У.бр.101/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013 пречистен текст,170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014 и 188/2014).

2. Ибраим Ризмани од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 228 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот. Ова од причина што начинот на одредување на процентот за утврдување на пензиската основица врз основа на што се пресметува висината на старосната пензија е корегиран до таа мера што граѓаните ги доведува во нерамноправна положба во зависност од датумот на раѓање, датумот на вработување и датумот на престанок на работниот однос. Имено и покрај тоа што одредена група на граѓани се на иста возраст (64) и имаат идентичен стаж 40 години и 40 години без два дена (нивните коефицинети драстично се разликуваат (пр. и до 1,6) само заради тоа што се родени или вработени на различни датуми.

Со примената на овој закон, „законски“ законодавецот присвојува вишок капитал на парични средства што им припаѓаат на граѓаните пензионери. По негова слободна оценка за една година од претпоставени 400.000 пензионери се присвојува 96 милиони денари или 1,5 милиони евра годишно.

Понатаму, подносителот на иницијативата наводите ги поткрепува преку прикажување на табели во кои ја прикажува постапка за пресметување на процентот од пензиската основица во три различни случаи.

3. Судот на седницата утврди дека:

Старосната пензија за осигурениците од членот 11, со исклучок на точката 9, и членовите 12 и 13 од овој закон кои биле опфатени во задолжително пензиско и инвалидско осигурување до 1 септември 2001 година и кои не избрале да се вклучат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и имаат исполнет пензиски стаж најмалку 15 години се утврдува од пензиската основица зависно од должината на пензискиот стаж и изнесува:

Пензиски стаж Проценти
Маж – жена

15 години 35 40
15 години и 6 месеци 35,9 41,3
16 години 36,8 42,6
16 години и 6 месеци 37,7 43,9
17 години 38,6 45,2
17 години и 6 месеци 39,5 46,5
18 години 40,4 47,8
18 години и 6 месеци 41.3 49,1
19 години 42,2 50,4
19 години и 6 месеци 43,1 51,7
20 години 44,0 53,0
20 години и 6 месеци 44,9 53,9
21 години 45,8 54,8
21 години и 6 месеци 46,7 55,7
22 години 47,6 56,6
22 години и 6 месеци 48,5 57,5
23 години 49,4 58,4
23 години и 6 месеци 50,3 59,3
24 години 51,2 60,2
24 години и 6 месеци 52,1 61,1
25 години 53,0 62,0
25 години и 6 месеци 53,9 62,9
26 години 54,8 63,8
26 години и 6 месеци 55,7 64,7
27 години 56,6 65,6
27 години и 6 месеци 57.5 66,5
28 години 58,4 67,4
28 години и 6 месеци 59,3 68,3
29 години 60.2 69,2
29 години и 6 месеци 61,1 70,1
30 години 62,0 71,0
30 години и 6 месеци 62,9 71,9
31 години 63,8 72.8
31 години и 6 месеци 64,7 73.7
32 години 65,6 74.6
32 години и 6 месеци 66,5 75,5
33 години 67,4 76,4
33 години и 6 месеци 68,3 77,3
34 години 69,2 78,2
34 години и 6 месеци 70,1 79,1
35 години 71,0 80,0
35 години и 6 месеци 71,9
36 години 72,8
36 години и 6 месеци 73,7
37 години 74,6
37 години и 6 месеци 75,5
38 години 76,4
38 години и 6 месеци 77,3
39 години 78,2
39 години и 6 месеци 79,1-
40 години 80,0

За осигурениците од ставот (1) на овој член за секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 јануари 2013 година, пензијата се пресметува во висина од 1,61%, а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,81% од пензиската основица.

За осигурениците од ставот (1) на овој член кои биле опфатени во првиот пензиски столб до 1 септември 2001 година и кои не избрале да се вклучат во вториот пензиски столб и кои имаат исполнето пензиски стаж помалку од 15 години старосната пензија се утврдува од пензиската основица во проценти кои за секоја година исполент пензиски стаж до 1 септември 2001 година изнесуваат 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 1,165% (маж), односно 1,30% (жена) од пензиската основица. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001 година, а до 31 декември 2012 година, пензијата се пресметува во висина од 1,80% (маж), односно 2,05% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,90% (маж), односно 1,025% (жена) од пензиската основица.

За осигурениците од ставот (3) на овој член за секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 јанауари 2013 година, пензијата се пресметува во висина од 1,61% (маж), односно 1,84% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,81% (маж), односно 0,92% (жена) од пензиската основица.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013-пречистен текст, 170/2013 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014 и 188/2014).

Со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Во членот 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено дека со овој закон е определено дека:

(1) Системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:
– задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (во натамошниот текст: прв столб),
– задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (во натамошниот текст: втор столб) и
– доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (во натамошниот текст: трет столб).
(2) Задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредeни со посебни закони.

Според член 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Согласно член 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под услови утврдени со овој закон.

Имајќи ги во предвид наведените уставни одредби, целината на Законот за пензиското и инвалидското осигурување како и анализата на оспорениот член 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што во ставот 1 на членот 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се утврдени процентите за пресметување на висината на старосната пензија на осигурениците кои биле опфатени во задолжителното пензиско осигурување до 1 септември 2001 година, а кои не се вклучиле во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување или т.н. втор пензиски столб и имаат најмалку 15 години пензиски стаж.

Според ставот 2 на член 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигурениците од ставот 1 од оспорениот член, видно од прикажаната табела во ставот 1 на наведениот член, за секоја натамошна година по 1 јануари 2013 година, пензијата се пресметува во висина од 1,61%, а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,81 % од пензиската основица.

Од анализата на став 3 на член 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, произлегува дека осигурениците од став 1 на овој член кои биле опфатени во првиот столб до 1 септември 2001, а кои не избрале да се вклучат во вториот пензиски столб, а имаат помалку од 15 години пензиски стаж, старосната пензија се утврдува од пензиската основица во проценти и за исполнет пензиски стаж до 1 септември 2001 година изнесува 2,33% (маж) односно 2,60% (жена), за пензиски стаж пократок од 1 година, а најмалку 6 месеци изнесува 1,165% (маж),односно 1,30% (жена) од пензиската основица. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 септември 2001, а до 31 декември 2012 година, пензијата се пресметува во висина од 1,80% (маж) односно 2,05% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку 6 месеци изнесува 0,90% (маж) односно 1,025 % (жена) од пензиската основица.

Од анализата на ставот 4 од член 228 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, произлегува дека со него се уредува прашањето според кое осигурениците од ставот 3 од оспорениот член за секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по 1 јануари 2013 година, пензијата се пресметува во висина од 1,61% (маж), односно 1,84% (жена), а за пензиски стаж пократок од 1 година, а најмалку 6 месеци изнесува 0,81% (маж), односно 0,92% (жена) од пензиската основица.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба не создава правна несигурност од причини што со неа јасно се утврдени кои проценти ќе се применуваат за утврдување на пензискиот стаж до 31 декември 2012 година, а кои од 1 јануари 2013 година, во зависност од тоа дали осигуреникот има или нема најмалку 15 години стаж на осигурување и не бил опфатен во вториот столб на осигурување.

Од уставно правен аспект, од значење е дека извршената промена на режимот на утврдување на пензиската основа се однесува за сите идни корисници на правата од пензиското осигурување, кои наведеното право ќе го стекнат по влегувањето во сила на законската измена, односно дека корисниците на правото утврдено пред наведената законска измена, продолжуваат да го остваруваат истото под условите под кои го стекнале, со што е обезбедена еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот и правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.

Освен тоа, граѓаните кои ги остваруваат правата по Законот кој бил во сила пред оспорените законски измени и граѓаните кои ги остваруваат правата согласно наведената законска измена не се наоѓаат во иста фактичка положба и во ист правен режим, поради што не може да се постави прашањето за нивната нееднаквост пред Уставот во смисла на член 9 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.101/2014
18 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева