148/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 3 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012 и 188/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „оваа одредба нема уставна основаност, затоа што овие субјекти не ги третира на ист, еднаков начин, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија. Бидејќи жалбата на даночниот обврзник не го одлага извршувањето на решението, додека пак жалбата на должникот на даночниот обврзник ја одлага наплатата на решението и овој субјект е во привилегирана положба во однос на првиот субјект-даночниот обврзник.“

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека „еднаквоста е начело според кое сите луѓе се рамноправни, односно еднакви во обврските и правата. Уставот и законите мораат еднакво да се применуваат кон сите граѓани, групи и институции, што, во случајот, не е така. Правото на еднаквост пред Уставот и законите опфаќа две елементи: прво, сите граѓани еднакво се третираат во уставниот и законодавните текстови, односно Уставот и законите важат еднакво за сите граѓани и, второ, Уставот и законите еднакво се применуваат кон сите граѓани од страна на државните органи. Ако не се применуваат еднакво, тогаш настапува дискриминација како забрането однесување. Меѓутоа, очигледно законодавецот при нормирањето на оспорената одредба ова не го имал предвид и не го применил.“

Подносителот на иницијативата на крај наведува дека член 73 став 3 од Законот за даноците на имот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага негово укинување или поништување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба е сместена во Третиот дел од Законот насловен како „Утврдување и наплата на даноците на имот“ и во Подделот 6 насловен како „Присилна наплата“.

Во член 73 став 1 од Законот се определува дека „Градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје можат, заради наплата на даночниот долг, да донесат решение за забрана на користење на средствата на даночниот обврзник од неговите сметки, на личните примања од работниот однос и на неговите побарувања, а на носителот на платниот промет, на должникот на даночниот обврзник, односно на исплатителот на личните примања да им наложи средствата да ги уплатат во корист на даночниот долг.“

Според став 2 од истиот член на Законот, „Против решението од ставот 1 на овој член, даночниот обврзник и неговиот должник можат да поднесат жалба до министерот за финансии во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.“

Во оспорениот член 73 став 3 од Законот за даноците на имот се определува дека „Жалбата на даночниот обврзник не го одлага извршувањето на решението, додека жалбата на должникот на даночниот обврзник ја одлага наплатата на решението.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1). „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 33 од Уставот, „секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.“

Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, при што граѓаните се меѓусебно еднакви во слободите и правата, како и пред Уставот и законите. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото, кое се остварува, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, сите други прописи со Уставот и со закон и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Од изнесените уставни одредби произлегува и тоа дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во член 73 став 1 од Законот за даноците на имот се пропишува овластување за градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје, при присилна наплата на неплатените даноци на имот, да донесуваат, покрај другото, решение за забрана на користење на средствата на даночниот обврзник од неговите сметки, на личните примања од работниот однос или на неговите побарувања , како и за наложување на должникот на даночниот обврзник средствата од долгот да ги уплатат заради подмирување на даночниот долг. Според тоа, присилната наплата на неплатените даноци на имот можат да се наплатат од даночниот обврзник директно (од неговите сметки, од личните примања од работниот однос или од неговите побарувања) или индиректно (од долгот што го има трето физичко или правно лице кон даночниот обврзник).

При таква различна положба на даночниот обврзник, од една страна, и на должникот на даночниот обврзник, од друга страна, во врска со присилна наплата на даночниот долг на даночниот обврзник, Судот утврди дека различноста на дејството на нивните жалби е последица на нивната различна положба во таа постапка. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 73 став 3 од Законот со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 51 од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.148/2014
21 јануари 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева