбени згради на КП бр.15367, КО Охрид и тоа, локација бр.1 на Ангелоски Јован и локација бр.2 на Ангелоски Марјан и им се признава првенствено право на користење на градежното земјиште за изградба на индивидуални станбени згради. Понатаму се наведува дека за таа цел во корист на Републиката, а за реализација на локација бр.1 се одзема дел од КП бр.15342 КО Охрид во површина од 23мІ, а за локација бр.2 се одзема дел од КП бр.15432 КО Охрид, во површина од 23мІ, чиј корисник е Лолески Славко и споменатото градежно земјиште им се доделува на молителите. Согласно ова решение, молителите се должни, во рок од 2 години од правосилноста, да отпочнат со градба, а во спротивно го губат правото признато со ова решение.
Во Записникот за депоседирање на недвижен имот бр.17-89 од 9 јули 1998 година составен од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид се констатира дека се врши депоседирање на недвижниот имот означен како КП бр.15342 Р=24мІ, 15342 Р=23мІ, поранешна сопственост на Лолески Славко што со правосилно решение бр.17-89 од 29 јануари 1997 година е одземено правото на користење во корист на Републиката, а за потребите на Ангелоски Јован и Маријан. Во записникот се констатира дека е извршено обележување на наведениот недвижен имот и обезбедување на неговата фактичка состојба и дека е предаден на новиот корисник Ангелоски Јован и Ангеловски Маријан.
Судот на седницата исто така утврди дека во Одобрението за градба бр.10-223/2 од 3 март 2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид се наведува дека на Ангеловски Маријан од Охрид, со стан на ул.„Никола Карев“ бр.53 му се одобрува како инвеститор да изгради индивидуална станбена зграда на дел од КП бр.15367 и 15342 КО Охрид во површина од 76м2 во фаза П+1 кат.
Во Одобрението за градба бр. 10-222/2 од 03.02.2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид се наведува дека на Ангеловски Јован од Охрид, со стан на ул.„Никола Карев“ бр.53 како инвеститор му се одобрува да изгради индивидуална станбена зграда на дел од КП бр.15367 и 15342 КО Охрид во површина од 79м2 во фаза П+1 кат.
5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од насловот и од содржината на поднесокот Судот заклучи дека тој истовремено претставува и иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста и барање за заштита на слободите и правата кои се насочени против исти оспорени акти, имено: 1. Решение бр.17-89/1 од 29 јануари 1997 година донесено од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид; 2. Записник за депоседирање на недвижен имот бр.17-89 од 09 јули 1998 година, составен од Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи, одделение во Охрид; 3. Одобрение за градба бр.10-223/2 од 3 февруари 2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид; 4. Одобрение за градба бр. 10-222/2 од 3 февруари 2000 година, донесено од Министерството за урбанизам и градежништво, подрачна единица Охрид.
Од содржината на четирите оспорени акти Судот утврди дека сите тие претставуваат поединечни акти, кои се однесуваат на точно определени лица.
Од уставната одредба од член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, произлегува дека не сите акти можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само оние акти кои имаат карактер на пропис, односно кои содржат општи норми на однесување, кои утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото и кои ги уредуваат односите на субјектите во правото на општ начин.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека актите кои се оспоруваат немаат карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од нивната содржина неспорно произлегува дека станува збор за поединечни, конкретни управни акти, со кои се регулираат односи inter partes. Со оглед на тоа што оценката на уставноста и законитоста на поединечните, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, Судот оцени дека оспорените акти не се подобни за уставно-судска оцена, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
6. Согласно алинеја 3 на членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Од содржината на оваа уставна одредба произлегува дека поединечна уставно-судска заштита уживаат само оние уставно загарантирани слободи и права на човекот и граѓанинот што се наведени во цитираната алинеја 3 на членот 110.
Во поднесеното барање за заштита на слободите и правата подносителот наведува дека со оспорените акти му било повредено правото на сопственост кое било загаранитирано со Уставот и со Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права и протоколот кон оваа Конвенција.
Правото на сопственост на кое се повикува подносителот на иницијативата, не спаѓа во листата на правата за чија што заштита може да се поднесе барање до Уставниот суд. Оттука, со оглед на тоа што Уставниот суд не е надлежен за непосредна уставно-судска заштита на правото на сопственост, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на барањето поради ненадлежност.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.161/2014
18.03.2015
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева