Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јануари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за вработување на инвалидни лица во делот „со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец („Сл.весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 62/2005, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 161/2008 и 99/2009).
2. Љупчо Наумоски од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување на уствноста на член 1 во делот „со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 1 од Законот во делот „со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец“ не бил во согласност со член 8 алинеја 1 и член 9 од Уставот.
Ова од причина што кога инвалидните лица што вршат дејност, а која не спаѓа во категоријата трговска дејност, а според член 8 став 2 од Законот за трговските друштва определено е дека физички лица кои се занимаваат со слободни занимања (адвокати, нотари, лекари) не се сметаат за трговци во смисла на овој закон.
Врз основа на наведеното инвалидните лица кои работат како лекари, нотари и адвокати, при што подносителот на иницијативата е еден од нив, не можат да ги користат правата што ги обезбедува Законот за вработување на инвалидни лица, бидејќи тој закон, правата ги врзува само со инвалидни лица кои вршат дејност како трговци поединци, а не и на лицата кои се занимаваат со слободни занимања.
3. Судот на седницата утврди дека Според член 1 од Законот „со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец (оспорен дел) кај работодавец или има својства на работодавец, во државната администрација, единици на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции како и условите за основање на погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица заштитно друштво.
4. Во натамошната постапка е утврдено дека: Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.222/2008 од 18 февруари 2009 година ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 1 од Законот за вработување на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005, 115/2005, 29/2007 и 88/2008).
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 35 став 3 од Уставот, затоа што во него не биле опфатени сите категории на лица со инвалидност, особено оние кои самостојно вршеле професија или дејност (адвокати, лекари, нотари и други). Имено, законодавецот во Законот за вработување на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 10/2004 и 62/2005) направил пропуст со тоа што една категорија на лица со инвалидност досега не можеле да ги остварат привилегиите што ги дозволувала државата за вработување на лица со инвалидност, на кој начин ги ставал во нееднаква положба лицата со инвалидност кои не вршеле слободна професија (адвокати, нотари, лекари) а ги користеле привилегиите. Конфузијата била уште поголема бидејќи адвокатите,нотарите,лекарите и други се воделе според друг закон, а тоа е Законот за трговските друштва каде што во член 8 изрично било наведено дека споменатите лица не се сметале за трговци, а со тоа не стекнувале својство на работодавци, а Законот за вработување на инвалидни лица барал да се има својство на работодавец.
Судот на седницата утврдил дека според оспорениот член 1 од Законот за вработување на инвалидните лица со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица кога самостојно вршат дејност како трговец поединец, кај работодавец или има својство на работодавец во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодности за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво (во натамошниот текст – заштитно друштво).
Имајќи ја предвид одредбата од член 110 од Уставот како и членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорениот член како и наводите во иницијативата произлегува дека со неа се бара оценување на уставноста на член 1 од Законот не затоа што содржи норма која не е во согласност со Уставот, туку затоа што содржината на нормата не е таква каква што според подносителот би требало да биде.
Поаѓајќи од напред наведеното, а имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд, Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на неговата наделжност, па согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд утврди дека постојат процесни пречки за постапување по барањето.
5. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби,содржината на членот 1 од Законот во кој е поместен и оспорениот дел со иницијативата, наспрема наводите изнесени во барањето,Судот оцени дека причините поради кој се оспорува делот од членот 1 од Законот во предметнава иницијатива се идентични и со иницијативата по предметот У.бр.222/2008 година за која Судот се произнесол со Решение од 18 февруари 2009 година.
Со оглед на фактот што и во конкретниов случај се оспорува делот од одредбата зато што со неа не биле опфатени и лицата кои се занимаваат со слободни занимања или поточно речено се оспорува содржината на нормата која не е таква каква што според подносителот би требало да биде,Судот оцени дека исполнети се условите согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата да биде отфрлена.
6. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр130/2014
28 јануари 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева