Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од Урбан блок 48 – дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Трета МУБ“, ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“ – општина Куманово, бр. 07-4152/14, донесена од Советот на општина Куманово на 26 јуни 2013 година.
2. Нада Вељановска од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека: „локалната самоуправа спроведе јавна презентација и јавна анкета, но истото не го истакна на видно место и граѓаните кои живеат на таа локација не беа запознаени со Нацрт ДУП-от, и по дознавање е поднесена петиција од група граѓани до Советот на општина Куманово. По дознавањето за јавната презентација, јас поднесов анкетен лист, бр.21 УП 1-44 од 22.01.2013 г., со забелешки и предлози по Нацрт на Планот, од причини што со Нацрт ДУП-от се задира во сопственоста односно повредено е моето право и, освен што ми се зафаќа дел од дворното место, ми се нарушува и функционалноста на куќата, ми се одземаат две соби и мојата куќа би била непогодна за живеење, и во анкетниот лист наведов дека се води судски спор за утврдување на сопственост на дел од дворното место од 82 м2. Согласно член 24 точка 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, доколку има забелешки и предлози по Нацрт ДУП-от, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист. Известувањето по анкетниот лист од Одделението за урбанизам го имаат доставено на 25.06.2013 г. и при тоа не ми е оставен простор да се произнесам по истото бидејќи веќе е добиена согласност, бр.14-4972/2, од Министерството за транспорт и врски од 7.06.2013 г., при што се повредени членовите 24 и 25 во кои јасно стои дека секое лице кое поднело анкетен лист треба писмено да биде известено по неговите забелешки или предлози, па после тоа се издава согласност од органот на државната управа со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон, па по добивање на согласноста планот се доставува до надлежен орган за негово донесување. Во овој случај, Советот на општина Куманово донесува планска документација: Детален урбанистички план за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од УБ 48, дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Трета МУБ“, ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“, со Одлука бр.07-4152/14 од 26.06.2013 г., само после еден ден од како сум известена по анкетен лист од 25.06.2013 г., што е спротивно на Законот. Од страна на Секторот за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата – Одделение за урбанизам при општина Куманово, се повредени членовите 23, 24 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Согласно член 24 точка 5, јавна презентација и јавна анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа, при што во овој случај јавна презентација не е спроведена во кругот на месната самоуправа, па оттука произлегуваат многу незадоволни и оштетени граѓани, потписници на петицијата. Согласно член 24 точка 4, за организирањето на јавна презентација и јавна анкета, Општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон, што истото не е сторено од Општината и на тој начин е повреден став 4 од член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Со Деталниот урбанистички план повредена е уставноста и законитоста на член 23, 24 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од тие причини предлагам на Уставниот суд на Република Македонија да ја прифати иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на ДУП бр.07-4152/14 од 26.06.2013 г. и истиот се стави вон сила поради несогласност со темелната вредност на законот и Уставот на Република Македонија.“
3. Судот на седницата утврди дека Деталниот урбанистички план, донесен со оспорената одлука, бил предвиден во Програмата за урбанистичко планирање на подрачјето на општина Куманово за 2012 година, донесена од Советот на Општината на 15 март 2012 година; за ДУП-от имало Планска програма за негова изработка, изготвена од овластено Трговско друштво „Урбан гис“ ДОО Куманово во јануари 2012 година; имало Ажурирана геодетска подлога, изработена од овластено Трговско друштво „Гео тим“ во ноември 2012 година; имало Стручна ревизија на Нацрт-Планот, извршена од овластено Трговско друштво „Планерис“ од Куманово во ноември 2012 година; имало Стручно мислење на Нацрт-Планот, издадено од посебна комисија на Секторот за урбанизам на општина Куманово од ноември 2012 година; и била донесена Одлука за утврдување Нацрт-ДУП за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од Урбан блок 48 – дел 5, Плански опфат меѓу ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“, бр.07-8851/16, донесена од Советот на општина Куманово на 14 декември 2012 година.
Судот, исто така, утврди дека:
– Градоначалникот на Општината донел Одлука за организирање на јавна анкета и јавна презентација, бр.21-11957 од 25 декември 2012 година, наведувајќи дека организирањето на јавната анкета и на јавната презентација ќе се соопшти во најмалку две јавни гласила (член 2), дека јавната анкета ќе трае 15 дена од објавувањето на соопштението (член 3), дека Нацрт-Планот ќе биде изложен на јавно место (член 4) и дека заинтересираните граѓани и правни лица ќе можат да дадат забелешки на анкетни листови (член 5); Покрај тоа, градоначалникот на Општината издал Соопштение, под истиот број и датум како и Одлуката за организирање на јавната анкета и на јавната презентација, наведувајќи дека јавната анкета по оспорениот Нацрт-План, и други 8 нацрт-планови, ќе се одржи од 27 декември 2012 година до 11 јануари 2013 година, дека Нацрт-Планот и другите 8 нацрт-планови ќе бидат истакнати во општинските витрини на градскиот плоштад кои се наоѓаат под станбената зграда „Осумкатница“-Куманово, дека забелешките или предлозите се доставуваат на анкетни ливчиња кои можат да се подигнат и предадат во Архивата на општина Куманово и дека подетални информации можат да се добијат во Секторот за урбанизам на општина Куманово. Во Соопштението се наведува и тоа дека јавната презентација по оспорениот Нацрт-План, како и за другите 8 нацрт-планови, ќе се организира на 8 јануари 2013 година во 12,00 часот во салата за состаноци во Општината.
– наведеното соопштение на Градоначалникот на Општината било објавено во дневниот весник „Утрински весник“ од 27 декември 2012 година и на Телевизија „Нова“ од Куманово.
– на 3 јануари 2013 година Градоначалникот на општина Куманово донел Решение за формирање на стручна комисија, бр.2-44, со задача да изготви извештај по забелешките од јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-Планот, како и писмено да ги извести секое правно и физичко лице кое поднело анкетен лист за прифаќање или неприфаќање на забелешките.
– на 8 јануари 2013 година била организирана јавна презентација по Нацрт-Планот, за што бил составен Записник бр.21-44 од 8 јануари 2013 година.
– на 22 јануари 2013 година Нада Вељановска-подносителката на иницијативата до овој суд, поднела анкетен лист со забелешки на Нацрт-Планот, во кој наведува дека во нејзиното дворно место кое го користела како пролаз, била ставена улица, иако тој пролаз го користеле само нејзиното семејство и уште една фамилија.
– на 18 март 2013 година, Стручната комисија за спроведување на јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-Планот изготвила Извештај, бр.21-44, во кој покрај другото наведува дека „По завршување на периодот за јавна анкета пристигнаа следниве приговори кои Стручната комисија ги разгледа и одлучи: 1. бр.УП1-21-44 од 22.01.2013 од Нада Вељановска, Приговорот не се прифаќа. Сообраќајното решение е во согласност со член 62, 63 и 64 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Сл.весник на РМ 63/12) и истото овозможува проточност на сообраќајот во рамките на планскиот опфат.“
– на 20 март 2013 година Градоначалникот на Општината изработил Известување после Извештајот од спроведената јавна анкета, при што констатира дека прифатените забелешки по Нацрт-Планот се внесени во Планот и дека по Предлог-Планот може да отпочне постапка за добивање согласност од Министерството за транспорт и врски.
– на 7 јуни 2013 година Министерството за транспорт и врски издало согласност, бр.14-4972/2, на Предлог-ДУП за дел од УЕ „Трета МУБ“, дел од УБ 48 – Куманово, плански опфат меѓу ул. „Трета МУБ“, ул. „Миле Кипра“, ул. „Перо Шварц“ и ул. „Перо Чичо“.
– на 25 јуни 2013 година Стручната комисија за спроведување на јавната анкета доставила Известување до Нада Вељановска во кое наведува дека „Комисијата го разгледа Вашиот приговор и Ве известува: приговорот не се прифаќа; Образложение: сообраќајното решение е во согласност со член 62, 63 и 64 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Сл.весник на РМ бр.63/12) и истото овозможува проточност на сообраќајот во рамките на планскиот опфат.“
– на 26 јуни 2013 година Советот на општина Куманово ја донел Одлуката за донесување на ДУП-от со наведениот опфат.
4. Во член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012), чии одредби важеа во време на донесувањето на оспорената одлука, се определува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, покрај другите планови, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1).
Според став 2 од истиот член на Законот, „организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон.“
Во ставот 3 од наведениот член се определува дека „за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.“
Според ставот 4 од истиот член, „за организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.“
Според став 5 од истиот член на Законот, „јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.“
Со став 6 од наведената законска одредба се пропишува дека „јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.“
Според член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, „извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.“
Во став 8 од истиот член се утврдува дека „извештајот од ставот 7 на овој член е составен дел од одлуката за донесување на предлогот на планот.“
Со став 9 се определува дека „врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да ги извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.“
Според став 10 од наведениот член на Законот, „доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.“
Според став 11, „времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.“
Од изнесените законски одредби, а во врска со аспектите од кои е оспорена конкретната одлука, произлегува дека нацртот на деталните урбанистички планови, после неговото утврдување од страна на советот на општината (член 24 став 2), се излага на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа (став 5), за што се објавува соопштение во најмалку две јавни гласила и се даваат податоци за местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11), по забелешките изнесени во анкетните листови се составува извештај од посебна комисија со образложение за прифатените и неприфатените забелешки (став 7), а потоа таа комисија писмено ги известува одделно сите лица кои поднеле анкетен лист со образложение за прифатените и неприфатените забелешки (став 9).
Во конкретниот случај, Судот утврди дека Нацрт-Планот бил објавен на јавно место за кое било дадено соопштение во две јавни гласила, подносителката на иницијативата поднела анкетен лист со забелешки по Нацрт-Планот и по тие забелешки посебната комисија на Општината постапувала така што се произнела во својот извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета давајќи образложение за неприфаќањето на забелешките и, исто така, доставила известување до подносителката на иницијативата за неприфаќањето на забелешките давајќи образложение за причините поради кои не се прифатени тие.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.135/2014
4 февруари 2015 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева