37/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата, по цитирање на содржината на оспорените делови од одредбите од Законот и цитирање на член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот, се наведува дека оспорените делови од одредбите од Законот излегувале надвор од уставните определби, правата на вработените да се уредуваат со закон и колективни договори, што не било во согласност со наведените уставни одредби.

Од оспорените делови од законските одредби не можело да се утврди на кои други прописи законодавецот мислел, со оглед дека не биле именувани, па оттука тие биле нејасни и непрецизни со што се повредувала и правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото.

Со иницијативата се предлага при одлучувањето да се имаат предвид одлуките на Уставниот суд У.бр.173/2000 од 04.04.2001 година, со која се укинати член 2 став 2 во делот: “и прописите донесени врз основа на овој закон” и на член 27 став 1 во делот: “и прописите донесени врз основа на него”, од Законот за здравственото осигурување и У.бр.83/2010 од 08.06.2011 година, со која е укинат член 23 во делот: “и општ акт на органот на управување” од Законот за јавните службеници.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 3 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор, за вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од посебните закони, прописите донесени врз основа на овој закон и посебните закони и со колективните договори.

Со членот 4 од Законот за вработените во јавниот сектор е определено дека вработените во јавниот сектор ги вршат работите и работните задачи во согласност со Уставот, закон, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 35 од Законот за вработените во јавниот сектор, вработените во јавниот сектор се должни да ги извршуваат работните задачи дадени од функционерот кој раководи со институцијата, односно од непосредно претпоставениот и да постапуваат по нив во согласност со Уставот, закон или друг пропис (став 1). Ако вработените сметаат дека дадената работна задача од ставот 1 на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис се должни за тоа да му укажат на лицето кое им ја дало задачата (став 2).

Со иницијативата предмет на оспорување е член 3 став 1 во делот: “прописите донесени врз основа на овој закон”, член 4 во делот: “други прописи донесени врз основа на закон” и член 35 став 1 во делот: “или друг пропис” и став 2 во делот: “и со друг пропис” од Законот за вработените во јавниот сектор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 32 став 5 од Уставот е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Македонија, број 27/2014 и 199/2014) се уредуваат општите начела, класификацијата на работните места, евиденцијата, видовите на вработувања, општите права, должности и одговорности, мобилноста, како и други општи прашања за вработените во јавниот сектор.

Со член 3 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор е уредено дека за вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од посебните закони, прописите донесени врз основа на овој закон и посебните закони и со колективните договори.

Со членот 4 од Законот за вработените во јавниот сектор е определено дека вработените во јавниот сектор ги вршат работите и работните задачи во согласност со Уставот, закон, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 35 ставови 1 и 2 од Законот за вработените во јавниот сектор, вработените во јавниот сектор се должни да ги извршуваат работните задачи дадени од функционерот кој раководи со институцијата, односно од непосредно претпоставениот и да постапуваат по нив во согласност со Уставот, закон или друг пропис. Ако вработените сметаат дека дадената работна задача од ставот 1 на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис се должни за тоа да му укажат на лицето кое им ја дало задачата.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Од наведената уставна одредба неспорно произлегува дека во хиерархијата на правни норми покрај Уставот и законите, се содржани и сите други прописи кои треба да бидат во согласност со Уставот и законите.

Со членот 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), се пропишува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во врска со членот 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, е уреден членот 56 од Законот, со кој се определува што се утврдува со прописите кои министерот може да ги донесе, односно дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и други прописи, со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи, како и дека со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и други прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување.

Од анализата на содржината на оспорените делови од член 3 став 1, член 4 и член 35 ставови 1 и 2 од Законот за вработените во јавниот сектор, не произлегува упатување на можност со прописи оригинерно да се уредуваат права и обврски за вработените во јавниот сектор, па оттука неосновани се наводите од иницијативата дека оспорените делови од одредбите од Законот излегувале надвор од уставните определби, правата на вработените да се уредуваат со закон и колективни договори.

Наводите од иницијативата дека поради неименувањето на прописите со оспорените одредби од Законот, тие биле нејасни и непрецизни норми бидејќи не можело да се утврди на кои други прописи законодавецот мислел, што претставувало повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, според Судот, овие наводи не се основани. Согласно погоре цитираните одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа, уреден е видот и содржината на прописите кои може да бидат донесени од страна на законски овластените субјекти. Оттука, според Судот, прашањето кои прописи и со каква содржина може да бидат донесени во функција на извршување на законите, не е оставено на арбитрерно постапување од страна на законски овластените субјекти. Во случај на евентуално излегување надвор од уставните и законски рамки на овластениот субјект при пропишувањето на прописот, може да се активира уставниот механизам за оценување на нивната согласност со Уставот и законите.

Од изнесеното, според Судот, оспорените делови од законските одредби не имплицираат повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Што се однесува до упатувањето со иницијативата на предметите У.бр.173/2000 и У.бр.83/2010, по кои овој суд постапувал и донел интервентни одлуки, истото е несоодветно и не може да биде од влијание при одлучувањето во овој предмет, со оглед на тоа што не се работи за иста правна состојба.

Имено, Судот ја донел Одлуката У.бр.173/2000 од 04.04.2001 година со која го укинал членот 2 став 2 во делот: “и прописите донесени врз основа на овој закон” и на член 27 став 1 во делот: “и прописите донесени врз основа на него”, од Законот за здравственото осигурување, бидејќи од целината на одредбите во кои тие биле содржани произлегувало дека со нив се оставала можност видот на правата, нивната содржина, траење, услови за остварување и слично, да бидат предмет на подзаконски прописи, со кои може само да се уреди начинот на остварување на тие права и други прашања што се однесуваат на извршување на законот односно колективниот договор, но не и да се утврдуваат права и обврски.

Исто така повикувањето на Одлуката У.бр.83/2010 од 08.06.2011 година, со која е укинат член 23 во делот: “и општ акт на органот на управување” од Законот за јавните службеници, не е соодветно со конкретното уредување во оспорените делови од законските одредби, бидејќи и во овој случај, Судот оценил дека оспорениот дел од одредбата упатувал на можност условите и критериумите за правото на плата и надоместоци на плата на јавниот службеник да можело да се утврдуваат и со општ акт на органот на управување.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 3 став 1 во делот: “прописите донесени врз основа на овој закон”, член 4 во делот: “други прописи донесени врз основа на закон” и член 35 став 1 во делот: “или друг пропис” и став 2 во делот: “и со друг пропис” од Законот за вработените во јавниот сектор со одредбите од Уставот наведени со иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.37/2014
25 февруари 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева