167/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 63 став 3, член 92 и член 97 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 и 160/2014).

2. Здружение на лиценцирани шумарски инжењери „ЛИПРИФОР“ – Берово и Бранко Скендерски од Берово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите изнесени во двете иницијативи со оспорениот член 63 став 3 од Законот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ на сопствениците на шуми им била дадена монополска положба за услуги со вршењето на дејноста ознаки на сеча. Ознаката на сеча на приватна сопственост на сопствениците на шуми не можела да постои во нашиот уставно-правен поредок од причина што јавното претпријатие вршело ознака истовремено и на државните шуми.Јавното претпријатие со добивањето на услугата: „ознака на сеча“ како ознака на ретки видови на дрва на површини надвор од шуми во приватна сопственост, се доведувало во монополска положба во споредба со лиценцираните шумарски инжењери, кои досега ја вршеле оваа ознака, бидејќи приватните шуми со своите сопственици претставувале конкуренција на пазарот за дрво во Република Македонија. Имено, оспорениот член 63 став 3 од Законот, кој во суштина бил услуга на сопствениците на приватни шуми, не може да егзистира како монопол на еден субјект. Со одземањето на дејноста: „ознака за сеча, како и ознака на ретки видови на дрва, на површина надвор од шуми во приватна сопственост…..“, на лиценцираните шумарски инжењери (кои досега ја вршеле оваа дејност) и истата сега ја вршела исклучиво Јавното претпријатие „Македонски шуми“ добива монополска положба и било единствен субјект за вршење на ознака.

Поради наведените причини подносителите на иницијативите сметаат дека оспорениот член 63 став 3 од Законот, бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и со член 13 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

Иницијативата поднесена од здружение на лиценцирани шумарски инжењери, содржи и наводи по однос на членовите 92 и 97 од Законот според кои со нив им се давала монополска положба во услугите за извршување на стручните работи од областа на шумарството, конкретно монополската положба се однесувала на услугите што ги вршело јавното претпријатие во областа на шумарството во приватните шуми.

Со наведените членови на сопствениците на приватни шуми им се вршело повреда на правото на сопственост, бидејќи истите не можеле да располагаат со нив без да добијат одобрение од јавното претпријатие, со што се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 30, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 63 став 3 од Законот за шумите, ознака за сеча (стеблимична, групимично, пребирана и површинска – чиста сеча), како и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечна или група на шумски дрвја на површини надвор од шуми во приватна сопственост, вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Во член 92 став 1 од Законот се предвидува дека стопанисувањето со приватните шуми го вршат сопствениците, а услуги за извршување на стручни работи од областа на шумарството им даваат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми ”Македонски шуми” и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. Работите кои се однесуваат на заштита и користење на шумите го вршат сопствениците. (став 2) Стручни и советодавни работи во приватните шуми можат да ги вршат регистрирани правни и физички лица согласно со овој закон. (став 3) Стопанисувањето со приватните шуми се врши врз основа на донесени посебни планови за стопанисување, програми или критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост. (став 4) Посебните планови и програми за стопанисување со шумите во приватна сопственост ги донесуваат сопствениците на шумите, а ги одобрува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. (став 5) Спроведувањето на донесените плански документи за стопанисување со приватните шуми го вршат сопствениците преку ангажирање на стручно лице од областа на шумарството дипломиран шумарски инжењер- насока шумарство, со или без работно искуство или лице со завршена средна стручна спрема од шумарска структура- шумарски техничар со минимум две години работно искуство или Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми” и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. (став 6) Начинот и условите за извршување на стручно техничките и советодавните работи во шумите ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. (став 7)

Согласно член 97 од Законот за шумите, стручните работи на шуми во приватна сопственост ги вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Согласно став 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во став 2 на овој член меѓу другото е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 1 од Законот за шумите,(“Службен весник на Република Македонија” бр 64/2009 , 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 и 160/2014), со овој закон се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето, одгледувањето, заштитата и користењето (во натамошниот текст: стопанисување со шумите), чувањето на шумите како природно богатство и шумското земјиште, остварувањето на општокорисните функции на шумите, правото и обврските на користење на шумите, финансирањето, како и други прашања од значење за шумите и шумското земјиште по принципот на биолошка, економска, социјална и еколошка прифатливост. Одредбите на овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште без оглед на сопственоста и намената.

Согласно член 2 на истиот закон, шумите се во државна и во приватна сопственост.

Според член 3 на овој закон, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Република Македонија и уживаат посебна заштита. Планирањето, управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште се дејности од јавен интерес.

Според член 4 од Законот, цели на овој закон се: трајно да се сочува површината под шума, да се зголеми нивната вредност и да се обезбеди најголем прираст според природните улови на месторастењето и да се обезбеди одржливо управување, планирање, стопанисување со шумите и чување на шумите и шумското земјиште на начин и во обем со кој трајно се одржува и унапредува нивната производна способност, биолошка разновидност, способност за обнова и виталност во интерес на сегашниот и идниот развој на економските, еколошките и социјалните функции на шумата, притоа да не се наруши еко системот.

Во членот 11 став 2 од Законот е предвидено дека шумите во заштитените подрачја се прогласуваат со Законот за заштита на природата.

Според член 12 точка 14 од Законот во кој е определено значењето на одделни поими е предвидено дека заштита на шумите е систем на мерки и активности кои се спроведуваат со цел да се обезбеди опстанок на шумата, зачувување на здравствената состојба и виталност на шумите од противправно присвојување и користење, бесправни сечи, пожари, растителни болести и штетници, напасување на добиток, желадење, противправно собирање на други шумски производи и други оштетувања.

Во точката 31 од член 12 е определено дека стручни работи во областа на шумарството се работи поврзани со извршување на ознаката за сеча и планирање на шумите, заштитата и одржување на шумите биодиверзитетот во шумите, одгледување на шумите, користење на шумите, изградба на шумски комуникации и советувања на сопствениците на шумите.

Согласно член 23 од Законот, националната шумарска политика во Република Македонија се остварува преку Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, која ја донесува Владата за период од 20 години. Според член 28 од истиот закон, планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште се остварува преку: посебни планови за стопанисување со шумите; програма за стопанисување со шумите и годишни планови за стопанисување со шумите.

Во Главата IV oд Законот, насловена како:” Стопанисување со шумите”, законодавецот го уредил одгледувањето на шумите (членови 41-46), заштитата на шумите (членови 47 – 60) и користењето на шумите (членови 61-76).

Од анализата на наведените одредби и на Законот во целина произлегува дека законодавецот ја операционализирал уставната определба за воспоставување посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес, кој режим важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз..

Според член 61 од Законот, користењето на шумите се врши според намената на начин кој обезбедува: трајно зачувување и зголемување на нивниот прираст и принос и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции (став 1). Користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план или програма (став 2).

Членот 62 од Законот, кој е поместен во потточката со наслов: „Ознака за сеча и евиденција“ предвидува:

(1) Сеча во шума се врши само по претходно извршена ознака за сеча со втиснување на јасно видлив шумски жиг – означувач (во натамошниот текст: шумски жиг).
(2) Под ознака за сеча во смисла на ставот (1) на овој член се подразбира:
1) одбирање и означување на стебла за сеча и евидентирање на дрвната маса при стеблимична и групимично пребирна сеча и
2) обележување на површината и евидентирање на дрвната маса при површинска – чиста сеча.
(3) Стеблимична сеча е сеча на одбрани поединечни стебла.
(4) Групимично пребирна сеча е сеча на одбрани групи стебла.
(5) Површинска – чиста сеча е сеча на сите стебла на површината од одделот/пододделот, односно катастарската парцела.
(6) Ознаката за сеча се врши согласно со предвидената сеча утврдена во посебните планови и програми.
(7) Ознаката за сеча во шуми за кои нема изработено посебен план или програма за стопанисување со шумите се врши според критериумите од членот 29 став (9) од овој закон.
(8) Ознака при стеблимична и групимично пребирна сеча се врши до 30 септември во тековната за наредната година и тоа во обем од најмногу 80% од предвидената дрвна маса за сеча. Остатокот од дрвната маса дополнително се означува по извршената сеча според претходната ознака. При дополнителната ознака се означуваат и се евидентираат првично сите неозначени стебла кои се оштетени при сечата.
(9) Извршената ознака за сеча и направената шумска штета се евидентираат во книги, и тоа: Книга за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книга за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и Книга за евиденција на направена шумска штета во шума во државна сопственост.
(10) Видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, начинот на вршење на ознаката за сеча, формата и содржината на Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча, формата и содржината на Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и Книгата за евиденција на направена шумска штета во шума во државна сопственост ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Според член 63 став 1 од Законот, ознака за сеча (стеблимична и групимично пребирана) во државна шума ја извршува стручно лице, со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, вработени во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја, кое има работно искуство од најмалку две години од областа на стопанисување со шумите. Ознака за површинска – чиста сеча и ознака на ретки видови на дрвја и на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума во државна сопственост извршува стручно лице со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, со или без работно искуство во областа на стопанисување со шумите, или стручно лице со средна стручна подготовка шумарски техничар – насока шумарство, со најмалку една година работно искуство од областа на стопанисување со шумите, вработени во јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. (став 2)

Оспорениот став 3 на членот 63 од Законот за измените предвидува дека ознака за сеча (стеблимична, групимично пребирна и површинска – чиста сеча), како и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума во приватна сопственост, вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Според став 4 на член 63 од Законот, Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ за шумите со стопанска намена и приватните шуми, другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја и приватните шуми и наставно-научните установи од шумарска струка изработуваат шумски жиг за ознака за сеча и шумски жиг за жигосување на дрво и дрвни сортименти, како и правните лица кои вршат увоз и продажба на дрво и дрвни сортименти изработуваат шумски жиг за жигосување на увезеното дрво и истите ги доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ за шумите со стопанска намена и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја за обележување на дрвната маса од настаната шумска штета изработуваат шумски жиг и истото го доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Во ставовите 6 и 7 на член 63 од Законот се предвидува дека за заверените шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти и шумски жигови за жигосување на увезено дрво од ставот 4 на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството води евиденција во Регистар на заверени шумски жигови за ознака за сеча и шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти. Формата и содржината на регистарот на заверени шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти, шумски жигови за жигосување на увезено дрво и шумски жигови за обележување на дрвна маса од настаната шумска штета како и начинот на неговото водење го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека вршењето на ознака за сеча на шуми во приватна сопственост, согласно член 63 став 3 ознака за сеча (стеблимична, групимично пребирна и површинска – чиста сеча), како и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума во приватна сопственост, е во надлежност на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја. Оттука јасно произлегува дека услуги на сопствениците на приватни шуми ќе им даваат стручни лица, шумарски инженери и шумарски техничари, вработени во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“, како и други субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја бидејќи приватните шуми зафаќаат околу 10% од вкупната површина под шуми и шумско земјиште во Република Македонија и истите се дисперзирани, поединечно или во групи, во рамки на државните шуми и стопанисувачите со шумите во државна сопственост се специјализирани за извршување на шумско- културни работи и кадровски се екипирани со стручни лица на целата територија на Република Македонија.

Имено, оспорената законска формулација на член 63 став 3 од Законот за шумите, според Судот има за цел воспоставување на посебен режим на заштита на шумите како добро од општ интерес,кој важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички статус, имајќи предвид дека сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски, служи за доброто на поединецот и истовремено на заедницата бидејќи шумите се природно богатство.

Јавното претпријатие „Македонски шуми“ има јавни овластувања во врска со стопанисување на шумите во државна сопственост како дејност од посебен интерес и вработените во ова претпријатие можат да вршат стручни работи дефинирани во законот меѓу кои и ознака за сеча и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површина надвор од шуми во приватна сопственост. Меѓутоа, таква функција законот дозволува да вршат и други субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Оттука, јасно произлегува дека основен елемент за одредување на субјектите кои ќе вршат ознака за сеча во оспорената законска одредба е „заштитено подрачје“.

Притоа, согласно член 88 од Законот за шуми, покрај јавното претпријатие со шумите може да стопанисуваат и други субјекти кои мора да исполнуваат точно определени услови и да поседуваат лиценца, што значи дека Јавното претпријатие нема монополска положба во вршење на овие дејности, туку истата може да ја вршат и други субјекти кои се задолжени да управуваат со заштитените подрачја, а ги исполнуваат предвидените законски услови и критериуми.

Со Законот за заштита на природата во делот „заштитени подрачја“ се уредени прашањата кои се однесуваат на системот на заштитените подрачја, категории на заштитени подрачја, обврските на субјектите надлежни за вршење на активности со управување и заштита и донесување на планови за управување (член 98).

Согласно член 135, пак, од наведениот закон управувањето и заштитата на заштитените подрачја го вршат субјекти задолжени за управување под услови и начин утврден со актот за прогласување, при што надзор врши органот на државната управа надлежна за вршење на работите од областа на заштитата на природата.

Субјектот кој управува со заштитени подрачја, согласно член 135-а од Законот треба да располага со човечки, административни, просторни, технички и финансиски ресурси. Критериумите односно минималните услови што треба да ги исполнува субјектот за управување со заштитено подрачје во однос на потребните услови ги утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работи од областа на заштита на природата за секоја категорија на заштитени подрачја утврдени во член 66 од Законот.

Од наведеното произлегува дека субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, управуваат со нив доколку ги исполнуваат пропишаните услови.

Тргнувајќи од наведеното произлегува дека со даденото законско овластување на ЈП „Македонски шуми“ основано од Владата на Република Македонија и на субјектите кои управуваат со шумите и шумското земјиште во заштитените подрачја да вршат стручни работи без лиценца не се доведуваат во нееднаква положба субјектите кои управуваат со шумите во државна и приватна сопственост.

Покрај тоа, уочлив е фактот дека законодавецот точно со Законот за заштита на природата и Законот за шуми ги утврдил условите кои треба да ги исполнуваат субјектите кои управуваат со шумите во државна сопственост, односно јавното претпријатие основано од Владата и со шуми во заштитените подрачја во однос на стручната екипираност и тоа само доколку ги исполнуваат предвидените услови за да можат да управуваат и да вршат стручни работи во шумарството без лиценца.

Стопанисувањето со приватните шуми согласно член 92 став 1 го вршат сопствениците, а услуги за извршување на стручни работи од областа на шумарството им даваат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја, што значи дека не се задира во правото на сопственост, ниту во дрвната маса, меѓутоа заради природата на работата услугата мора да ја дадат само стручни лица од Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Извршувањето на стручните работи на шуми во приватна сопственост е утврдено во член 97 од овој закон според кој Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја, односно стопанисувачите со државните шуми, покрај редовните активности во државните шуми предвидени во посебните планови за стопанисување со шумите, кои се изработени и донесени за сите државни шуми на целата територија на Република Македонија, вршат и стручни работи во шуми во приватна сопственост.

Од направената уставно-судска анализа Судот оцени дека оспорениот член 63 став 3, член 92 и член 97 од Законот за шумите, не може да се доведат под сомнение со одредбата на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9, член 30, член 51 и член 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.167/2014
25 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија

Елена Гошева