Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободи и права поднесено од “ТЕХНО-ИНТЕРЕКСПОРТ” Душко ДООЕЛ – Скопје.
2. “ТЕХНО-ИНТЕРЕКСПОРТ” Душко ДООЕЛ-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација на правно лице во однос на физичко лице при користење на правото за пристап кон судот во судскиот предмет ТС-605/14.
Во барањето се наведува дека подносителот, како тужител, на ден 28.10.2014 година поднел тужба за надомест на штета во износ од 7.291.650,00 денари, но не можел да ја плати судската такса по тужбата во рок од 15 дена, од причина што жиро сметката била привремено блокирана, а дополнително и сеуште не биле исполнети условите жиро сметката да биде мигрирана во некоја од банките во Република Македонија во кој случај имателите на жиро сметките не располагаат со средствата на жиро сметката а сите пристигнати обврски се наплатуваат преку УЈП врз основа на утврден редослед. Поради тоа, тужителот врз основа на член 13 став 2 од Законот за судски такси, во прилог на самата тужба поднел предлог да се дозволи одлагање на плаќањето на судската такса или налогот за плаќање на судската такса да се достави до УЈП за да ја евидентираат во редоследот за наплата. Во прилог на предлогот бил доставен и доказ обезбеден од УЈП со кој се докажувало дека тужителот оправдано бил спречен да ја плати судската такса во пропишаниот рок од 15 дена.
За изненадување на тужителот, Судот донел Решение 15ТС-605/14 од 28.11.2014 година со кое било одлучено тужбата да се смета за повлечена поради неплатена судска такса во рок од 15 дена.
Подносителот на барањето смета дека како правно лице кога бара пристап до судот, со вака донесеното решение од судот, бил дискриминиран во однос на физички лица на кои им се дозволувало пристап кон судот кога ќе докажат дека од оправдани причини не можат да ја платат судската такса во рок од 15 дена.
Дека подносителот на барањето во конкретниот случај како правно лице бил дискриминиран, се утврдувало од следните факти:
– Европскиот суд за човекови права и слободи постапувал подеднакво по апликациите на правните лица и на физичките лица кога бараат заштита од дискриминација по било кој основ, што значело во фразата „граѓански права и слободи“ зборот „граѓански“ ја инкорпорирал разликата меѓу приватното и јавното право односно еднаквоста меѓу физичкото и правното лице како субјекти на приватното право. Се претпоставувало дека Уставот на Република Македонија, а со тоа и ЗПП (Законот за парничната постапка) кој е во сила во Република Македонија, кореспондирале односно биле усогласени со одредбите на Европската конвенција за човековите права и слободи.
– И второ, судот кога постапувал по тужбата и одлучил да не му дозволи на тужителот пристап кон судот поради неплатена судска такса во рок од 15 дена, не го разликувал правото на правна заштита кое било посебно јавно правно овластување кое правните субјекти независно дали се во својство на физичко или правно лице, го имале према државата (а не према судот), кое право државата со Уставот безусловно го гарантирала, од граѓанското субјективно право како материјално правно овластување кое го имаат овие правни субјекти еден спрема друг, кое пак користење судот согласно законот можел да го условува и со плаќање на судски такси во пропишаниот рок.
Од наведените причини, подносителот на барањето смета дека во конкретниот случај судот само требало да го одложи течењето на парницата односно доставувањето на тужбата до тужениот додека не биде платена судската такса, а не да ја смета тужбата за повлечена и со тоа да го повреди правото на пристап кон судот кое право било едно од основните права на човекот, а истовремено со таквата одлука да го спречи тужителот да го заштити своето право од застареност, со што се повредувало начелото на диспозиција односно право на тужителот со тужбеното барање да бара не само заштита на субјективното право, туку и да го спречи застарувањето на правото на заштита.
3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.
Судот утврди дека барањето за заштита на слободи и права во конкретниов случај е поднесено од правно лице “ТЕХНО-ИНТЕРЕКСПОРТ” Душко ДООЕЛ – Скопје, што е во спротивност со член 51 од Деловникот, според кој само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот.
Тргнувајќи од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд во делот на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а имајќи го предвид наведеното барање, неспорно произлегува дека правното лице “ТЕХНО-ИНТЕРЕКСПОРТ” Душко ДООЕЛ Скопје не може да се јави како подносител на барање за заштита на слободи и права, поради што Судот оцени дека барањето е недопуштено и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.2/2015
18 февруари 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева