Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 4 февруари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на поднасловот „Б) Дел од платата за работна успешност“ членовите 11 и 12 и целината на Правилникот за вреднување на работните места и определување на плата и надоместоци на плата на АД „Макпетрол“ Скопје (бр.0201-44/2 од 28.11.2013) донесен од Управниот одбор на АД „Макпетрол“.
2. Мира Данаилова и други од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот наведен во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори и дека, од тие причини, платите и надоместоците на плати на работниците можеле да се уредат само со закон и колективен договор, а не и со правилник на работодавачот, како што било уредено со оспорениот Правилник.
Со оспорениот Правилник, спротивно на одредбите од Законот за работните односи, се одземале и ограничувале правата од работен однос во АД „Макпетрол“, што било недозволиво. Плаќањето на вработените не можело да се врши со правилник на работодавачот, а уште помалку платата за успешност да се исплатува во висина што ја определува Управниот одбор на „Макпетрол“. Оспорената одредба од членот 12 став 1 од Правилникот која давала дискреционо право на директорите на вработените со кои што тие раководат да го утврдуваат износот на делот од платата за работна успешност, била запрепастувачка и спротивна на членот 32 став 3 од Уставот според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Поради наведените причини оспорениот правилник бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 32 став 3 и став 5 и члeн 51 од Уставот и на член 1, член 12 став 2 и 4 и членовите 105-115 од Законот за работните односи, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина и посебно на поднасловот: „Б) Дел од платата за работна успешност“ и членовите 11 и 12 и истите да ги поништи.
Воедно со иницијативата се предлага Судот, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот Правилник, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби се поместени во делот Б) од Правилникот со наслов Дел од плата за работна успешност.
Според оспорениот член 11 став 1 од Правилникот, делот од платата за работна успешност е променлив дел од платата и неговата висина за месецот за кој платата се исплатува зависи од домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата при извршување на работните задачи кои произлегуваат од работното место. Во ставот 2 на истиот член е определено дека на работниците кои навремено, квалитетно и редовно ги исполнуваат обврските од ставот 1 на овој член им се исплатува дел од платата за работна успешност во висина определена со одлука на Управниот одбор.
Во оспорениот член 12 од Правилникот е предвидено дека во рамките на своите овластувања, а во зависност од критериумите наведени во член 11, претседателот, директорите на дирекциите и директорите на центрите, за работниците кои работат во организациониот дел со кој тие раководат, имаат дискреционо право да го утврдуваат износот на делот од платата за работна успешност на секој работник со зголемување или намалување на висината определена согласно членот 11 став 2.
Во ставот 2 на истиот член е предвидено дека износот на делот од платата за работна успешност се определува процентуално од основната плата и/или во апсолутен износ кој може да се движи во интервал од 0 до 1,7 основна плата.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Оспорениот Правилник за вреднување на работните места и определување на плата и надоместоци на плата на АД „Макпетрол“ е донесен од Управниот одбор на АД „Макпетрол“ на 28 ноември 2013 година. Правилникот е донесен врз основа на член 77 од Статутот на АД „Макпетрол“. Правилникот влегол во сила и се применува од 2 декември 2013 година, истиот бил објавен во Билтенот на АД „Макпетрол“.
Правилникот е составен од седум глави: I. Основни одредби; Глава II. Плата на работникот за извршената работа; Глава III. Надоместоци на плата; Глава IV. Други надоместоци и примања; Глава V. Посебни случаи на надоместоци; Глава VI. Категоризација и вреднување на работни места; Глава VII. Преодни и завршни одредби.
Според членот 1 од Правилникот, со овој правилник се определуваат шифри и називи на работни места, бројот на бодови на работните места, како и начинот на утврдување на висината на платата и надоместоците на плата на работниците во „Макпетрол“ АД-Скопје.
Од анализата на содржината на оспорениот Правилник Судот утврди дека со него се уредуваат платите и надоместоците на плати за вработените во АД „Макпетрол“ Скопје, шифрите и називите на работните места и бројот на бодовите за секое работно место одделно. Од наведеното Судот оцени дека оспорениот Правилник не претстaвува пропис кој на општ начин уредува односи кои се однесуваат на неопределен број субјекти на правото, туку претставува интерен акт на акционерско друштво со кој се уредуваат прашања од значење за вработените во тоа друштво.
Со оглед на тоа што оспорениот Правилник претставува интерен акт на акционерско друштво кој не може да биде предмет на оценка пред Уставниот суд, Судот одлучи дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.144/2014
04.02.2015 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева