Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јануари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 63 и член 64 алинеја 2 во деловите „или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението“ од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на РМ“ бр.43/2014).
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 63 и 64 алинеа 3 во деловите „или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението“од Законот означен во точката 1 од ова решение. При анализата на текстот од Законот, Судот утврди дека подносителот го оспорува членот 64 алинеа 3, а во суштина се работи за членот 64 алинеа 2 во наведениот дел што ќе биде предмет на оценување на уставноста.
Според подносителот на иницијативата оспорените делови од членовите 63 и 64 од Законот за јавни приходи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 32 став 1 и 2, член 50 став 2, член 51 и Амандман XXI од Уставот. Ова од причина што со оспорените законски делови,биле нејасни, непрецизни и двосмислени со што се оставало можност за нивна различна примена на кој начин се создавала правна несигурност за граѓаните, што не било во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Освен тоа според подносителот со оспорените законски делови овие граѓани – државни службеници биле ставени во нееднаква правна положба, со другите службеници, а особено ако се погледнат одредбите на членовите 62 и 65 од истиот закон, на кој начин се повредувало едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а тоа било правото на еднаквост.
3. Судот на седницата утврди дека според член 63 од Законот за Управата за јавни приходи договор за вработување во Управата за јавни приходи може да се откаже заради утврдена дисциплинска одговорност на даночниот службеник, со денот на конечноста на решението или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението.
Според член 64 алинеја 2 од истиот закон на даночниот службеник ќе му се откаже договорот за вработување: ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос општите и посебните услови за вработување со денот на конечност на решението или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението.
4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.
Според Амандман XXI од Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Според членот 1 став 1 од Законот за Управата за јавни приходи, со овој закон се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и раководење со Управата за јавни приходи, даночните надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата за јавни приходи.
Според ставот 2 од наведениот член, со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на даночните службеници, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на учинокот, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи.
Во членот 2 од Законот е определено дека Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.
Согласно член 10 од Законот со работата на Управата за јавни приходи раководи директор и заменик- директор кои ги именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии.
Во членот 27 од Законот е предвидено дека прашањата во врска со работниот однос на даночните службеници се уредуваат со овој закон, а за сите прашања кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот кој го уредува статусот на административните службеници, како и општите прописи за работни односи.
Во дел II Глава IV. „Даночни службеници“ покрај другите прашања, кои се однесуваат на даночните службеници во членовите од 43 до 57 од Законот е уредено прашањето на дисциплинска одговорност на даночните службеници.
Во членот 43 од Законот е предвидено дека:
(1) Даночниот службеник е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место.
(2) За повреда на службената должност даночниот службеник одговара дисциплински.
(3) Одговорноста за сторено кривично дело, однос но прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на даночниот службеник.
Во членот 44 од Законот се утврдени основите поради кои на даночниот службеник може да му се откаже договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, правилата и прописите на Управата за јавни приходи, актот за систематизација на работните места во Управата за јавни приходи и договорот за вработување.
Согласно членот 45 од Законот, на даночниот службеник може со решение да му се изрече дисциплинска мерка: писмена опомена,парична казна и откажување на договорот за вработување.
Решението за изрекување дисциплинска мерка го донесува директорот(член 51).Решението за изрекување на дисциплинската мерка содржи и образложение за основот и причините за изрекување на дисциплинската мерка.
Согласно член 54 од Законот ,п ротив решението за изрекување на дисциплинска мерка, даночниот службеник има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението. Жалбата го одлага извршувањето до донесување на конечна одлука по жалбата или до истекот на рокот за одлучување по жалбата. Жалбата се поднесува преку Управата за јавни приходи до Агенцијата за администрација.
(2) Управата за јавни приходи е должна жалбата, со придружните списи да го достави до Агенцијата за администрација најдоцна во рок од седум дена од денот на приемот.
Во членот 55 од Законот е предвидено дека за водење на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на даночниот службеник во случаите утврдени со овој закон, директорот формира комисија за утврдување на дисциплинска одговорност.
(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е составена од 54 члена и нивни заменици.
(3) Комисијата од ставот (1) на овој член, постапката за утврдување на дисциплинска одговорност на даночниот службеник ја води согласно со Колективниот договор на Управата за јавни приходи.
Во делот „Престанок на работен однос“ односно во членовите од 61 до 65 од Законот,во кој се поместени и оспорените членови е предвидено дека директорот го прекинува договорот за вработување на даночниот службеник кога истиот ќе ги исполни условите за пензија,д оговорот за вработување престанува да важи ако под условите и на начин пропишани со закон е утврдено дека кај даночниот службеник дошло до губење на работната способност, со денот на доставувањето на правосилно решение за утврдување на изгубената работна способност.
Во членот 63 од Законот е предвидено дека договорот за вработување во Управата за јавни прходи може да се откаже заради утврдена дисциплинска одговорност на даночниот службеник, со денот конечноста на решението или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението.
Според член 64 од Законот на даночниот службеник ќе му се откаже договорот за вработување:
– ако даночниот службеник писмено изјави дека го откажува договорот за вработување,
– ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос општите и посебните услови за вработување со денот на конечноста на решението или со истекот на рокот за одлучување по жалба против решението,
-ако биде оценет со оцена “не задоволува“ два пати последователно или во последните пет години најмалку трипати,
-поради деловни причини и
-во други случаи утврдени со закон.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата наспрема наводите изнесени во иницијативата во врска со оспорените делови од членовите 63 и 64 од Законот кои подносителот ги гледа изолирано сами за себе ,а не во контекст на целината на законот ,Судот оцени дека се неосновани.
Ова од причина што од анализата на целината на Законот,која целина подносителот воопшто не ја имал во предвид, недвосмислено произлегува дека законодавецот многу јасно и децино ги уредил прашањата на дисциплинската одговорност на даночните службеници, формирањето на дисциплинска комисија,водењето на постапката, донесување на решение од страна на директорот на Управата,можноста за подесување на жалба,кој одлучува по жалбата како и прашањето на тоа дека решението станува конечно откако надлежниот орган ќе се произнесе по жалбата или кога ќе истече рокот за поднесување на жалба против решението.
Имајќи го предвид наведеното,Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од членовите 63 и 64 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот,затоа што со нив не се оневозможува остварување на правата од работен однос и судска заштита.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.56/2014
28 јануари 2015 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева