У.бр.142/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10-а став 5 и член 10-б од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014 и 180/2014).

2. Левичарско движење „Солидарност“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред наведува дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 8, членовите 9, 34, 35, 39 и 51, член 54 ставовите 1 и 3 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Во образложението на иницијативата се наведува дека: „горенаведените прокламирани уставни одредби и принципи произлегуваат од социјалниот карактер на Република Македонија, нормирано во член 1 став 1 од Уставот. Подносителот смета дека вака наметнатата обврска на граѓаните да поднесуваат изјава за остварени нето приходи за претходната година е спротивна на Уставот на РМ. За нас не е спорен фактот дека законодавецот има право со закон да пропише одредени услови, начинот и средствата за остварување на правата од здравственото осигурување и социјалната заштита, но во тие нормативни рамки законодавецот мора да пропише пропорционален начин од причина што ваквата обврска на граѓаните има императивен, безрезервен, односно конститутивен карактер, а не кондиционален тон т.е. диспозитивен карактер, а при тоа мора да бидат исклучени било какви разлики и дискриминации меѓу луѓето кога тие остваруваат одделни свои права. Актуелната оспорена формулација на овие два члена од ЗПЗСО е во директна спротивност со член 4 став 1 алинеја 3 од истиот закон каде се нормира дека „осигуреник е физичко лице задолжително осигурано според законите кои го уредуваат системот на задолжителното социјално осигурување“ со што се воведува дополнителен конститутивен услов на оние лица кои не се таксативно наброени во листата во член 10 од истиот закон што е во недвосмислена и еклатантна спротивност со принципот на правната сигурност.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „имајќи ги во предвид честите измени и дополнувања на законите, невоедначената пракса при спроведувањето на законските норми, промените во постапките за остварување на правото, како и сложената административна процедура, континуирано се појавува одредена категорија на граѓани кои по различни основи се соочуваат со пречки до пристапот до правото на здравствено осигурување што се коси со уставно прокламираниот социјален карактер на државата, а воедно со ваквата обврска дополнително се влошува материјалната ситуација на една од најранливите категории во РМ – корисниците на социјална помош каде обезбедувањето на потребната документација може значително да им ги намали финансиските средства кои и онака се прениски. Во врска со ова прашање Уставниот суд на РМ веќе еднаш расправал и оценил дека: „…според Судот, обврската на граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварени приходи, не е во согласност со Уставот на Република Македонија“ (У бр.157/2011). Ваквата изјава која граѓанинот треба да ја поднесе не е соодветна, бидејќи ваква контрола и увид во остварените приходи треба да има Управата за јавни приходи, односно надлежните органи и институции кои имаат законска обврска да достават ваков вид на докази таму каде што има потреба и нужност со оглед на фактот дека постојат применети институционални механизми за проверка на приходите преку воведениот едношалтерски систем. По ваквата интервентна одлука на Уставниот суд, законодавецот пристапил кон одредени измени и дополнувања на ЗПЗСО, при што се донесени член 10-а став 5 и член 10-б, со што тие ја добиваат актуелната формулација во која се оспоруваат. Со ваквата новација законодавецот врши само техничко-терминолошка, но не и суштествена измена на Законот со што обврската на невработените лица за поднесување на изјава за остварени нето приходи во претходната година се уште е постоечка и законски нормирана со што освен демонстрираното самоволие на законодавецот, директно го крши член 112 став 3 од Уставот на РМ и не е во согласност со начелото на правната сигурност како елемент на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на РМ и истата не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност. Токму поради ова сметаме дека Уставниот суд треба да постапи истоветно и по овој предмет како што постапил претходно при својата касаторна одлука (У бр.157/2011).“

Во иницијативата, на крајот, се наведува дека „врз основа на изнесеното, според подносителот, оспорените законски одредби во контекст и на останатите одредби од ЗПЗСО не обезбедуваат остварување на вредностите утврдени со одредбите на Уставот на РМ и вршат директно, јасно и недвосмислено кршење на наведените уставни одредби наведени во точка 4 од оваа претставка, посебно алудирајќи на оние одредби од антидискриминаторски карактер кои забрануваат секаква привилегија и облик на повластување, меѓу другото и по основ на општествената положба на граѓаните, право кое не допушта воспоставување на основи за било какви разлики меѓу луѓето кога тие остваруваат одделни свои права, во конкретниот случај должноста за чување и унапредување на сопственото здравје и здравјето на другите. Токму поради ова подносителот бара оспорените норми од точка 3 од оваа претставка да бидат веднаш укинати или поништени како тие во иднина не би продолжиле да имплицираат негативни правни последици за една од најобесправените и загрозени групи на граѓани во исполнувањето на ова свое уставно загарантирано право.“

3. Судот на седницата утврди дека со член 10-а став 5 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014 и 113/2014) се предвидуваше „граѓанинот кој не е дефиниран како обврзник за плаќање на придонес по една од основите од членот 10 став 1 точки од 1 до 14 од овој закон правата од здравственото осигурување во тековната година ги остварува согласно со прописите од областа на здравственото осигурување, врз основа на поднесена изјава во тековната година за остварените нето приходи во претходната година.“ Според член 10-б од наведениот закон, „граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а од овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги дефинирани во законот кој го уредува системот на здравственото осигурување, врз основа на поднесена изјава во тековната година за остварените нето приходи во претходната година.“

Судот, исто така, утврди дека на 13 декември 2014 година влезе во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.180/2014), а неговите промени отпочнаа да се применуваат од 1 јануари 2015 година (член 12 од наведениот закон).

Притоа, со член 2 од означениот закон се определува: „Во член 10-а, во ставот 5, зборовите: „поднесена изјава во тековната година за“ се бришат.“ Покрај тоа, со член 3 од наведениот закон за изменување и дополнување, се предвидува: „Членот 10-б се менува и гласи: „Граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување според членовите 10 и 10-а од овој закон, можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата на здравствени услуги во тековната година дефинирани во законот кој го уредува системот на здравственото осигурување, врз основа на остварените нето приходи во претходната година.“ “

Според тоа, Судот утврди дека членот 10-а став 5 и членот 10-б од Законот, после влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.180/2014), не предвидуваат обврска за граѓаните кои не се обврзници за задолжително здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварените нето приходи, а што е предмет на оспорување со иницијативата.

4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека одредбите од член 10-а став 5 и член 10-б од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014 и 180/2014), после влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.180/2014), не предвидуваат обврска за граѓаните кои не се обврзници за задолжително здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварените нето приходи, Судот оцени дека има процесни пречки за постапување по иницијативата, поради што утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за нејзино отфрлање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.142/2014
28 јануари 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева