Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 15 став 2 во делот
2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата со оспорениот дел од законската одредба на Регулаторната комисија за енергетика и била дадена некаква независност во одлучувањето. Според подносителот тоа значело дека таа можела да одлучува како сака дури и независно од интересите на граѓаните, а тоа било спротивно на уставните одредби според кои суверенитетот е неделив, неотуѓив и непренослив и дека суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Подносителот бара оспорениот дел од член 15 став 2 од Законот за енергетика да се оценува во однос на одредбите од член 1 став 2 и член 2 став 1 од Уставот и да биде укинат како спротивен на наведените уставни одредби, кои во продолжение на иницијативата подносителот ги цитира.
Со иницијативата се наведува кои одредби од Уставот се посветени на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и на Уставниот суд на Република Македонија, при што подносителот на иницијативата констатира дека ниту за Собранието, ниту за Претседателот, ниту за Владата, а ниту за Уставниот суд на Република Македонија, нема предвидување да бидат независни во одлучувањето, односно дека на сите нив им била доверена дел од власта од граѓаните на кои целосно им припаѓа суверенитетот и никој од нив не бил независен и сите тие се грижеле за интересите на граѓаните.
Наведувањето на зборот “независна”, во одредбата од Законот за енергетика, значело дека таа можела да се раководи според некоја своја објективност и можела да прави што сака во областа во кои има надлежност, воопшто не водејќи грижа за интересите на граѓаните на кои им припаѓа суверенитетот. Кога ќе се кажело независност, веднаш се поставувало прашањето од што независност, по што подносителот наведува дека во Република Македонија суверенитетот припаѓал на граѓаните и ниту еден дел од јавната власт не можел да биде независен од тие на кои суверенитетот им припаѓа, а тоа биле граѓаните.
Исто така кога ќе се кажело “независен” обично се мислело без надворешни влијанија, објективен и слично, при што подносителот се прашува “зошто граѓаните во Република Македонија некому би му довериле дел од власта ако тој не се грижи за интересите на граѓаните”, наведувајќи дека при вршењето на јавни овластувања требало постојано да се има во предвид дека суверенитетот, целосната власт, целосно припаѓа на граѓаните, како и дека ниту еден дел од власта во Република Македонија немал независност, освен редовното судство, но и редовното судство судело исклучиво според Уставот и законите и пресудите ги донесувало во име на граѓаните. Сите делови на власта морале да се грижат исклучиво за оние на кои им припаѓа суверенитетот, а тоа се граѓаните. И тука немало независност, од кои причини на крајот од иницијативата се заклучува дека од наведеното оспорениот дел од законската одредба “независна”, требало да се оцени и да се укине.
3. Судот, на седницата утврди дека со член 15 став 2 од Законот за енергетика е уредено дека Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.
Со иницијативата се оспорува ставот 2 од членот 15 од Законот во делот: “независна”.
4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со член 15 став 2 од Законот за енергетика е уредено дека Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон, од што произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика независноста во своето работење и одлучување може да ја остварува единствено во рамките на надлежностите утврдени во Законот за енергетика.
Оспорениот дел “независна” содржан во член 15 став 2 од Законот според наводите од иницијативата бил спротивен на член 1 став 2 од Уставот според кој суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, како и на член 2 став 1 од Уставот според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Тоа ќе значело дека таа можела да одлучува, како сака дури и независно од интересите на граѓаните, што било спротивно на одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.
Во содржината на иницијативата се изнесуваат сопствени констатации, заклучоци и прашања од страна на подносителот за значењето на зборот “независност” во однос на уставни одредби кои се однесуваат на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, како и Уставниот суд на Република Македонија, што вообичаено се мисли при спомнувањето на зборот “независност”, што требало да се има предвид при вршењето на јавни овластувања и други наводи од кои според Судот не произлегуваат јасни причини и аргументи за несогласноста на оспорениот дел од одредбата од Законот со одредбите од Уставот.
Од наводите во иницијативата произлегува дека со истата се оспорува дел од законска одредба која се согледува изолирано, без да се има во вид целината на Законот за енергетика, а пред се, со закон утврдените надлежности и делокругот на работа на Комисијата, вклучително и начинот на нејзиното работење и одлучување согласно со Законот за енергетика, донесен од Собранието на Република Македонија, како претставнички дом на граѓаните на Република Македонија, па оттука наводите изнесени во иницијативата за значењето кое се извлекува за оспорениот член 15 став 2 во делот: “независна” од Законот за енергетика, според Судот, тие наводи не се аргументи за впуштање во мериторно одлучување по иницијативата.
5. Со оглед дека во иницијативата отсуствуваат аргументи на чија основа Судот би се впуштил во уставносудска анализа и мериторно одлучување за уставноста на оспорениот дел од законската одредба, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, иницијативата треба да се отфрли.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.96/2014
18 февруари 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева