Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 04 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 10 став 3 од Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад (“Службен весник на Република Македонија” бр. 30/2013).
2. Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од Методологијата не се обезбедувала еднаква правна положба на сите правни субјекти на пазарот и поради тоа не била во согласност со член 55 став 2 од Уставот. Односно едни правни субјекти се ставале во поповолна положба во однос на другите, на начин што се земал различен основ како единица мерка за пресметување на цената за собирање, отстранување и депонирање на отпадот, односно за некои се земала површината со која располагал правниот субјект, а за други количината на смет.
Според наводите во иницијативата основот-единицата мерка за пресметувањето на надоместокот за собирање, транспортирање и отстранување на отпад би требало да е ист- еднаков за сите правни субјекти и предлагаат да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад.
3. Судот на седница утврди дека согласно членот 10 од Методологијата, како корисници на услугата на собирање на отпад можат да бидат домаќинства и правни и физички лица.
Единица мерка за цената на услугата за домакинствата во кои спаѓаат индивидуалните станбени единици, колективните станбени единици и домаќинствата во рурални средини може да биде: ден/м2, ден/м3 и ден/кг.
Во корисници на услуга како правни и физички лица се следните категории на корисници на услуги:
1. Големи правни субјекти (производствени капацитети, трговски центри, фабрики, банки, хотели, осигурителни компании, стоваришта и други правни субјекти) за кои единица мерка за цена на услуга може да биде ден/кг и ден/м3.
2. Мали правни субјекти (мини маркети, колонијали, канцеларии, угостителски објекти, трафики и друго) категоризирани врз основа на вид и количина на создаден отпад, за кои единица мерка за цена на услугата може да биде ден/м2.
3. Училишта, градинки, здравствени објекти и здравствени организации од примарна заштита, пензионерски домови, верски објекти и друго, за кои единица мерка за цената на услугата може да биде ден/кг и ден/м3.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 55 став 1 од Уставот, кој е и прв член во одделот “Основи на економските односи”, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во ставот 2 на овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според ставот 3 на членот 55 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Во член 121 од Законот за управување со отпадот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 68/2004, 07/2007, 102/2008, 143/2008, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 147/2013 и 163/2013) кој се однесува на цената за извршена услуга, е наведено дека висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општините и градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општините и градот Скопје, кога давателот на услугата е јавно претпријатие основано од општините и градот Скопје согласно со членот 46 став 3 на овој закон. Висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад се утврдува со договорот од членот 46 став 4 на овој закон кога давател на услуга е правно и физичко лице. (став 2) Цената од ставовите 1 и 2 на овој член ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот која може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм. (став 3) Правните и физички лица кои создаваат комерцијален отпад, висината на цената за собирање и за транспортирање на отпадот ја утврдуваат со склучување на посебниот договор од членот 43 став 8 на овој закон, со давателот на услугата врз основа на количеството и видот на создадениот отпад изразен во денар за килограм или денар за метар кубен отпад, согласно со цената утврдена во ставовите 1 или 2 од овој член.(став 4) Правните и физичките лица од членот 20 став 1 на овој закон, цената за собирање и транспортирање на неопасниот и на опасниот отпад ја утврдуваат во договорот склучен со правните и физичките лица овластени за собирање и за транспортирање на отпад, врз основа на количеството и видот на создадениот отпад изразен во денар на метар кубен или денар на тон отпад. (став 5) Во определување на цената на услугата согласно со ставовите 1 и 2 на овој член, на предлог на градоначалникот на општините и градот Скопје, советот на општините и градот Скопје се должни да определат стимулативни цени за домаќинствата, правните и физички лица кои врз основа на воспоставени системи за селектирање на отпадот ја намалуваат вкупната количина на комунален отпад наменет за отстранување на депонијата.(став 6) Цената за отстранување на отпадот се утврдува во согласност со членот 90 од овој закон, врз основа на количеството отпад доставен за отстранување изразен денар на тон создаден отпад. (став 7) При определување на цената за извршените услуги треба да се води сметка во него да бидат содржани трошоците за извршената услуга.(став 8) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ја пропишува методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад.(став 9)
Според член 90 ставови 1 и 3 од овој закон, цената за депонирање на отпадот ја определува операторот на депонијата, во Тарифникот за депонирање отпад, кој пак се формира врз основа на пресметката на целокупните трошоци за инвестирањето, изградбата, работата, одржувањето на депонијата, како и трошоците за грижата за депониите по нивното затворање.
Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад (“Службен весник на Република Македонија” бр. 30/2013) ја донесе министерот за животна средина и просторно планирање врз основа на член 121 став 9 од Законот за управување со отпадот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 68/2004, 07/2007, 102/2008, 143/2008, 124/2010, 51/2011 и 123/2012), заведена под број 07-151/5 од 20 февруари 2013 година и се применува од 1 јануари 2014 година. Со оваа Методологија се пропишувааат критериумите за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, односно за постапување со отпад.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Методологијата, според која цените на комуналните услуги за одржување на хигиената во градските и други населби, односно за изнесување на смет од правните и физичките лица се определуваат според групирање на корисниците на услугите по цена на метар квадратен, метар кубен или по килограм за реално извршена комунална услуга на изнесување на сметот, (а не по други параметри како просечна минимална и максимална површина), Судот утврди дека со таквиот начин на определување на цената, не се повредува принципот на еднаквост на граѓаните, со оглед на тоа што правните и физичките лица како корисници на услугата на собирање на отпад се еднакви во рамките на соодветните категории на корисници на услуги. Методологијата ги регулира можните начини за определување на единица мерка за формирање на цената на услугата, во зависност од тоа кој субјект се јавува како корисник. Основот кој се зема како единица мерка за пресметување на цената на услугата варира по однос на категоризацијата според вид и количина на создаден отпад, а тој како критериум би требал да се применува истоветно за сите субјекти кои потпаѓаат под некоја од трите наведени категории. Оттука, произлегува дека со оспорената одредба, цената за собирање и депонирање на смет за домаќинствата се определува во зависност од извршено групирање на корисниците на услугите по метар квадратен за реално извршена комунална услуга.
Судот утврди дека начинот на пресметување на цената за постапување со отпад, содржан во членот 10 од Методологијата е во согласност со одредбата на член 121 став 3 од Законот за управување со отпад со цел да може да се примени било која од наведените мерни единици на метар квадратен, кубен или килограм, при утврдување на цената. По исклучок, во ставот 5 на членот 121 од овој закон, правните и физички лица како поголеми создавачи на отпад, цената за собирање и транспортирање на неопасниот и опасниот отпад ја утврдуваат во договор склучен со правните и физичките лица овластени за собирање и за транспортирање на отпад врз основа на количеството и видот на создадениот отпад. Отука, поделбата на правните субјекти направена во ставот 3 од членот 10 од Методологијата има за цел да се избегне формирање на цена само врз метар квадратен за што во повеќето случаи не одговара на количините на создадениот отпад со исклучок на малите правни субјекти чиј што отпад најчесто завршува во кантите за комунален отпад од домакинствата и создадените количини не можат да се утврдат. Согласно членот 21 од Законот за управување со отпадот, во поголем дел од овие категории на субјекти истите се обврзани да изготвуваат и реализираат програми за управување со отпад со цел реално да се намали и искористи отпадот, имајќи го во предвид „начелото на загадувачот плаќа„ и „одговорност на производителот“.
Со оглед на тоа што подзаконските акти морааат да бидат во согласност со Устав и со закон, што воедно е и принцип на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека оспорената одредба на членот 10 став 3 од Методологијата, не може да се доведе под сомнение и по однос на нејзината согласност со членот 55 став 2 од Уставот со кој е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.136/2013
04.02.2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева