Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 21 јануари 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 194 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 29/2014).
2. Андријана Дамјаноска, адвокат од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба била спротивна на член 13 од Законот за наследување во oднос на дел од одредбите, со кои било уредено на вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немале стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство, биле споменати „и родителите” и истите имале право на надоместок на трошоците за закупнина на стан, а тоа претставувало флагрантно кршење на содржината на составот на првиот наследен ред уреден во членот 13 од Законот за наследување. Поради наведените причини оваа одредба не била јасна и прецизна и не оставала можност за поинакво толкување, ниту пак требало да се додаваат зборовите „и родители” што било спротивно на Уставот и тоа било можност за судир или колизија помеѓу споменатите закони во иницијативата. Понатаму, во иницијативата е наведено дека во преамбулата на Уставот се гарантирале човековите права, граѓанските слободи, националната рамноправност се со цел да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта кое било утврдено во членот 28 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 194 став 1 вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата. (став 2) Висината на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член ја утврдува министерот за одбрана во зависност од местото на вршењето на службата.(став 3)
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на иницијативата произлегува дека со оспоренaта одредба на член 194 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија се повредувал член 28 од Уставот, со кој е утврдено дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин и остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредувало со закон, но во иницијативата не се дадени никакви аргументи во однос на тоа. Според наводите во иницијативата оваа одредба била во спротивност и со членот 13 од Законот за наследување и дадените аргументи се сведуваат на тоа дека постои несогласност на одредбите од овие два закони.
Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд да ја оценува согласноста на законите со Уставот како и уставно-судската практика од која јасно произлегува дека Уставниот суд ги отфрлал како ненадлежен иницијативите за оценка на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, односно согласност на одредбите од два закони, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.94/2014
21.01.2015 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева