Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, наставни и научни звања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (донесен со Одлука на Универзитетскиот сенат на 90-та седница бр.0701-372/14 од 10 март 2014 година).
2. Димитар Апасиев од Велес до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата, до Уставниот суд на Република Македонија, најнапред на 21 март 2014 година достави претставка – иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на подзаконскиот правен акт -Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, наставни и научни звања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, бр.0701-1382 од 13 декември 2013 година, за да потоа во следниот став од иницијативата наведува дека поточно со оваа претставка ја оспорува уставноста и законитоста на дел од Одлуката за усвојување на Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, наставни и научни звања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, донесен од Универзитетскиот сенат на 90-та седница, заведен под архивски број 0701-372/14 од 10 март 2014 година.
Во образложението на иницијативата се наведува дека со истата се оспорува член 75 од Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, наставни и научни звања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, од причина што истиот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 2, член 44 ставовите 1 и 2, член 46 став 2, член 47, член 51, член 52, член 54 и член 50 од Уставот на Република Македонија и член 124 од Законот за високото образование, член 26 и член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011) член 50 и член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2013 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2014).
Понатаму во иницијативата се наведува дека предвременото укинување на звањето асистент било противуставно од причина што истото било како последица на непочитување на забраната за ретроактивно важење на прописите. Според наоѓањето на подносителот на иницијативата звањето асистент докторант било понеповолно за веќе вработените бидејќи условите за избор во „асистент-докторант“ не биле исти како и за асистент, а временскиот период на кој се избирале асистентите и асистентите –докторанти бил сосема различен.
Исто така, предвременото укинување на звањето асистент било противзаконско бидејќи не се почитувала процедурата за реизбор на оставените законски рокови за докторирање.
На ден 4 април 2014 година, подносителот на иницијативата до Уставниот суд на Република Македонија поднесе ургенција со барање за донесување на времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
По доставување на двата погоренаведени поднесоци, подносителот на иницијативата по трет пат до Судот на ден 9 мај 2014 година поднесува претставка-иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста, на оспорениот правилник со првиот поднесок, но потоа наведува дека поточно ја оспорува втората Одлука за усвојување на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, наставни и научни звања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, донесен од Универзитетскиот сенат на 93-та седница одржана на 22 април 2014 година, а заведен под архивски број 0701-562/26 од 23 април 2014 година.
Во образложението на иницијативата се наведува дека член 2 ставовите 4 и 5 од Правилникот бил во спротивност со член 52 став 1 и 4, член 51, член 46 став 2, член 47 ставовите 1, 2 и 3 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како и со член 55 став 1 алинеја 14 и член 63 став 3 алинеја 7 од Законот за високото образование. Ова од причина што, според наводите во иницијативата со оспорениот Правилник се вршело недозволиво противзаконско одземање на законска надлежност која изворно ex lege му припаѓала на Декан, а не на Ректор, а тоа било „распишување на конкурс за избор на звања“. Имено, иако Ректорот – како надзорен инокосен орган кој бил одговорен за законитоста и статутарноста на работата на универзитетот и на единиците во неговиот состав, имал право и должност да запре од извршување акт на нивните органи, за кој смета дека не е во согласност со закон, статут, општ акт или одлука на универзитет (член 55 од Законот за високото образование),според подносителот на иницијативата, на истиот му била дадена само вонредна ингеренција in concreto кога тој- Ректорот-евентуално ќе оценел дека Деканот донел некоја противзаконита или противуставна одлука.
Подносителот на иницијативата смета дека со подзаконски акт на Деканот му биле одземени неговите изворни законски овластувања.
3. Судот на седницата утврди дека Оспорениот Правилник има вкупно 79 членови кои се содржани во IV Глави, и тоа:
I. Општи одредби;
II. Опис на правилникот;
III. Завршни одредби, и
IV. Документи и прилози.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниов случај, според Судот, Уставниот суд не е во состојба мериторно да се впушти во оценка на наводите содржани во доставените поднесоци, од причина што истите се нејасни, конфузни и конкретно и прецизно не го дефинираат актот што е предмет на уставно-судска анализа. Имено, иницијативата со нејзиното дополнување за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на подзаконски правен акт е нејасна, неразбирлива, противречна сама на себеси како и на содржината на актите кои се наведуваат, па оттука Судот оцени дека воопшто не е јасно кој акт и во кој дел се оспорува, поради што Уставниот суд не е во можност да се впушти во уставно-судска анализа.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт содржи: означување на законот, прописот или општиот акт, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, причините за нивно оспорување, одредбите од Уставот, односно законот што се повредуваат со тој акт и името, односно називот, односно називот и седиштето на подносителот на иницијативата.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од причина што во конкретниов случај поднесените претставки не го содржат основниот елемент утврден во членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно не е децидно и јасно означен прописот – актот што се оспорува, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.57/2014
18 март 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева