У.бр.119/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 21 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 29 и член 43 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр. 5/2002), член 22 и член 78 од Статутот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.1/2006) и член 59 од Деловникот на Советот на општина Центар.

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законот и актите наведени во точката 1 на ова решение.

Во првиот дел од иницијативата подносителот наведува дека ги оспорува следниве одредби: одредбата од член 29 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи во неа не било предвидено во посебна алинеја следново: „-приговор поднесен во врска со одлука која советот ќе ја разгледува да го постави на дневен ред пред советот“; одредбата од членот 43 од истиот закон бидејќи во неа, како став 3 не било предвидено следново: „членовите на советот за приговор поднесен до нив од граѓанин во врска со одлука која советот ја разгледува должни се да бараат да се постави на дневен ред за советот да се произнесе по приговорот пред да ја донесе одлуката“; одредбата од членот 22 од Статутот на општина Центар, бидејќи во неа како алинеја 3 не било предвидено: „приговор поднесен од граѓанин до него во врска со одлука која советот ја разгледува должен е да бара да се постави на дневен ред на советот да се произнесе по приговорот пред да ја донесе одлуката“; одредбата од членот 78 од Статутот на општината Центар, од причини што во неа како став 3 не било предвидено: „градоначалникот е должен приговорот поднесен во врска со одлука која советот ќе ја разгледува да го стави на дневен ред пред советот“; одредбата од член 59 од Деловникот на Советот на општина Центар се оспорува бидејќи во неа како став 3 не било предвидено: „приговор поднесен од граѓанин во врска со одлука која советот ја разгледува, советот е должен да го постави на дневен ред и да се произнесе по него пред да ја донесе одлуката која ја разгледува и образложено на подносителот да му одговори“.

Во вториот дел на иницијативата подносителот наведува т.н. лични причини за оспорување, како и општи причини за оспорување. Во личните причини за оспорување подносителот наведува дека во постапката за усвојување на измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план за Тасино чешмиче (за што подносителот поднел иницијатива пред Уставниот суд) тој дал 6 забелешки, по кои не му било одговорено и не биле земени предвид, ниту пак биле испратени до Советот, така што по ниту еден од овие приговори советниците не се произнеле.

Во општите причини за оспорување, по цитирањето на одредбите од Законот за локалната самоуправа кои се однесуваат на начинот на одлучување во локалната самоуправа, се наведува дека во случај кога пред Советот на дневен ред е поставено некое прашање за кое Советот треба да одлучи, граѓанинот има право на приговор и во таков случај Советот е должен да го разгледа прашањето пред да ја донесе одлуката во врска со тоа прашање, а на подносителот на приговорот треба образложено да му се одговори за одлуката по повод приговорот.

Во третиот дел од иницијативата, подносителот се повикува на одредбата од членот 9 од Уставот на Република Македонија и наведува дека кога поединец како граѓанин поднесува приговор до градоначалникот по однос на некое прашање за кое што треба да одлучи, тој не е рамноправен со другите граѓани кои можат да поднесат иницијатива, бидејќи согласно законот, советот иницијативата е должен да ја разгледа, што не е случај кога приговорот го поднесува граѓанин како поединец. Градоначалникот морало да биде законски обврзан до го достави приговорот до Советот, кој приговор требало да биде ставен на дневен ред и советот по него да се произнесе, бидејќи во спротивно било ускратено правото на граѓанинот непосредно да одлучува во општините. Бидејќи во Законот за локалната самоуправа не било предвидено Советот да мора да го разгледа приговорот на граѓанинот, граѓанинот бил лишен од правото на ефективен правен лек, кое што право било гарантирано со член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и со член 6 од Конвенцијата.

Во продолжението на иницијативата, подносителот дава приказ на управните и судските постапки што ги водел со цел поништување на двете решенија за приватизација на градежно земјиште донесени од страна на Министерствто за финансии – Управа за имотно-правни работи, во полза на лицето Филиповски Илија, поради приватизирање на дел од улицата на која се наоѓа и куќата на подносителот. На крајот од иницијативата подносителот наведува дека бара Уставниот суд да ги поништи членовите од законот за тој да можел да ги поништи одлуките на Управниот суд и решенијата на Управата за имотно-правни работи кои ќе бидат донесени врз основа на новиот ДУП, како и да ја повтори постапката за измена и дополнување на ДУП за Тасино чешмиче 1.

3. Судот на седницата утврди дека според член 29 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“бр.5/2002), Секој граѓанин има право, поединечно или заедно со другите да доставува претставки и предлози за работата на органите на општината и општинската администрација.
Согласно ставот 2 на овој член од законот, градоначалникот е должен:
– да создаде услови за доставување претставки и предлози;
– најдоцна во рок од 60 дена, од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор и
– претставките и предлозите коишто не се однесуваат на работи од надлежност на органите на општината да ги достави до соодветниот надлежен орган и за тоа да го извести подносителот.

Во оспорениот член 43 е предвидено дека, членовите на советот имаат право и должност да присуствуваат и да учествуваат во работата на советот и на неговите постојани или повремени комисии (став 1). Членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот (став 2).

Судот на седницата исто така утврди дека според членот 22 од Статутот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.1/2006), членот на Советот има право и должност:
– да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од локално значење, како и од значење за граѓаните на Општината;
– да дава иницијативи за донесување на одлуки и други акти од надлежност на Советот, како и да предлага амандмани, на начин и по постапка предвидени во Деловникот.

Во членот 78 од Статутот, исто така е определено дека градоначалникот, во зависност од содржината на претставката, односно предлогот овластува еден или повеќе службеници да постапат по претставката, односно предлогот. Постапувањето по претставката, односно предлогот опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката или за оправданоста на предлогот, како и преземање на потребни мерки за отстранување на евентуална повреда на правото на подносителот или повреда на јавен интерес.

Судот на седницата утврди дека во членот 59 од Деловникот на Советот на општина Центар е предвидено дека дневен ред на седница на Советот се утврдува на предлог на претседателот на Советот на почетокот на седницата, со мнозинство гласови на присутните членови на Советот. (став 1). Во ставот 2 на истиот член од Деловникот е утврдено дека по предлогот на дневниот ред претседателот на Советот ги внесува сите прашања што до денот на свикувањето на седницата му се доставени од страна на градоначалникот или другите предлагачи.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна норма произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од законите, подзаконските акти и другите прописи кои се предвидени и содржани во тие акти и прописи, но нема надлежност да одлучува за тоа што еден закон или пропис не содржел, а трабало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Во иницијативата се оспорува уставноста на Законот за локалната самоуправа, Статутот на општина Центар и Деловникот на Советот на општина Центар од аспект дека не предвидувале одредби какви што според подносителот на иницијативата требало да бидат содржани во овие акти, па поради тоа тие биле спротивни на Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на наводите во иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.119/2014
21.01.2015
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева