Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2 алинеи 1 и 3 од Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија бр.01-564/1 донесен на 28.02.2014 година од Регулаторната комисија за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2014).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија означени во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата оспорува дека врвната активна моќност и прекумерно преземената реактивна електрична енергија можеле да бидат пресметковни елементи и предмет на облигационен однос за кој се предвидувале возвратни плаќања. Ова од причина што врвната активна моќност преставувала физичка појава, која била неопрделена и неопределива и за неа не можело да се запази принципот на еднаквост на взаемните давања, од каде произлегувало дека одредбите биле спротивни на членот 8, членот 38 и членот 39 од Законот за облигационите односи.
Прекумерно преземената реактивна електрична енергија не можела да биде предмет на облигационен однос бидејќи потрошувачите таа енергија не ја добиле, туку ја враќале во системот. Утврдувањето на цената како 40% од активната енергија било без правен или друг основ. За прекумерно превземената реактивна електрична енергија плаќале само некои потрошувачи од каде постоела дискриминација. Продавачот на енергија се стимулирал да не превзема мерки за компензација на реактивната електрична енергија (постоеле ефикасни технички начини за компензација на јаловата енергија, а не се употребувале) со цел да заработи повеќе, спротивно на членот 55 став 2 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата во оспорената одредба не биле запазени правните норми присутни кај цивилизираните народи, кои биле преземени и во членовите 8, 38 и 39 од Законот за облигационите односи. Со цел да го објасни ваквото свое тврдење, како и тврдењето дека моќноста била само категорија од физиката во натамошниот текст на иницијативата подносителот изнесува неколку примери од кои произлегувало дека врвната активна моќност не можела да биде предмет на облигационен однос, дека е неодредена и неопределива, како и дека по однос на неа не можел да се примени принципот на еднаквост на взаемните давања.
Според наведеното подносителот на иницијативата бара одредбата да биде укината како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и членовите 8, 38 и 39 од Законот за облигационите односи.
Во натамошниот текст на иницијативата подносителот на иницијативата го појаснува изразот: „прекумерно пренесената реактивна електрична енергија“ на начин како што тој го разбира од аспект на физиката како наука. Притоа акцентот го става на тврдењето дека за овој вид на енергија или јалова енергија, не постоело давање, сторување, трпење или несторување, од каде потрошувачот немал обврска за плаќање за струја која не ја примил. Имајќи предвид дека за ваков вид на енергија плаќале само оние потрошувачи кај кои мерачите прикажале реактивна електрична енергија над 33% од преземената активна електрична енергија, односно не сите потрошувачи, се поставувало прашањето која била причината за ваквиот вид на дискриминација?
Операторите на дистрибутивните системи и операторот на пренос на електрична енергија имале стручни екипи за компензирање на јаловата енергија, но тоа не сакале да го сторат со цел повеќе да заработеле, што им се овозможувало преку оспорената одредба, од каде произлегувала и повредата на членот 55 став 2 од Уставот. Исто така имало повреда и на членот 30 од Уставот, како и на членовите 5, 7, 8, 9, 11 и 38 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001).
3. Судот на седницата утврди дека, според членот 3 став 1 од Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија, пресметковни елементи за кои се определуваат тарифите за користење на електропреносниот систем се:
1) врвна активна моќност,
2) активна електрична енергија, и
3) прекумерно преземена реактивна електрична енергија.
Во членот 3 став 2 од Тарифниот систем е определено дека, надоместокот за користење на електропреносниот систем претставува збир од надоместоците за:
1) врвна активна моќност,
2) активна електрична енергија, и
3) прекумерно преземена реактивна електрична енергија.
Во иницијативата се оспоруваат точките 1 и 3 од ставот 1, како и точките 1 и 3 од ставот 2 на членот 3 од Тарифниот систем.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.
Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Во членот 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14 и 151/14), е определено дека со Законот за енергетика се уредува пазарот на електрична енергија (точка 5).
Во член 3 од наведениот закон е определено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, при што во точката 44 од означената законска одредба се утврдува дека под квалификуван купувач се подразбира купувач кој купува енергија од производители, снабдувачи или трговци по слободен избор, а во точката 89 се утврдува дека под регулирана енергетска дејност се подразбира енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.
Надлежноста и овластувањето за донесување на Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија на Регулаторната комисија за енергетика произлегуваат од членот 22 став 1 од Законот за енергетика, според кој: „Заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика ги има следниве надлежности:
1) го следи функционирањето на енергетските пазари заради обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенти;
2) донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности;
3) донесува прописи, методологии за формирање на цени и тарифни системи за испорака на одделни видови на енергија и/или енергенти за тарифните потрошувачи;
4) донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи, методологии и тарифни системи;
Во членот 79 став 3 од Законот за енергетика се уредени елементите според кои се врши фактурирањето за испорачаната електрична енергија. Имено, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им фактурира за испорачаната електрична енергија по договорната цена и надоместок за користење на пазарот на електрична енергија. Доколку снабдувачот има склучено договор со операторот на дистрибутивниот систем, согласно со членот 74 став 4 од овој закон, снабдувачот на електрична енергија на своите потрошувачи им ги фактурира и надоместоците за користење на преносниот и/или дистрибутивниот систем. Фактурирањето се врши врз основа на мерењата за потрошената активна и/или реактивна електрична енергија и за ангажираната електрична моќност, извршени од соодветниот оператор на системот.
Врз основа на анализата на цитираните одредби Судот оцени дека определувањето на елементите од кои зависи висината на цената на електричната енергија од страна на Регулаторната комисија има свој уставен и законски основ, а оспорените делови од членот 3 од Тарифниот систем за пренос и пазар на електрична енергија претставува разработка на законски утврдената рамка.
Имајќи предвид дека условите за испорачувањето и примањето на електричната енергија поблиску се утврдени во Законот за енергетика, произлегува дека специфичниот облигационен однос помеѓу продавачот и примателот на електрична енергија не може да се уредува исклучиво според правилата на Законот за облигационите односи, на што се инсистира во иницијативата, туку истиот е уреден во содејство со одредбите од Законот за енергетика. Оттаму, Судот оцени дека во иницијативата неосновано се тврди дека оспорената одредба ги повредувала членовите 5, 7, 8, 9, 11, 38 и 39 од Законот за облигационите односи. Доколу пак постои било каква неусогласеност помеѓу одредбите од овој закон и Законот за енергетика, тоа прашање не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија согласно членот 110 од Уставот.
Според наведеното Судот оцени дека оспорените член 3 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2 алинеи 1 и 3 од Тарифниот систем за пренос и за пазар на електрична енергија, оценувани од аспект на наводите во иницијативата, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.61/2014
4 март 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева