131/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 16 и член 20 став 2 од Кодексот на полициската етика (“Службен весник на Република Македонија” број 72/2007).

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Кодексот на полициската етика означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле спротивни на повеќе закони, што било спротивно на член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, што во конкретниот случај не било испочитувано.

Оспорениот член 16 од Кодексот на полициската етика кој предвидувал само лична одговорност на полициските службеници на сите нивоа за своите активности, превиди и пропусти, како и за наредбите добиени од претпоставените и оние дадени на подредените, бил спротивен на одредбата содржана во член 28-а ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик, со кои се пропишувала кривична одговорност на правното лице ако до извршување на делото дошло со дејствие или со пропуштање на должниот надзор од страна на органот на управување или одговорното лице во правното лице или на друго лице кое било овластено да постапува од името на правното лице во рамките на неговите овластувања или кога тоа ги пречекорило своите овластувања заради остварување корист за правното лице, како и дека кривичната одговорност на правното лице не ја исклучува одговорноста на сторителот на кривичното дело. Подносителот упатува дека појаснувањето на поимот полициски службеник како овластено лице за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (МВР) било содржано во член 122 став 4 од Кривичниот законик, а појаснувањето на поимот правно лице било содржано во член 122 став 6 од Кривичниот законик.

Членот 20 став 2 од Кодексот на полициската етика, според кој полициските службеници го почитуваат и унапредуваат степенот на полициска култура, согласно стандардите на однесување предвидени во законите и подзаконските прописи, бил спротивен на член 114 ставовите 1 и 2 од Законот за внатрешни работи, според кои работникот на Министерството е должен работите да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, законите и другите прописи, како и дека е должен да ја врши својата работа непристрасно и без влијание, да не се раководи од своите лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот што ги има и да го штити угледот на Министерството. Ова од причина што Законот за внатрешни работи никаде не предвидувал „унапредување на степенот на полициска култура, согласно стандардите на однесување предвидени со законите и подзаконските прописи“, како што предвидувал член 20 став 2 од Кодексот, од причина што стандардите на однесување се носеле да се почитуваат, а не да се унапредуваат од страна на вработените во МВР, а во секој случај со обидите за унапредување на било кои пропишани прифатени стандарди согласно Законот и подзаконските акти кои мора да се во согласност со Уставот, ќе значело и автоматско кршење на законите и подзаконските прописи кои се на сила во Република Македонија, а тоа значело и повикување на одговорност од дисциплинска до кривична на полициските службеници.

Поради наведеното, оспорените одредби од Кодексот на полициската етика не биле во согласност со член 51 став 1 од Уставот, поради што се предлага нивно поништување од страна на Уставниот суд.

На крајот од иницијативата, подносителот посебно укажува дека потребата од разгледување на оваа иницијатива била од суштинско значење за поедини вработени во МВР, од причина што МВР во најчест случај при поведување на постапки пред комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност за вработените во МВР, како во предлозите за водење на постапка, така и во донесените решенија, најчесто се повикувало на одредбите од Кодексот на полициската етика, по примерот на Решението бр.23.5.1-5575 од 07.08.2014 година, кое е составен дел на иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 16 од Кодексот на полициската етика, полициските службеници на сите нивоа се лично одговорни за своите активности, превиди и пропусти, како и за наредбите добиени од претпоставените и оние дадени на подредените.

Според член 20 став 2 од Кодексот, полициските службеници го почитуваат и унапредуваат степенот на полициска култура, согласно стандардите на однесување предвидени во законите и подзаконските прописи.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за полиција (“Службен весник на Република Македонија“ број 114/2006, 6/2009, 145/12 и 41/2014) се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: Министерството), што не се уредени со Законот за внатрешни работи (член 1).

Според член 2 став 1 од Законот, полицијата е дел од Министерството во кој се вршат полициски работи преку полициски службеници. Според став 2 на истиот член, полициски службеник е овластено службено лице согласно со одредбите од Законот за внатрешни работи, униформиран и неуниформиран припадник на Полицијата со полициски овластувања, кој ги врши полициските работи во согласност со закон.

Врз основа на член 128 став 2 од Законот, според кој министерот за внатрешни работи донесува Кодекс на полициска етика, донесен е Кодексот на полициска етика.

Со овој кодекс се определуваат начинот на однесувањето, работењето и целите на Полицијата, правните основи на полициската функција, односот на Полицијата и кривичните правосудни органи, организацијата на Полицијата, квалификациите, процесот на селекција, вработување и обука на полициските службеници, правата на полициските службеници, полициските интервенции, одговорноста и контролата на полициските службеници, истражувањето и меѓународната соработка на Полицијата, со цел почитување на основните принципи и препораки содржани во Европскиот кодекс на полициска етика, усвоен на Комитетот на министрите на Советот на Европа на 19.09.2011 година. Полициските службеници треба да се придржуваат кон одредбите на овој кодекс (член 1).

Со оспорениот член 16 од Кодексот, систематизиран во главата V Организација на полицијата, се пропишува дека полициските службеници на сите нивоа се лично одговорни за своите активности, превиди и пропусти, како и за наредбите добиени од претпоставените и оние дадени на подредените. Ваквата одредба со иницијативата се оспорува од аспект на тоа што со истата се предвидувала само лична одговорност на полициските службеници, што не било во согласност со член 28-а став 1 и став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија кој предвидувал кривична одговорност и за правното лице.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Ова затоа што Кодексот на полициската етика е акт кој подразбира збир на начела, правила, прописи и добри обичаи за професионално однесување на полициските службеници, со цел воспоставување и одржување на ефикасна, професионална и стручна полиција. Во таа насока основано произлегува и личната одговорност на полициските службеници за нивните активности, превиди и пропусти во работењето, како што е пропишано во оспорената одредба. Личната одговорност на полицискиот службеник може да биде дисциплинска или кривична, што се независни постапки кои меѓусебно не се исклучуваат. Фактот што одредбата се однесува на лична одговорност на полициските службеници, а не го уредува прашањето на кривична одговорност на Министерството за внатрешни работи (полицијата) како правно лице, не значи исклучување од кривична одговорност на правното лице доколку за тоа постојат законски исполнети услови. Поради наведеното, сметаме дека не може да се прифати дека оспорената одредба од Кодексот, поради тоа што не пропишувала кривична одговорност за правното лице, не била во согласност со одредбите на Кривичниот законик.

Дополнително, Судот имаше предвид дека согласно уставно утврдените надлежности, Уставниот суд одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста и законитоста на одредбите од законите и другите прописи кои се содржани во тие прописи, но нема надлежност да одлучува за тоа што еден пропис не содржел, а требало да содржи, на што се сведува наводот за неуставноста и незаконитоста на оспорениот член 16 од Кодексот.

Според член 114 став 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 92/2009, 35/10, 36/11, 158/11 и 114/12 и 187/2013), работникот во Министерството е должен работите да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, законите и другите прописи. Според став 2 на истиот член, работникот во Министерството е должен да ја врши својата работа непристрасно и без влијание, да не се раководи од своите лични финансиски интереси, да не ги злоупотребува овластувањата и статусот што ги има и да го штити угледот на Министерството.

Според член 20 став 2 од Кодексот, полициските службеници го почитуваат и унапредуваат степенот на полициска култура, согласно стандардите на однесување предвидени во законите и подзаконските прописи.

Оваа одредба од Кодексот се оспорува како спротивна на член 114 ставовите 1 и 2 од Законот за внатрешни работи, затоа што овие одредби од Законот не предвидувале „унапредување на степенот на полициска култура согласно стандардите на однесување предвидени во законите и подзаконските прописи“, од причина што стандардите за однесување се носеле да се почитуваат а не да се унапредуваат од страна на вработените во МВР, поради што обидите за унапредување на било кои пропишани стандарди согласно законот и подзаконските акти, автоматски ќе значело кршење на законот и подзаконските акти, а со тоа и повикување на одговорност од дисциплинска до кривична на полициските службеници.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Од анализата на оспорената одредба од Кодексот произлегува дека истата е во функција на поттикнување на доследно почитување на правилата, прописите и стандардите за професионално однесување на полициските службеници, предвидени во законите и подзаконските прописи, што го одразува степенот на полициската култура. Одредбата упатува на унапредување на полициската култура преку доследно спроведување на стандардите на однесување предвидени во закон и подзаконските акти, а не воведување на нови стандарди на однесување од страна на вработените, како што произлегува од иницијативата. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Кодексот не е во спротивност со членот 114 од Законот за внатрешни работи, туку е во функција на негова операционализација.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Кодексот на полициска етика не се во спротивност со одредбите на Кривичниот законик и Законот за внатрешни работи, на кои се повикува подносителот на иницијативата, поради што не може да се прифати дека со одредбите, поради нивната незаконитост, се повредувало начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, искажано преку член 51 став 1 од Уставот.

Прашањето за дисциплинска одговорност на полициските службеници за повреда на одредби од Кодексот на полициска етика, е прашање за примена на Кодексот, што не е во надлежност на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.131/2014
11 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева