У.бр.108/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Џенифер Џеладин од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.

2. Џенифер Џеладин од Скопје застапувана од Жарко Хаџи Зафиров, адвокат од Адвокатското друштво Бона Фиде од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на расна и национална припадност.

Во барањето се наведува дека на ден 12.06.2013 година, барателката Џенифер Џеладин од Скопје, се упатила со своето семејство, татко, мајка и дедо во Република Италија преку граничниот премин Табановце, со цел да присуствуваат на свадба на близок роднина.

На граничниот премин таа била вратена од страна на службено лице на гранична полиција согласно Законот за гранична контрола, со образложение дека барателката не може да ја премине границата од причини што претходно и бил забранет премин преку границата и поради тоа не може повторно да патува.

Според наводите во барањето, во конкретниот случај не било постапено согласно овластувањата на службеното лице при вршење на гранична контрола, при што барателката била издвоена од лицата кои ја преминувале границата и имала поинаков третман, односно била дискриминирана, поради бојата на нејзината кожа и припадноста на ромската националност, како и дека според образложението на службеното лице не можело да ја напуштат Република Македонија се додека не прикажат гарантно писмо за својот престој во Република Италија, поради што не можела да го оствари своето право од член 27 став 2 од Уставот според кој секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Република Македонија и да се врати во Републиката.

Оттука, барателката смета дека службеното лице на граничната полиција при Министерството за внатрешни работи со поединечно дејствие го повредил нејзиното право и на членовите на нејзиното семејство слободно да ја напуштат територијата на Република Македонија и извршил дискриминација само поради тоа што се припадници на ромската националност и имаат потемна кожа.

3. Судот на седница утврди дека од наводите во барањето произлегува дека лицето Џенифер Џеладин од Скопје на 12.06.2013 година, со своето семејство, татко, мајка и дедо се упатила на граничниот премин Табановце со цел да присуствуваат на свадба на близок роднина во Република Италија.

При вршењето на граничната контрола на ден 12.06.2013 година на граничниот премин Табановце, од страна на службено лице, припадник на полицијата на Министерството за внатрешни работи, (гранична полиција) на подносителката на барањето Џенифер Џеладин од Скопје и на членовите на нејзиното семејство не им бил дозволен излез од територијата на Република Македонија.

Од добиениoт одговор од Министерството за внатрешни работи, број 21.3-75 353/1 од 25.11.2013 година, а по однос на наводите во барањето дека дејствието на спречување за премин на границата се должело исклучиво заради нивната припадност на ромската националност, произлегува дека Министерството за внатрешни работи презело мерки за расчистување на предметниот случај и биле извршени потребните проверки во однос на наводното дискриминаторно однесување на полициските службеници на граничниот премин Табановце.

Имено, Секторот за гранични работи и миграции во врска со наводите од барателката за дискриминаторно однесување на полициските службеници на граничниот премин Табановце, извршил увид во предметот за недозволен излез од Република Македонија на ден 12.06.2013 година за лицето Џенифер Џеладин, при што од страна на Секторот за гранични работи и миграции било констатирано дека во односниот случај било постапено согласно членот 15 став 4 од Законот за гранична контрола (“Службен весник на Република Македонија” број 171/2010), кој помеѓу другото уредувал дека при спроведувањето на минималните гранични проверки на лицата државјани на Република Македонија, како и над лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење, полицискиот службеник може да провери во соодветните евиденции и електронски бази на податоци дали тие лица претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје.

Во одговорот, на Секторот за гранични работи и миграции се цитира членот 8 став 3 од Законот за гранична контрола според кој во текот на вршењето на граничната контрола полициските службеници не смеат да прават дискриминација по однос на полот, расната или етничката припадност, бојата на кожата, возраста, националната припадност, социјалното потекло, верското уверување, неспособноста или сексуалната определба, имотната и општествената положба,

Исто така во одговорот се нагласува дека Законот за гранична контрола согласно членот 4 од овој закон, се применувал над сите лица кои ја преминуваат државната граница на Република Македонија, а согласно членот 2 алинеите 2 и 4 од Законот, оваа контрола покрај другото се вршела и со цел спречување и откривање на илегалната миграција и спречување и откривање на други опасности по јавниот ред, правниот поредок, националната безбедност како и меѓународните односи.

Во време на глобални легални и не легални миграциони движења за непречен излез од територијата на Република Македонија и влез во друга држава, во одговорот е наведено дека не било доволно да се поседува само биометриска патна исправа, туку и поседување на други дополнителни документи со кои се оправдувале или докажувале мотивите и целите на патувањето и престојот во странство. Во врска со таквата состојба, во одговорот е напоменето дека сите лица им била дадена поука за нивните права, но и за своите обврски при што им се давале и совети како да ја набават потребната документација за непречен излез од Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, а по остварениот увид во предметот за недозволен излез од територијата на Република Македонија на лицето Џенифер Џеладин од Скопје, од страна на Секторот за гранични работи и миграции било констатирано дека причина за тоа дека не им бил дозволен излез во конкретниот случај не била “бојата на кожата на лицето и нејзината припадност на ромската националност”, како што се наведувало во барањето, туку фактот што при вршењето на подетални гранични проверки кои се темелеле на направени анализи на ризик и профилирање на патници, констатирано било дека истата не можела да ги образложи причините и условите за планираниот престој во странство.

Воедно, од страна на Секторот за гранични работи и миграции констатирано било и дека барателката Џенифер Џеладин од Скопје не поседувала доволно парични средства за планираната должина на престој и за враќање во Република Македонија и не поседувала ниту писмена гаранција од домаќин кај кого би престојувала со своето семејство, ниту пак адреса на живеење или контакт телефон од лице за престој во Република Италија, поради што постоеле основи за сомнение дека истата би ја злоупотребила визната либерализација што претставувало закана за меѓународните односи на Република Македонија со земјите членки на Европската Унија.

4.Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 27 став 2 од Уставот секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Според ставот 3 од овој член, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права согласно членот 52 од Деловникот на Судот, во конкретниот случај Уставниот суд оцени дека наводите во барањето за сторена дискриминација, не ги исполнува критериумите на факти и докази врз чија основа Судот може да се впушти во анализа по барањето за заштита на слободи и права, односно мериторно одлучување по истото, поради следното:

Барателката укажува дека причини за поднесување на барањето за заштита на слободи и права е незадоволството од неможноста да го оствари своето право да ја премине границата на граничниот премин Табановце на ден 12.06.2013 година, повикувајќи се на членот 27 од Уставот став 2 според кој секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.

Поради тоа, барателката поднесува барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, со наводи дека кон неа и нејзиното семејство не било постапено согласно овластувањата при вршењето на граничната контрола при што биле издвоени од лицата кои ја преминувале границата.

Барателката смета дека не ја преминале границата поради нивната боја на кожа и на околноста што биле припадници на ромската националност, односно дека поради поинаквиот третман кој службеното лице го имал во однос на оваа припадност, била спречена со своето семејство во остварувањето на своите слободи и права наспрема останатите лица кои ја преминувале границата, па оттука барателката извлекува заклучок за нејзино дискриминирање по основ на расна и национална припадност.

Меѓутоа, националниот статус на кој припаѓала барателката, сам по себе не имплицира дискриминација. Посочената припадност со барањето, може да биде предмет на анализа за евентуално сторена дискриминација, само во услови на постоење на релевантни факти и докази дека мотивите од кои се раководело службеното лице при делувањето во врска со конкретниот настан, биле резултат исклучиво поради неговата нетрпеливост кон ромската националност на која припаѓала барателката, а не како резултат на делување во службата согласно надлежностите и овластувањата на граничната полиција определени со закон.

Во оваа смисла исто така, со барањето не се презентирани факти и докази дека барателката токму поради нејзината национална припадност била различно третирана во однос на останатите граѓани на граничниот премин Табановце, односно нема факти и докази за евентуално фаворизирање на некој граѓанин во остварувањето на слободите и правата во однос на барателката, односно факти и докази дека на барателката и се намалени или воопшто исклучени можностите во остварувањето на истите слободи и права, токму поради нејзината расна или национална припадност.

Наводите во барањето дека во конкретниот случај не било постапено согласно овластувањата при вршењето на граничната контрола, со нејзиното издвојување од лицата кои ја преминувале границата, не се докази за дискриминаторски дејствија, имајќи во вид дека граничните премини се места определени од надлежен орган на државната власт за преминување на државната граница, што претпоставува претходно исполнување на одредени услови за премин на границата, уредени со закон, а во конкретниот случај, од приложените одговори по наводите од барањето, доставени од Министерството за внатрешни работи, под број 21.3-75 353/1 од 25.11.2013 година, не произлегува дека условите за премин на границата биле исполнети од страна на барателката, односно не произлегува дека барателката ги оправдала и поткрепила причините за целното патување со дополнителни документи.

Со членот 2 од Законот за гранична контрола (“Службен весник на Република Македонија” број 171/2010), е определено дека граничната контрола која ги опфаќа работите што се однесуваат на гранични проверки и на граничен надзор, како и анализа на опасностите по националната безбедност и анализа на заканите кои можат да влијаат на безбедноста на границата, се врши со цел за: спречување и откривање на кривични дела и прекршоци и откривање и фаќање на нивните сторители, спречување и откривање на илегалната миграција и трговија со луѓе, заштита на животот, здравјето на луѓето, личната сигурност, имотот, животната средина и природата и спречување и откривање на други опасности по јавниот ред, правниот поредок, националната безбедност и меѓународните односи.

Согласно членот 4 од Законот за гранична контрола, овој закон се применува на сите лица кои ја преминуваат државната граница на Република Македонија, без притоа да ги загрозат правата на бегалците и лицата кои бараат меѓународна заштита, особено во однос на невраќањето.

Според членот 7 од наведениот закон, при вршењето на граничната контрола полициските службеници работат согласно со овластувањата утврдени со овој и друг закон. Овластувањата од ставот 1 на овој член полициските службеници можат да ги применат на целата територија на Република Македонија.

Согласно со членот 8 од Законот за гранична контрола, при извршувањето на граничната контрола полициските службеници се должни целосно да го почитуваат човековото достоинство. Сите овластувања што ги преземаат полициските службеници во текот на извршувањето на граничната контрола треба да бидат сразмерни со целта заради која се преземаат. Во текот на вршењето на граничната контрола полициските службеници не смеат да прават дискриминација по однос на полот, расната или етничката припадност, бојата на кожата, возраста, националната припадност, социјалното потекло, верското уверување, неспособноста или сексуалната определба, имотната и општествената положба.

Според членот 15 од Законот гранична контрола, минимални гранични проверки се спроведуваат над сите лица кои ја преминуваат државната граница со цел да се провери и утврди нивниот идентитет врз основа на дадениот патен документ или друг документ пропишан за преминување на државната граница (став 1). Минималните гранични проверки од ставот 1 на овој член се состојат од брза и едноставна проверка со помош на соодветни технички уреди и со проверка во соодветните евиденции и електронски бази на податоци исклучиво за да се провери дали патниот документ, односно другиот документ пропишан за преминување на државната граница е украден, злоупотребен, изгубен или е неважечки, да се провери неговата валидност, како и да се провери присуството на знаци кои укажуваат на злоупотреба, фалсификување или преправање на документот (став 2).

Минималните гранични проверки од ставот 2 на овој член се применуваат за државјаните на Република Македонија, како и за лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење (став 3). При спроведување на минималните гранични проверки на лицата државјани на Република Македонија, како и над лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење, полицискиот службеник може врз не систематска основа да провери во соодветните евиденции и електронски бази на податоци дали тие лица претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје (став 4).

Во оваа насока Министерството за внатрешни работи, даде одговор по однос наводите во барањето, во кој се наведени причините поради кои подносителката не можела со нејзиното семејство да ја напушти територијата на Република Македонија, а тоа бил фактот што при вршењето на подетални гранични проверки кои се темелеле на направени анализи на ризик и профилирање на патници, констатирано било дека таа не можела да ги образложи причините и условите за планираниот престој во странство. Воедно, од страна на Секторот за гранични работи и миграции констатирано било и дека барателката Џенифер Џеладин и нејзиното семејство не поседувале доволно парични средства за издржување за време на планираната должина на престој и за враќање во Република Македонија.

Исто така лицето не поседувало ниту писмена гаранција од домаќин кај кого би престојувале во странство, ниту пак адреса на живеење или контакт телефон од лице за престој во Италија, поради што постоеле основи за сомнение дека истите би ја злоупотребиле визната либерализација што претставувало закана за меѓународните односи на Република Македонија со земјите членки на Европската Унија.

Согласно со член 5 став 1 од Шенгенскиот граничен кодекс Регулатива (ЕС)бр.562/2006, усвоена од Европскиот парламент и Советот на Европа на 15.03.2006 година, влезена во сила на 15.10.2006 година), покрај останатите услови за влез кои треба да ги исполнуваат лицата, утврден е и условот истите да ги образложат причините и условите за планираниот престој, да имаат доволно средства за издржување и тоа како за планираниот престој така и за враќање во државата од каде доаѓа или за патување во трета држава во која сигурно ќе биде прифатено или каде што ќе може законски да се стекне со тие средства, а во оваа насока основна заложба на Република Македонија е изградба на систем на гранична контрола кој ќе биде компатибилен на стандардите на Шенгенскиот правен поредок во кој се вградени највисоките демократски придобивки на европските земји.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека овие податоци доволно говорат за тоа дека не може да се прифати тврдењето во барањето дека националната припадност на подносителката на барањето била критериум за најзино издвојување од останатите лица кои патувале преку граничниот премин Табановце, односно не може да се прифати тврдењето дека полицискиот службеник во вршењето на службените задачи и овластувања, при преземањето на дејствието се раководел исклучиво од националната припадност и бојата на кожата на која припаѓала подносителката на барањето.

Тргнувајќи од погоре наведеното, според Судот, може да се констатира, дека овластувањата на граничната полиција согласно Законот за гранична полиција, изразени преку дејствија на полициските службеници надлежни за вршење на гранична контрола, кои барателката со иницијативата ги посочува како дејствие на службеник на Министерството за внатрешни работи со кое и била извршена дискриминација по основите наведени во барањето, всушност се дејствија на постапување на надлежно службено лице согласно со закон, од чиј исход таа не е задоволна.

Со оглед на тоа дека пред Судот не се презентираа докази дека токму дејствијата кои ги презел службеното лице на граничната полиција на ден 12.06.2013 година, кои резултирале со неможност подносителката заедно со своето семејство да ја преминат границата и да ја напуштат територијата на Република Македонија на граничниот премин Табановце, Судот утврди дека во конкретниов случај, забраната за премин на државната граница на подносителите на барањето, не може да се смета за случај на дискриминација по основ на расна и национална припадност.

Имајќи во вид дека посоченото дејствие на овластеното службено лице кој бил припадник на надлежната служба на граничната полиција при Министерството за внатрешни работи, во конкретниот случај претставува дејствие на постапување уредено со закон. Исто така, отсуствуваат релевантни факти и докази за постоење на дејствија со предзнак на елементи на дискриминација од кои би можело да се тргне во анализата, а потоа и во одлучување по барањето за заштита од дискриминација, односно докази дека и при состојба на исполнетост на сите законски претпоставки за премин на границата, односно и во отсуство на сите можни законски пречки, подносителката и нејзиното семејство биле поинаку и понеповолно третирани во однос на останатите граѓани на граничниот премин. Воедно, Судот утврди дека отсуствуваат докази дека дејствието на овластеното службено лице било исклучиво токму поради наведените основи на припадност во барањето, а не како правна мерка согласно со закон, и поради тоа во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 52 од Деловникот на Уставниот суд, за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права по наведените основи.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.108/2013
18.02.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

 

Издвоено мислење по предметот У.бр.108/2013