У.бр.42/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014) и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на согласноста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение со одредбите од Законот за трговските друштва, Законот за трговија, Законот за облигационите односи и Законот за даночната постапка, Правилникот за водење на сметководство, Правилникот за вршење на попис на средствата и обврските и усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот и Правилникот за формата и начинот на водење на евиденција за набавка и продажба на стоките и услугите во трговијата на големо.

3. Гоце Чипишков од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во директна спротивност со Уставот на Република Македонија, Законот за трговија, Законот за облигационите односи, Правилникот за водење на сметководство, Правилникот за вршење на попис на средствата и обврските и усогласување на сметко-водствената со фактичката состојба утврдена со пописот, Правилникот за формата и начинот на водење на евиденција за набавка и продажба на стоките и услугите во трговијата на големо и мало и Законот за даночната постапка. Потоа се цитираат член 8, член 30 и член 55 од Уставот и се наведува дека ставот 1 од членот 5 од Законот бил во директна спротивност со основните начела на кои почивало економското уредување на Република Македонија, односно на пазарната економија, отворен и слободен пазар, слободата на претприемништвото и еднаквата положба на пазарот. Имено, производителот, увозникот на тутунски добра и овластениот дистрибутер биле трговски субјекти запишани во трговскиот регистар, кои самостојно, трајно, во вид на занимање вршеле трговска дејност, заради остварување на добивка. При тоа економската самостојност се изразувала преку слободата на претпријатието да го планира начинот на користење на расположивите ресурси, самостојно да донесуваат одлуки кои се однесуваат на неговата економија и на неговото функционирање. Но, со оспорената одредба се наметнувала обврска на едни трговски субјекти (друштва) да вршат попис на имот кај трети трговски субјекти (друштва) и со тоа се правело прекршување на правната заштита на сопственоста, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Исто така, со оспорената одредба не се почитувал членот 473 од Законот за трговските друштва, според кој, секој трговец морал да состави прецизен попис на целокупниот свој имот, што значело само по однос на имотот што го поседува, користи или управува. Ова од причина што со оспорената одредба се наметнувала обврска за производителот и увозникот да прават попис кај друго трговско, кое се јавувало во својство на дистрибутер. Притоа секое трговско друштво било должно да се воздржува да го повреди правото на сопственост на друго трговско друштво, од каде, исто така, произлегувало дека со оспорената одредба не се почитувале членовите 2, 3 и 4 од Правилникот за вршење на попис на средствата и обврските и усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 5 став 1 од Законот не се почитувале член 2, 3 и 4 од наведениот Правилник, бидејќи сопственикот на имотот имал право својот имот да го држи, целосно да го користи и да располага со него, а со оспорената одредба не се почитувало начелото на автономија на трговските друштва кои самостојно ја одредувале својата дејност и стопанска активност. Притоа, секое трговско друштво било должно да се воздржува од повреди на сопственоста на друго трговско друштво.

Исто така, со оспорената одредба не се почитувал членот 28 од Законот за трговија, како и членовите 10 и 11 од Правилникот за формата и начинот на водење на евиденција на набавка и продажба на стоките и услугите во трговијата на големо и мало. Ова од причина што секое трговско друштво морало да води евиденција за набавката и продажбата на стоки и услуги, според начелото на уредност и точност, од каде било апсурдно производителот и увозникот да прават попис на стоки кои се складирале во просториите на дистрибутерот и кои биле негова сопственост.

Наметнувањето на обврска едно трговско друштво да прави попис на имотот на друго трговско друштво значело прекршување и непочитување на меѓународните сметководствени стандарди 1, 2 и 18 и значело непочитување на членот 469 став 2 од Законот за трговските друштва и одредбите од Правилникот за водење на сметководство.

Исто така не бил почитуван членот 45 и членот 46 од Законот за даночната постапка, бидејќи трговското друштво правело попис само за својот имот, но не и за имотот кој не го поседува, не го управува и не го користи.

Оспорениот член 5 став 3 од Законот бил во директна спротивност со основните начела на кои почивало економското уредување на Република Македонија, односно пазарната економија, отворениот и слободен пазар, слободата на претприемништвото и еднаквата положба на пазарот. Имено, на производителот и увозникот им се наметнувало дополнително плаќање на акциза, која претходно била утврдена со даночен управен акт-решение од страна на надлежен државен орган и истата била платена на начин пропишан со решението. Имено, акцизата на тутунските добра се плаќала со користење на контролните марки, а нив ги добивале производителот или увозникот, а со подигање на контролните марки настанувал долг за контролните марки во висина на акцизната вредност на марките, при што акцизниот долг за нив се плаќал пред нивното подигање.

Според тоа, оспорениот член 5 став 3 од Законот преставувал барање за повторно плаќање на данок-акциза на тутунските добра, за кои претходно бил намирен даночниот долг во момент на подигање на контролните марки и за кои немало промена на пресметковната основа. На овој начин надлежниот даночен орган не го почитувал и не го применувал принципот на неретроактивност во даночното законодавство и барал од производителот и увозникот да пресметаат разлика во акцизата и поднесат барање за доплата на акциза, со што истите биле ставени во нерамноправна положба на пазарот по однос на останатите учесници.

Оваа одредба била во директна спротивност и со владеењето на правото и правната сигурност, од причина што во Законот за акцизите, кој се применувал од 2001 година била направена регулатива за акцизните складови, но за разлика од порано кога акцизата се наметнувала на потрошувачот, сега се применувал нов вид на акциза, таканаречена акциза на производителот и увозникот. Притоа, во овој изминат период, кога се покачувала акцизната стапка не се барало правење на попис и доплата на акцизата, затоа што Законот доследно се применувал.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да отпочне постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014), да ја прекине неговата примена, да го прогласи Законот за неуставен и да го стави надвор од правна сила.

4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 5 од Законот, по членот 42-в се додава нов член 42-г, кој гласи:

„(1) Производителот и увозникот на тутунски добра се должни на денот на почетокот на примената на членот 42-в ставови 5, 6 и 7 од овој закон, да направат попис на затечени залихи на тутунски добра во акцизен склад, надвор од акцизен склад, во складови и други простори на овластени дистрибутери и затечени залихи на подигнати контролни марки и истиот да го достават до Царинската управа во рок од три работни дена.

(2) Производителот и увозникот на тутунски добра се должни да ја вкалкулираат новата акциза на тутунски добра на денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра.

(3) Ако акцизата на тутунски добра на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, производителот и увозникот на тутунски добра се должни да достават до Царинската управа барање за доплата на акциза и врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра.“

5. Според член 8 став 1 алинеи 6 и 7 од Уставот, правна-та заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му идат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 4). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во членот 55 од Уставот е предвидено дека, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Значењето на поимите: непостоење на услови за настанување на акцизен долг, постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, акцизен склад, имател на акцизна дозвола, имател на акцизно одобрение и друго е појаснето во членот 2 од Законот за акцизите.

Според членот 2 точката в од Законот, акцизен склад е секое место, на кое под услови утврдени со овој закон, во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг од страна на имател на акцизна дозвола се произведува, складира, прима или испраќа добро подлежно на акциза.

Во членот 4 став 1 од Законот е предвидено дека не настанува акциза за добра подлежни на акциза кои се наоѓаат во акцизен склад или се транспортираат во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг.

Според членот 5 од Законот, кој е со наслов „Акцизен склад“, во акцизните складови можат да се произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза при непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Производството може да биде во форма на здобивање или преработка, освен ако не е поинаку пропишано со одредбите на овој закон.

Во ставот 2 од истиот член од Законот е предвидено дека, лицата кои сакаат да произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, треба да поседуваат акцизна дозвола.

Тематика на членот 13 од Законот за акцизит е настанувањето на акцизата. Според ставот 1 од овој член на Законот, акцизата настанува со предавање на добрата подлежни на акциза во потрошувачка во акцизен склад или со нивното изнесување од него, освен ако не се надоврзува користење на добрата во акцизниот склад ослободено од акциза или нова постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола. Во случаите на противправно пуштање на добрата во акцизно-правен слободен промет, акцизен должник станува и лицето кое го извршило дејствието. Акциза настанува во висина на општата акцизна стапка.

Доколку доброто подлежно на акциза се произведе надвор од постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, акциза настанува со производството. Акцизен должник е производителот. Тој е обврзан, за доброто подлежно на акциза, за кое настанала акциза, неодложно да предаде акцизна пријава. Акцизата се плаќа веднаш (став 2).

Добрата подлежни на акциза, кои се наоѓаат во акцизен склад во моментот на престанување на важењето на акцизната дозвола, важат за пуштени во акцизно- правен слободен промет, освен ако истите не се пренесат во друг акцизен склад во рок од десет дена од денот на престанување на важењето на акцизната дозвола. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола (став 3).

Акциза настанува за кусокот кој ќе се утврди при пропишан или службено спроведен попис, освен доколку не се утврди губење на добрата. Калирањето се третира како губење на доброто. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола (став 4).

Акцизата настанува и во моментот на излегување на добрата од постапката на непостоење на услови за настанување на акцизен долг при нејзиното транспортирање во таквата постапка, освен ако се работи за калирање на добрата. Истото важи и кога добрата не му се испорачуваат на примателот наведен во акцизниот документ, освен во случаите кога тие непосредно му се предаваат на друго лице на акцизната територија, кое е овластено за примање на добра подлежни на акциза во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг или во случаите на докажливо губење на добрата поради непредвидени околности или виша сила. Акцизен должник е испраќачот, или пак превозникот, царинскиот декларант или сопственикот на добрата, доколку некој од нив дал гаранција при постапката на испраќање на добрата наместо испраќачот. Акцизен должник ќе стане примателот на доброто на акцизната територија, доколку тоа се наоѓа во негово владение пред настанувањето на акцизата. Акцизен должник станува и лицето кое противправно го присвојува доброто (став 5).

Акциза настанува за акцизно- повластени акцизни добра, кои се користат спротивно на нивната намена. Користење спротивно на намената се утврдува за случаите кога доброто подлежно на акциза ќе се користи спротивно на акцизно- повластеното користење наведено во неговата наменска цел или кога тоа веќе не може да се употреби за наменската цел. Акциза не настанува во случаите на губење на добрата поради непредвидени околности или виша сила. Калирањето се третира како губење на доброто поради непредвидени околности или виша сила. Акцизен должник е лицето кое поседува одобрение за акцизно-повластено користење, а го користи доброто спротивно на намената. Акцизниот должник треба за доброто подлежно на акциза, за кое настанала акциза, неодложно да предаде акцизна пријава, во која сам ќе ја пресмета акцизата. Акцизата се плаќа веднаш (став 6).

Во случаите на увоз на акцизни добра на акцизната територија важат соодветните царински прописи (освен ако поинаку не е предвидено со овој закон) во поглед на: настанувањето на акцизата, моментот кој е меродавен за нејзино пресметување, одредувањето на акцизниот должник, роковите за плаќање, враќањето и дополнителното плаќање на акцизата, како и за акцизната постапка (став 7).

Кои тутунски добра се предмет на оданочување, односно кои тутунски добра подлежат на акциза е определено во членот 41 од Законот.

Според членот 42-в од Законот за акцизите со наслов „Комбинирана акциза“, акцизата на пури и цигарилоси во смисла на членот 4 став 2 на овој закон, изнесува 21,37 ден. по парче и 0% од малопродажната цена (став 1).

На цигари во смисла на членот 41 став 3 од овој закон, 1,30 ден. по парче и 9% од малопродажната цена, а ако комбинирана акциза е под износот од 1,50 ден. по парче се применува минималната акциза во тој износ (став 2).

Акцизата на тутун за пушење како фино сечкан тутун во смисла на членот 41 став 5 на овој закон, изнесува 1.500,00 ден. по килограм и 0% од 1 малопродажната цена (став 3).

Акцизата на тутун за пушење како друг тутун за пушење во смисла на членот 41 став 6 на овој закон, изнесува 1.350,00 ден. по килограм и 0% од малопродажната цена (став 4).

Според ставот 5 од членот 42-в од Законот, од 1 јули 2014 година заклучно со 1 јули 2015 година, стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите од ставот 2 на овој член се зголемуваат за 0,15 денари по парче на 1 јули во секоја година.

Според ставот 6 од членот 42-в од Законот, од 1 јули 2016 година заклучно со 1 јули 2023 година, стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите од ставот 2 на овој член се зголемуваат за 0,20 денари по парче на 1 јули во секоја година.

Според ставот 7 од членот 42-в од Законот, од 1 јули 2014 година заклучно со 1 јули 2023 година, износот на акциза на тутун за пушење како фино сецкан тутун од ставот 3 на овој член се зголемува за 50 денари по килограм на 1 јули во секоја година.

Членот 44 од Законот за акцизите ја уредува проблематиката на контролните марки за тутунските добра. Според ставот 1 од овој член од Законот, акцизата на тутунски добра се плаќа со користење на контролни марки.

Според ставот 2 од членот 44 од Законот, контролни марки добива производителот или увозникот.

Пуштањето на тутунските добра во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако тутунските добра се обележени со контролна марка (став 3).

Контролната марка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија, така што ќе биде видлива и при отворањето на пакувањето ќе мора да се оштети. На оригиналните пакувања на пури и цигарилоси, кои не се обвиткани со целофанска или друга хартија, контролната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето (став 4).

Со подигнувањето на контролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките (став 5).
Акцизната вредност на една контролна марка се пресметува од акцизата за една цигара, пура, цигарилос или 1 кг тутун за пушење и
податокот за количината наведена на контролната марка (став 6).

Патниците кои внесуваат од странство тутунски добра кои не се опфатени во член 25 став 1 точка 5 на овој закон и државјаните на Република Македонија и странските државјани кои примаат од странство тутунски добра согласно со царинските прописи, ја плаќаат акцизата на друг начин освен преку контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати (став 7).

Во случаите кога тутунските добра се пуштаат во акцизно правен слободен промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри, плаќањето на акцизата може да се врши на друг начин освен преку употреба на контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот орган (став 8).

Обврската за употреба на контролни марки не важи за тутунските добра кои се ослободени од акциза и во случаите од ставовите 7 и 8 на овој член, освен во случаите од член 24 став 3 на овој закон (став 9).

Министерот за финансии донесува поблиски прописи во врска со подигнувањето на контролните марки, плаќањето на долгот за контролни марки, како и нивната форма, содржина и начинот на нивното издавање (став 10).

Трошоците за печатењето и за чувањето на контролните марки ги определува директорот на Управата за јавни приходи со посебно решение и ги наплатува од производителот или увозникот при нивното издавање (став 11).

Производителот или увозникот, своите месечни потреби од контролни марки ги пријавува од 5 до 10 во тековниот месец за наредниот месец. Рокот за подигнување на пријавените контролни марки е три месеци (став 12).

Во членот 46 од Законот за акцизите со наслов: „Акцизен склад на тутунски добра“, е предвидено дека акцизната дозвола од членот 5 став 2 од овој закон за цели на складирање на тутунски добра им се издава на лицата кои се овластени:

– за добивање контролни марки (производител и увозник) или
– да вршат испитување на квалитетот на тутунските добра.
– лица кои испраќаат неоданочени тутунски добра.

Во членот 52 од Законот се уредени евиденциските обврски на имателите на акцизна дозвола и акцизно одобрение. Според ставот 1 од овој член од Законот, имателот на акцизна дозвола е должен да води уредна и точна евиденција за цели на пресметувањето на настанатата акциза.

Евиденцијата од ставот 1 на овој член мора да содржи одделни податоци за:

1) произведените количини на акцизни добра;
2) количини на акцизни добра на залиха, во производство, во складови или други деловни простории;
3) количини на акцизни добра за кои настанала акциза и за кои е платена акцизата според пропишаните стапки;
4) количини на акцизни добра за кои настанала акциза а за кои истата не е платена;
5) количини на акцизни добра потрошени во акцизниот склад и
6) износите на пресметана и платена акциза.

Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член соодветно се применуваат и за имателите на акцизно одобрение (став 3).

Министерот за финансии донесува поблиски прописи за начинот и постапката за водење на евиденциските обврски.

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 42-г од Законот произлегува дека со него е предвидена обврска за производителот и увозникот на тутунски добра на денот на почетокот на примената на членот 42-в ставови 5, 6 и 7 од овој закон, или секој 1 јули сметано од 2014 година заклучно со 2023 година да направат попис на затечени залихи на тутунски добра во акцизен склад, надвор од акцизен склад, во складови и други простори на овластени дистрибутери и затечени залихи на подигнати контролни марки. Тоа треба да го сторат во рок од три работни дена и извештајот да го достават до Царинската управа. Исто така, тие се должни да ја вкалкулираат новата акциза на тутунски добра на денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра, а ако акцизата на тутунски добра на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, производителот и увозникот на тутунски добра се должни да достават до Царинската управа барање за доплата на акциза и врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра.

Оттаму, оспорената одредба не може да се анализа изолирано или сама по себе, односно на начин како што ја толкува подносителот на иницијатувата, туку истата треба да се анализира во контекст на целината на Законот, а особено заедно со членот 42-в од Законот. Ова од причина што оспорената одредба е во насока на реализација на она што е уредено во членот 42-в од Законот, како периодика на настанување на промена на цените на тутунските добра. Исто така, од значење е што законодавецот прави разлика помеѓу момент на настанување на акцизен долг (член 13) и начин на плаќање на акцизен долг (член 44) од Законот.

Врз основа на наведеното во иницијативата неосновано се тврди дека со оспорената одредба се повредувалa сопственоста и слободата на пазарот и претпримништвото утврдени во членот 8 став 1 алинеи 6 и 7, членот 30 и членот 55 од Уставот.

Обврската пак за дополнително плаќање на акцизата се должи на настанатата разлика во цените за затечените залихи на тутунските добра, а имајќи предвид дека стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите, како и износот на акциза на тутун за пушење како фино сецкан тутун секој 1 јули во периодот од 2014 до 2023 година ќе се зголемува (член 42-в ставови 5, 6 и 7). Ова зголемување се одразува и на акцизната вредност на затечените залихи на контролните марки, кои пак, согласно членот 44 став 6 од Законот се пресметуваат од акцизата за една цигара, пура, цигарилос или 1 кг тутун за пушење и податокот за количината наведена на контролната марка.

Врз основа на направената анализа произлегува дека законската обврска за спроведување на попис од страна на производителот и увозникот може единствено да се гледа како обврска за спроведување на евиденциска активност по однос на затекнати залихи на тутунски добра и контролни марки на критичен, со закон определен датум. Обврската за вршење на попис, истите ја имаат и согласно членот 52 од Законот. Исто така, треба да се има предвид дека одредбата има за цел реална наплата на акцизата, како специфичен вид на давачка и остварување на значајната улога на државата во регулирањето на економските токови во државата.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека оспорениот член 42-г од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 6 и 7, член 30 и член 55 од Уставот.

6. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Според Судот наводите во иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со повеќе одредби содржани во Законот за трговските друштва, Законот за трговија, Законот за облигационите односи и Законот за даночната постапка преставуваат барање за оценување на меѓусебната согласност на два или повеќе закони што не припаѓа во надлежност на Уставниот суд. Исто така, Судот не може да оценува согласност на закон со било кој од него понизок правен акт или подзаконски акт, туку надлежноста е поставена во обратна релација подзаконски акт и негова усогласеност со закон, од каде и наводите за оценка на оспорената одредба со Правилникот за водење на сметководство, Правилникот за вршење на попис на средствата и обврските и усогласување на сметковод-ствената со фактичката состојба утврдена со пописот, Правилникот за формата и начинот на водење на евиденција за набавка и продажба на стоките и услугите во трговијата на големо и мало упатуваат на ненадлежност на Судот.

Тргнувајќи од содржината на членот 110 од Уставот Судот оцени дека за овој дел иницијативата се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2014
28 јануари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева