У.бр.172/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1, 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1, во делот „исплатениот“, од Одлуката за прифаќање на исплатениот надомест како справедлив надомест на име нематеријална штета, бр.19-5943/1, донесена од Владата на Република Македонија на 10 ноември 2009 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на Аца Јаневски за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните, повредена со одлуката означена во точката 1 од овa решение.

3. Аца Јаневски од Куманово, застапуван од Оливера Доцевска-адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, како и барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните, повредена со наведената одлука.

Во поднесокот најнапред се изнесува содржината на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11, и на став 2, како и на членовите 9, 28, 35, 36 и 54 од Уставот, на членовите 1 и 2 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и нивните семејства („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002) и на членовите 166 и 202 од Законот за облигационите односи.

Потоа се наведува дека Аца Јаневски, како учесник во воените дејствија 2001 година и воен инвалид, покренал постапка против Република Македонија-Министерството за внатрешни работи за надомест на нематеријална штета и дека со Пресуда П бр.809/01 донесена од Основниот суд во Куманово на 11 февруари 2004 година му било прифатено тужбеното барање како основано, а со Пресуда ГЖ бр.2871/05 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 23 јуни 2005 година била потврдена првостепената пресуда. На 24 јануари 2006 година Основниот суд Скопје I во Скопје донел Решение И бр.3121/05, со кое го дозволил извршувањето на правосилната првостепена пресуда, но тоа решение не било извршено. Потоа, Врховниот суд на Република Македонија, со Пресуда Рев.бр.61/2006 донесена на 14 март 2007 година, ги преиначил првостепената и второстепената пресуда така што го одбил тужбеното барање на Аца Јаневски како неосновано, а на 19 јули 2007 година Основниот суд Скопје II во Скопје донел ново решение, Решение И бр.6972/07, со кое го запрел извршувањето на Решението И бр.3121/05 од 24 јануари 2006 година. Следувало донесувањето на Одлуката на Владата на Република Македонија, бр.19-5943/1 од 10 ноември 2009 година. Решението И бр.6972/07 од 19 јули 2007 година, со кое било запрено извршувањето на претходното извршно решение, Аца Јаневски го примил на 16 април 2010 година и се дотогаш првостепеното извршно решение И бр.3121/05 од 24 јануари 2006 година било во сила а останало неизвршено. Потоа, на 19 април 2010 година извршителот Јовица Ангеловски донел Заклучок И бр.238/06 со кој го запрел извршувањето. Против новото Решение И бр.6972/07 од 19 јули 2007 година Аца Јаневски поднел жалба, а Апелациониот суд во Скопје, со Решение ГЖ бр.2677/10 од 7 јули 2010 година, ја одбил жалбата и го потврдил Решението И бр.6972/07 од 19 јули 2007 година.

При таква состојба во која се нашол Аца Јаневски, од една страна, и при состојба во која други лица-бранители барале и добиле надомест на нематеријална штета (на пр., Пресуда П. бр.4427/07, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 29 јануари 2010 година, и потврдена со Пресуда ГЖ бр.3370/10, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 10 февруари 2011 година), од друга страна, Аца Јаневски смета дека бил доведен во нерамноправна состојба и дискриминиран.

Со оглед дека за повредата на неговите слободи и права и за оспорената одлука дознал пред помалку од 2 месеци, подносителот на барањето смета дека се исполнети условите за поднесување на барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, па предлага Уставниот суд да утврди повреда на правото на еднаквост од член 9 на Уставот и сторена дискриминација по член 54 од Уставот, како и да го укине членот 1, во делот „исплатениот“, од наведената одлука на Владата на Република Македонија, со што сите лица-бранители би биле доведени во рамноправна состојба без оглед дали им бил исплатен надомест на нематеријална штета или не им бил исплатен таков надомест.

4.Судот на седницата утврди дека Одлуката, чија одредба е оспорена, е донесена врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008 и 82/2008), а во врска со член 16 став 3 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007).

Во член 1 од Одлуката се определува дека „со оваа одлука се прифаќа исплатениот паричен надомест на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства како справедлив надомест на име нематеријална штета и душевни болки.“

Според член 2 од Одлуката, „се задолжува Државното правобранителство на Република Македонија – Министерството за внатрешни работи да ги повлечат поднесените тужби и да се откажат од тужбените барања против припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства за повраќај на исплатениот надомест на име нематеријална штета – душевни болки.“

Во член 3 од Одлуката се предвидува дека „оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување.“

Судот, исто така, утврди дека со Решение У бр.201/2010, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 29 ноември 2011 година, беше отфрлена иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведената одлука затоа што Судот „оцени дека таа по својот карактер не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, односно таа е конкретен акт.“

5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, „Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.“

Според член 28 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето“ (алинеја 1) и „ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“ (алинеја 2).

Имајќи предвид дека Одлуката, чија одредба се оспорува, се однесува само на конкретни припадници на безбедносните сили и нивните семејства, на кои им е исплатен паричен надомест на име нематеријална штета и душевни болки, од една страна, како и дека се однесува на државата преставувана од Државниот правобранител во конкретни судски предмети, од друга страна, Судот оцени дека Одлуката не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, па со оглед дека за истата работа Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, се оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на барањето за заштита на слободите и правата на Аца Јаневски, Судот утврди дека во конкретниот случај, после донесувањето на првостепената пресуда (П. бр.809/01 од 11 февруари 2004 година) и второстепената пресуда (ГЖ бр.2871/05 од 23 јуни 2005 година), кои биле во корист на подносителот на барањето, била донесена и пресуда од Врховниот суд на Република Македонија (Рев.бр.61/2006 од 14 март 2007 година), која била преиначување на претходните две пресуди и мериторно одлучување така што било одбиено тужбеното барање на Аца Јаневски. Според тоа, Аца Јаневски немал право на надомест на нематеријална штета врз основа на наведената пресуда од Врховниот суд на Република Македонија, што значи пред донесувањето на Одлуката на Владата на Република Македонија чија одредба се оспорува, а не дека имал право на таков надомест но кој не му бил исплатен, па оспорената одредба од Одлуката го оневозможувала во тоа, како што се наведува во барањето.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот оцени дека Одлуката уредува друга материја a не онаа која ја интерпретира подносителот на барањето. Поради тоа, оспорувањето на Одлуката од аспект кој не се однесува на содржината на Одлуката всушност значи постоење на процесни пречки за одлучување по таквото барање, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на барањето, па Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.172/2014
4 март 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева