Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2015 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Заклучокот за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 год. Урбанистичка парцела 20.08 и 20.13, донесен од Советот на општина Ѓорче Петров под бр.07-992/7 од 23 мај 2006 година („Служен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.5/2006).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на заклучокот наведен во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.67/2014 oд 17 декември 2014, година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 год. Урбанистичка парцела 20.08 и 20.13, донесен од Советот на општина Ѓорче Петров под бр.07-992/7 од 23 мај 2006 година („Служен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.5/2006), бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законот. Со истото решение Судот го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на наведениот акт.
5. Судот на седницата утврди дека оспорениот Заклучок за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 год. Урбанистичка парцела 20.08 и 20.13 бил донесен од Советот на општина Ѓорче Петров под бр.07-992/7 од 23.05.2006 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.5/2006).
Правен основ за неговото донесување е член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ бр.5/02) и член 25 став 1 точка 36 и 37 од Статутот на општина Ѓорче Петров (“Службен гласник на Град Скопје бр.10/2003).
Согласно точката 1 од Заклучокот, се врши техничка исправка во графичкиот дел во Деталниот урбанистички план Ѓорче Петров 2001 година урбанистичка парцела 20.08 и 20.13, усогласување на катастарска со урбанистичка парцела. Тех.број: 1053-2/02-АД „ЗУАС“ – Скопје.
Согласно точката 2 од Заклучокот, заклучокот се доставува до Секторот за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина во општина Ѓорче Петров, а согласно точката 3, заклучокот влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во “Службен гласник на општина Ѓорче Петров“.
6. Судот на седницата врз основа на доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба:
Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на ден 23.05.2006 година, донел Заклучок за техничка исправка за дел од Детален урбанистички план Ѓорче Петров од 2001 година, кој е објавен во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр. 5/2006.
Техничката исправка се однесува на Деталниот урбанистички план Ѓорче Петров од 2001 година, што значи дека техничката исправка е направена по 5 години од донесувањето на планот.
Техничката исправка ја изготвил А.Д. за урбанизам, архитектура, инжинеринг „ЗУАС“ од Скопје.
Во одговорот од Советот на општина Ѓорче Петров е наведено дека техничката исправка е направена по барање на заинтересирана странка.
Во документот на „ЗУАС“ за техничката исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 година за урбанистичките парцели 20.08 и 20.13 се наведува дека во недостаток на информации во фаза на изготвување на ДУП Ѓорче Петров и постапката за негово донесување, бил направен пропуст при оформувањето на урбанистичката парцела 20.08. Со претходниот ДУП за овој локалитет истата парцела била дефинирана со поголема урбанистичка парцела. На северната страна на урбанистичката парцела 20.08 со последниот плански документ бил одземен еден дел со поместување на северната граница на парцелата кој југ. Со тоа поместување на границата дел од претходно дооформената парцела припаѓа на новооформената парцела 20.13.
Техничката исправка била изготвена за враќање на северната граница на урбанистичката парцела 20.08 на истото место како во претходниот ДУП и во рамки на дооформената парцела. Површината на урбанистичката парцела 20.13 се намалува за истата површина.
Спорната површина изнесува 223 м2.
Подносителот на иницијативата смета дека со оваа техничка исправка, односно промена на урбанистичкиот план, градежната парцела 20.13 во дел кој го користел повеќе од 50 години лицето Здравковски Миле, значително се намалила без правен основ.
Во одговорот на наводите во иницијативата, општината Ѓорче Петров наведува дека лицето Здравковски Миле никогаш не бил ниту корисник, ниту сопственик на градежната парцела која е предмет на спор, односно дека корисничкото право за спорната парцела за цело време на важење на урбанистичките планови пред донесувањето на измената на планот во 2001 година била на име на Нешовски Миле.
Советот на општина Ѓорче Петров во оставениот рок не достави одговор на решението за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок.
7. Во член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Урбанистичкиот план на кој се однесува оспорената техничка исправка е од 2001 година, односно од 21 март 2001 година кога Советот на општина Ѓорче Петров ја донел Одлуката за измена и дополнување на ДУП за дел од М.З. Ѓорче Петров. Таа одлука е донесена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 4/96, 28/97 и 18/99), кој престана да важи со донесување на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година.
Судот смета дека по однос на оспорениот Заклучок (кој по својата природа би требало да се надоврзува на споменатата одлука и да претставува нејзин составен дел), не може да бидат применети одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање што престанал да важи, туку одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање што сега е во сила, бидејќи по својот карактер истиот е измена на детален план, а не исправка на претходно донесениот план.
Во членовите 15 до 33 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е уредена постапката за изработување и донесување на планови, односно се утврдени фазите во кои се носат деталните урбанистички планови (нацрт-план и предлог-план), кои се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги и дејствијата што ги преземаат надлежните ограни во рамките на така определените фази како што се: стручна ревизија на планот, забелешки на стручната ревизија, соопштение во јавните гласила за организирање на јавна презентација и јавна анкета, организирање на јавна презентација и јавна анкета, излагање на планот на јавна презентација, извештај за прифатени и неприфатени забелешки, согласност на планот од надлежното министерство, донесување на одлука и нејзино објавување.
Во иницијативата се наведува дека по својот карактер оспорениот Заклучок за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 година, урбанистичка парцела 20.08 и 20.13 претставува измена на деталниот урбанистички план од 2001 година, а не техничка исправка, односно дека под изговор за техничка грешка Советот на општина Ѓорче Петров без спроведување на законска постапка и без спроведување на сите фази и дејствија направил измена на урбанистичкиот план од 2001 година.
Вака изнесените наводи според оценката на Судот се основани.
Од утврдената фактичка состојба неспорно произлегува дека со техничката исправка е направена промена на големината на урбанистичките парцели 20.08 и 20.13, односно дека со поместување на границата помеѓу парцелите, градежната парцела 20.13 била намалена за 223м2, а градежната парцела 20.08 се зголемила за 223м2.
За Уставниот суд е ирелевантно прашањето за тоа кои лица се сопственици на градежните парцели, од кои причини во претходниот урбанистички план тие парцели биле оформени на начин на кој биле оформени и означени во планот од 2001 година, како и прашањето за тоа какви се сопственичките односи помеѓу сопствениците на двете градежни парцели, бидејќи овие прашања не спаѓаат во надлежност на Уставниот суд.
Спорното правно прашање што се поставува пред Уставниот суд во овој конкретен предмет е прашањето дали интервенција во урбанистички план со која се менува големината на градежна парцела може да се смета за техничка исправка, или пак тоа претставува суштинска измена на планот, која мора да се направи во постапка за донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имајќи го предвид ставот на Судот по ова прашање изразен во Одлуката по предметот У.бр.203/2009 од 21 април 2010 година, произлегува дека општината Ѓорче Петров можела да направи исправка само по однос на сторена техничка грешка во имињата или броевите, пишувањето или сметањето, како и други очигледни неточности во планот, но не и такви промени кои се состојат во поместувања на границите на градежните парцели и кои имаат за последица промена на големината на градежните парцели. Според оценката на Судот ова претставува суштинска измена на планот за кој општината морала да спроведе законска постапка за измена на планот согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Покрај сето ова треба да се има предвид дека општината ја увидела сторената „грешка“ и направила „исправка“ на ден 23.05.2006 година, односно по истекот на 5 години по донесување и примената на конкретниот Детален урбанистички план (21.03.2001 година).
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е донесен согласно членовите 15-33 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи спротивно е на начелото на владеење на правото под изговор на исправка на сторена техничка грешка да се врши суштинска промена на претходно уредени и воспоставени односи помеѓу субјектите во правото.
8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.67/2014
4 февруари 2015
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева